1968: револуцијата за која е прерано да се суди

22.04.2019 01:03
1968: револуцијата за која е прерано да се суди

Педесетгодишнината од настаните од 1968-та не предизвика бура од емоции. Секако, не мислам на културни и академски комеморации. Деполитизираниот дух на 1968-та и натаму ги инспирира уметничките изложби и академските конференции, кои пак се сосема беспомошни кога е во прашање политиката. За разлика од другите големи револуции од минатото, баучот од 1968 не е оживеан во борбите на нашите современици и не само што никој не полага право на нејзиното наследство, туку тоа е и извор на срам. Елитите на Западот 1968-та ја доживуваат повеќе како место за консензус отколку причина за загриженост, зашто таквите настани имаат единствен потенцијал, и покрај нашите претпоставки, да ја афирмираат старата конзервативна идеја според која револуциите само го зајакнуваат она на кое му се спротивставуваат.

Наместо да му стави крај на капитализмот, 1968-та му всади нов елан, инвентивност и енергија за индивидуален бунт. Успешно совладувајќи го жаргонот на протестите кај младите кои се одиграа пред педесет години, денешната про-пазарна идеологија е двигател на дивјачки напади на предвидливоста и секојдневието, за креативно да ја колонизира иднината. Во книгата Новиот дух на капитализмот, француските социолози Лук Болтански и Ев Чиапело немилосрдно аргументираат на кој начин радикалната критика на системот е искористена за негова ревитализација. Бунтот против повоениот бирократизиран капитализам од шеесеттите му го отстапи местото на триумфот на неолибералниот „проективен град“, вкоренет во пазарната дерегулација и приватизацијата на јавната сфера. Духот на протестите е трансформиран во нов „дух“, чии методи беа уште побездушни.

Изминативе децении повторно сме сведоци на фантазмагориската конверзија на вредноста на 1968-та во нејзина чиста спротивност. „Личното ослободување“ сега подразбира незауздана желба за индивидуален успех, додека креативната трансфигурација на животот се редуцираше на обична „креативност“, најбараната стока во градот. Самата идеја за револуцијата е изгубена, лишена од каква било општествена промена и сведена на промоција на оние сили кои со помош на спин-доктори настојуваат да им се претстават на дезориентираните гласачи како нешто „ново“ (да се присетиме на изборните „револуции“ на Обама и Макрон). Бизнисменот некогаш беше мрачна фигура која им стои на патот на младоста и имагинацијата. Сега му е доделена улога на бунтовник на нашето време, сонувач и утопист, што како пример може да се види во личностите како што се Марк Цукерберг и Павел Дуров.

За Новата левица од далечната 1968, ослободувањето на свеста не значеше ништо повеќе од еманципација на животот од отуѓеното општество кое го поробило. Со доведување во прашање на семоќните „околности“ кои ја детерминираат егзистенцијата, поединецот престанува да биде заробен од нив. Практичните револуционери не би требало само одлучно да дејствуваат, туку првенствено треба да се ослободат од илузиите и, како што се вели, да го посматраат светот одново, за да престанат да бидат соучесници во неговата репродукција. Западната Нова левица понуди широк распон практики за ослободување на умот, од учествување во герилски акции, до неалиенирано „психогеографско“ истражување на урбаните простори, од колективно самообразование кое ги отфрлаше универзитетските хиерархии, до експериментирање со ЛСД.

Дури и во последниот пример, најнеотпорен на критика, можеме јасно да ја трасираме трансформацијата на механизмот за спротивставување на реалноста во механизам за помирување со неа. Зборувам за микродозирањето, секојдневна регулирана консумација на наркотици која во моментов е распространета меѓу креативните жители на Силиконската долина. Микродозирањето не претставува само лесна варијација на изворната цел на консумирањето наркотици, туку фундаментално ја измени нивната смисла. Благите дози ЛСД нема да го променат вашиот став за светот, но ќе ви помогнат да ја зголемите својата индивидуална компетитивност во светот кој постои во моментов.

