Спорот на САД и Кина ќе има тешки последици за глобалната економија

22.08.2019 01:12
Спорот на САД и Кина ќе има тешки последици за глобалната економија

Трговските партнери на САД се на крстопат. Американската трговска војна со Кина прејде во заканувачка несигурна фаза откако министерството за финансии на САД ја означи Кина како „манипулатор со валути", како одговор на слабеењето на кинеската валута која за првпат од 2008 година, падна на 7 јуани за долар.

Пекинг дозволи да падне вредноста на валутата што веројатно е стратешки одговор за да ја врати својата трговска предност и да ги минимизира негативните ефекти од следниот бран царини кои ги воведува американскиот претседател Доналд Трамп: дополнителни 10 отсто на кинески производи во вредност од 300 милијарди долари кои стапуваат на сила следниот месец. Ако се имплементираат, речиси целиот американски увоз од Кина ќе биде покриен со царини. Во моментов САД наплаќа 25 отсто царини на кинеска стока во вредност од 250 милијарди долари.

Ако САД продолжи по овој деструктивен пат, тоа ќе има последици и проблеми во глобалната економија и иднината на меѓународната трговија. Воведување на ад-хок мерки и квоти како трговска одмазда, понатамошно зголемување на царини и намалување на вредноста на валутите е само почеток.

Глобални реперкусии

Со понатамошна ескалација, Кина може да ги продаде американските владини обврзници, да ги намали цените, да го дестабилизира американскиот финансиски систем и да ја искористи како „оружје“ „својата позиција како најголем странски доверител на американската влада". И покрај тоа што Кина во март продаде 20,5 милијарди долари американски обврзници, што е најмногу во последниве две години, земјата останува најголемиот странски сопственик на американски владини обврзници во вредност од 1,12 трилиони долари. Во свет воден од реципроцитет, ова би имало глобални реперкусии.

Од 2018, кога Трамп реши да го намали американскиот трговски дефицит со Кина, двете земји влегоа во одмаздничка трговска размена според принципот „како ти мене, така јас тебе" – која многу бргу ескалираше во трговска војна со негативни последици. Трговска војна сама по себе е опасна заблуда заснована врз нула исход, каде што добивката на една земја од меѓународната трговија значи загуба за некоја друга земја.

Трговските партнери на Америка не мора да чекорат по тој пат. Ним им е достапна и друга стратегија. Тие на зголемувањето на царините од страна на САД може да одговорат со намалување на тарифи и пречки за царинење. Тоа трговијата ќе ја пренасочи од САД кон други земји и треба да се оствари преку билатерални и мултилатерални трговски договори кои ќе бидат конзистентни со правилата на Светската трговска организација.

Предводено од групата на Г20, Меѓународниот монетарен фонд и Светската трговска организација, креирањето на таков пат на трговија бара не само соработка за да се максимизира материјалната благосостојба базирана на трговија која се води по дефинирани правила, туку и за да се обезбеди социјалното добро на погодените граѓани. Ревитализацијата на еден кохерентен систем има за цел да промовира тргување, а не да го опструира со заедничката надредена цел секоја вклучена земја да излезе подобра од процесот.

Потребна е соработка

Таквиот начин на создавање трговија не бара смисла за алтруизам или грижа надвор од интересите на нацијата. Трговијата сепак не постои сама за себе, туку повеќе е инструмент за унапредување на благосостојбата на луѓето во рамки на напредни општества. Трговијата бара соработка со мултинационални институции, особено со Г20, кои придонесуваат за 80 проценти од глобалниот БДП, три четвртини од глобалната трговија и две третини од светската популација, а ги вклучува и двете економски суперсили, САД и Кина, за разлика од Г7 или други регионални групи на пример. Оваа трговска војна има глобални импликации, а САД фатени во вртлогот на реципроцитетот, нѐ водат по опасен пат. Трговските партнери на Америка сеуште може да го сменат курсот. Но, ако се оди уште надолу по патот на уништување на трговијата, враќањето назад веќе нема да постои како опција. Тоа е аспектот што треба да се земе во предвид. Дури САД и да не можат да го согледаат тоа, светот може.

Денис Ј. Сноуер е основач и претседател на иницијативата Глобални солуции, професор по економија на Школата Херти за раководење , бил претседател на институтот Кил за светска економија и е партнер истражувач во Центарот за истражување на економски политики во Лондон, на Институтот за иднината на работата во Бон и на ЦЕСифо во Минхен.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото