Мажот со меморија

17.06.2019 07:15
Мажот со меморија

  Познавав еден маж, тој го знаеше целиот возен ред напамет, зашто единственото нешто што му приредуваше радост беа возовите, и така тој го минуваше своето време на железничката станица, гледаше како пристигнуваат возовите и како заминуваат. Им се восхитуваше на вагоните, на снагата на локомотивите, големината на тркалата, им се восхитуваше на кондуктерите кога ќе скокнеа и на шефот на станицата.

Го познаваше секој воз, знаеше од каде доаѓаше, накај каде одеше, кога ќе пристигне некаде и кои возови ќе тргнат оттаму и кога ќе пристигнат.

Ги знаеше броевите на возовите, знаеше во кои денови возат, дали имаат вагон-ресторан, дали ги чекаат другите приклучни возови или не. Знаеше кои возови имаат и вагони за пошта и колку чини билетот за Фрауенфелд, за Олтен, за Нидербип или каде и да е.

Не одеше во кафеани, не одеше в кино, не одеше на прошетки, не поседуваше велосипед, ниту радио, ниту телевизор, не читаше весници, ниту книги, а да добиваше писма ни овие немаше да ги чита. За тоа му недостигаше време, зашто своите денови тој ги минуваше на железничката станица, и само кога се менуваше возниот ред, во мај и во октомври, исчезнуваше на неколку недели.
Тогаш седеше дома на својата маса и учеше наизуст, го читаше новиот возен ред од првата до последната страница, ги запаметуваше промените и им се радуваше.

А се случуваше и некој да го праша за времето на поаѓање. Тогаш ќе му се озареше лицето и сакаше точно да знае која е крајната цел и кој го прашува, одлучно го испушташе времето на поаѓање, зашто не сакаше да го остави на раат прашувачот, не се задоволуваше со тоа само да го каже времето, веднаш го кажуваше бројот на возот, бројот на вагоните, можните приклучоци, времето на возење; објаснуваше дека со овој воз би можело да се отпатува до Париз, каде во тој случај би морал да се прекачи патникот и кога би пристигнал, и не сфаќаше дека тоа луѓето не ги интересираше. Но кога некој ќе го оставеше да стои таму и ќе си продолжеше по патот, пред тој да му го изнесе сето свое знаење, се налутуваше, ги пцуеше луѓето и им довикнуваше: „Немате поим од возови!“

Тој лично никогаш не се качуваше во некој воз.
Тоа не би имало ни смисла, велеше, зашто и онака однапред знаел кога ќе пристигне возот.

„Само луѓе со лоша меморија патуваат со воз“, велеше, „зашто кога, како мене, би си ги запаметиле времињата на поаѓање и на пристигнување, не би морале да патуваат за да го доживеат времето“.

Се обидов да му објаснам, реков: „Но постојат луѓе кои му се радуваат на патувањето, уживаат да се возат во воз и да гледаат низ прозорецот и да гледаат покрај што поминуваат“.

Тогаш се налути, зашто мислеше дека сакам да го исмеам, па рече: „И тоа стои во возниот ред, поминуваат покрај Лутербах и Дајтиген, покрај Ванген, Нидербип, Ензинген, Обербухзитен, Егеркинген и Хегендорф.“

„Можеби луѓето се возат со воз, бидејќи сакаат да појдат некаде“, реков.

„Ни тоа не може да е вистина“, рече, „зашто речиси сите некогаш повторно се враќаат, а постојат дури и луѓе кои секое утро се качуваат и секоја вечер се враќаат тука – колку лоша меморија имаат тие“.

И почна да ги пцуе луѓето на железничката станица. Им довикуваше: „Идиоти, немате никаква меморија.“ Им довикуваше: „Ќе поминете покрај Хегендорф“, и веруваше дека така им го расипува расположението.

Извика: „Вие глупаку, па вчера се возевте.“ А кога луѓето само се смееја, почна да ги повлекува од прагот на возот и да ги премолува да не се возат со возот.

„Јас можам сѐ да ви објаснам“, вресна, „во 14 часот и 27 минути ќе поминете покрај Хегендорф, точно знам, и самите ќе видите, за џабе си ги фрлате парите, сѐ си стои во возниот ред.“

Веќе се обиде и да ги тепа луѓето.

„Кој не сака да слуша, мора да почувствува“, извика.
Тогаш на шефот на станицата не му преостана ништо друго освен да му каже на мажот дека ако не се однесува примерно ќе мора да му забрани да доаѓа на железничката станица. И мажот се преплаши, зашто не можеше да живее без железничката станица, и не изусти ни збор повеќе, цел ден седеше на клупата, гледаше како пристигнуваат возовите и како поаѓаат возовите, и само одвреме-навреме ќе си прошепотеше неколку бројки, и ги гледаше луѓето и не можеше да ги разбере.

Тука всушност на приказната би ѝ бил крајот.

Но по многу години на железничката станица се отвори биро за информации. Таму седеше службеник во униформа зад шалтерот и на секое прашање за железницата имаше одговор. Мажот со меморијата не веруваше во тоа, и секој ден одеше во новото биро за информации и прашуваше нешто многу комплицирано, за да го испита службеникот.
Праша: „Кој број го има возот кој во неделите во 16 часот и 24 минути лете пристигнува во Либек?“

Службеникот отвори една книга и го кажа бројот.

Праша: „Кога ќе бидам во Москва ако тргнам оттука со возот во 6 часот и 59 минути?“, и службеникот му кажа кога.

Тогаш мажот со меморијата појде дома, ги изгори своите возни редови и заборави сѐ што знаел.

Но следниот ден го праша службеникот: „Колку скалила имаат скалите пред железничката станица?“ а службеникот рече: „Не знам“.

Сега мажот трчаше низ целата железничка станица, скокаше од радост и извикуваше: „Тој не знае, тој не знае“.
И појде таму и ги изброја скалилата на скалите пред железничката станица и си го врежа бројот во меморијата, во која сега веќе немаше времиња на поаѓање.

Потоа веќе никој не го виде на железничката станица.
Сега тој одеше низ градот од куќа до куќа и ги броеше скалилата и ги запаметуваше, и сега знаеше бројки кои не стоеја во ниедна книга на светот.

Но кога го знаеше бројот на скалилата во целиот град, дојде на железничката станица, отиде на шалтерот, си купи билет и за првпат во својот живот се качи во воз, за да отпатува во друг гради и таму да ги изброи скалилата, и потоа продолжи да патува за да ги изброи скалилата во целиот свет, за да знае нешто што не го знае никој и што ниеден службеник не може да го прочита во книгите.

Превод: Ксенија Чочкова

ОкоБоли главаВицФото