Консумирањето марихуана некогаш се сметаше за антисистемски чин и беше цврсто поврзано со шеесеттите и хипи движењето, а поместувањата за нејзина легализација во САД на површината се доживуваат како уште една одлучна победа на ослободените умови над тамошниот превалентно репресивен, пуритански и конзервативен ментален склоп. Меѓутоа, парадоксално, легализацијата на марихуаната денес впрочем подразбира предизвикување на традиционалните американски слободнопазарни вредности и индивидуална одговорност на потрошувачите. Замаскирана на овој начин, таа е во незначителна дискрепанција со аргументите со кои се заговара неограничена продажба на оружје и цигари.

И покрај тоа, микродозирањето може да послужи како метафора за она што им се случи на повеќето еманципаторски идеи од шеесеттите. Борбата на малцинствата за признавање, која нераскинливо беше поврзана со барањето за севкупен општествен и политички напредок, во својата микродозирана варијанта, резултираше со формална и лицемерна консолидација на таканаречената политичка коректност. Наместо уништување на границите кои ги генерира системот меѓу мнозинствата и малцинствата, политичката коректност едноставно ги утврдува, додека примената на политички коректен, нерепресивен јазик станува привилегија на малцинството образовани и просветлени. Сите не се примени во светот на ослободените умови. Револуцијата навидум е спроведена на универзитеите и културниот домен, додека, од друга страна, сосема ги заобиколи пониските класи.

Токму културните дистинкции, зајакнати со микродозираниот дух од 1968-та, на денешните десни популисти во Европа им овозможија во името на обичните луѓе да ги напаѓаат мултикултурализмот и политичката коректност, а на сметка на фактот таа идеја денес да ја претставуваат само како апологија на статус кво-то, на тој начин предизвикувајќи го растечкото незадоволство одоздола.

И покрај фактот дека 1968-та не остави речиси никаков белег во денешна Русија, нејзината нормализирачка улога мошне успешно ја презема носталгичниот култ кој преовладува во руската култура веќе неколку векови, создаден како последица на затоплувањето на Хрушчов. Модерниот мит за Затоплувањето парадоксално ги комбинира антисоветските (модернизмот, личната слобода, космополитизмот, антисталинизмот и триумфот на индивидуалноста) и советските (летот на Гагарин во вселената, статусот на Русија како суперсила) елементи. Изгледа дека актуелниот руски режим функционира како медиум на оваа синтеза, овозможувајќи им мирен соживот на таканареченото патриотско мнозинство и образованите класи.

Помирувачкиот мит за Затоплувањето го храни и најмилиот сон на либералната интелигенција за реформирање на општеството по биолошки, природен, а не политички пат. Транзицијата од ужасот на сталинизмот во кралството на младоста и слободата, како што се претставуваат советските шеесетти години во современите филмови и изложбите, се доживува како природна, како промена на генерациите или годишните времиња.

Денес, додека ја одбележуваме педесетгодишнината од 1968-та, би можеле да помислиме дека духот кој завладеа со неа не се залагаше за ништо помалку од капитулација, лицемерно претставувајќи се како победа. Меѓутоа, ваквата песимистичка состојба на нештата не може да послужи како основа за конечен суд. Наследството на 1968-та од Париз до Варшава, од Прага до Исламабад, од Рим до Мексико Сити - е испреплетено со револуции за чии резултати сѐ уште е прерано да се суди. Меѓутоа, за да може изместената, автентична револуција од 1968-та - борба против подредувањето на човечкиот живот на опсцените на успехот и продуктивноста - во својата нова генерација повторно да биде релевантна, мора да ја прифатиме трагедијата на нејзиниот историски пораз. Најпосле, ослободувањето од илузиите не е загуба, туку добивка.

Извор: https://www.opendemocracy.net

Слични содржини

Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото