Брегзит и неолиберализмот

28.09.2019 01:06
Брегзит и неолиберализмот

На прв поглед целата работа изгледа несфатливо. Зошто да се ризикува сè заради брегзит без договор? Разградување на сопствената партија, губење на парламентарното мнозинство, распад на Обединетото кралство, руинирање на стопанството, недостиг на храна и лекови: како за една конзервативна и унионистичка партија целта би можела да биде вредна за сите овие губитоци? Какво добро им носи тоа?

Точно е, некои луѓе ќе профитираат. Судејќи според неодамнешните донации за Конзервативната партија, некои многу богати луѓе ја поддржуваат политиката на Борис Џонсон. Брегзит без договор би можел да им користи на хеџ фондовите кои живеат од неизвесноста, на финансиерите кои се обложуваат на падот на фунтата, на лешинарските капиталисти кои се надеваат дека крахот на пазарот ќе им овозможи евтини недвижности. Но бројот на победници секако ќе биде значително помал од бројот на губитници, меѓу кои се и многу моќните пазарни интереси.

Грешиме кога претпоставуваме дека парите се главната мотивација за ваквата политика. Нашите нереформирани, корумпирани и корумпирачки системи на политичкото финансирање е значаен фактор, но она што е поважно од сè е идеологијата. А успешно спроведената идеологија е патот до моќта. Не може да поседувате вистинска моќ над другите луѓе доколку не можете да го обликувате начинот на кој тие се однесуваат врз основа на тоа што мислат. Долгорочните интереси на идеологијата се разликуваат од краткорочните интереси на политиката.

Сметам дека тоа е клуч за разбирање на она што денес се случува. Брегзит екстремистите кои седат во владата не се само тоа, тие се и неолиберални екстремисти, а брегзит е исклучително ефектен начин за промоција на оваа пропадната идеологија. Тој е врвот на доктрината на шокот, на употребата на вонредната ситуација за наметнување на политики кои во обични времиња би биле неприфатливи. Без оглед на тоа дали тие навистина сакаат брегзит без договор или не, самата закана што тој ја создава, отвора простор за нивните идеи.

Неолиберализмот е идеологија која ја развивале луѓе како Фридрих Хајек и Милтон Фридмен. Тој не е само збир идеи за слободен пазар, туку фокусирана дисциплина, смислено применета ширум светот. Компетитивноста тој ја третира како основна човечка карактеристика, граѓаните ги гледа како потрошувачи, а „пазарот“ како основен принцип за организирање на општеството. Според неолибералното мислење, пазарот нè распределува во природна хиерархија на победници и губитници. Каков било обид на политичка интервенција ги пореметува принципите на овој поредок.

Неолиберализмот го прифатија Маргарет Тачер, Роналд Реган и многу други подоцнежни влади. Тие се обидоа да ја спроведат оваа доктрина намалувајќи ги даноците, приватиризирајќи ги јавните служби и правејќи им аутсорсинг, укинувајќи ги јавните заштитити, газејќи ги синдикатите и создавајќи пазари таму кадешто порано не постоеле. Оваа доктрина е наметнувана од страна на централните банки, ММФ, договорот од Мастрихт и Светската трговска организација. Укинувајќи ги политичките избори, владите и меѓународните тела створија некој вид тоталитарен капитализам.

Оваа идеологија пропадна мерено според нејзините сопствени аршини, но и на многу други начини. Наместо подобрување за сите неолибералната ера донесе побавен економски раст, додека најголемиот дел од нејзините плодови ги собраа богаташите. Наместо да го поттикне претприемаштвото оваа ера се претвори во златно доба на рентериерите. Наместо да ја елиминира бирократијата таа создаде кафкијански систем на налудничави дикатати и ограничувачка контрола. Ја поттикна еколошката, социјалната, политичката, економската и финансиската криза, која кулминираше со крахот во 2008 година. Па, сепак, можеби затоа што нејзините противници не умееја да произведат нов и убедлив наратив, оваа идеологија и натаму доминира со нашите животи.

Нималку изненадувачки, луѓето реагираа на ова затварање на политичките избори и мноштвото придружни катастрофи. Но, бидејќи неолиберализмот, во поширока смисла, го прифатија не само партиите на десницата, туку и демократите во САД, новите лабуристи во Велика Британија, како и многу слични партии, не преостанаа многу други алтернативи. Многумина се свртија кон национализмот и нативизмот. Новата политика која ја претставува Борис Џонсон го вклучува и неолиберализмот и реакцијата на него. Есенцијалистите со жар во очите, како Доминик Раб, Лиз Трас и Саджид Џавид, сè уште се обидуваат да ја имплементираат оваа идеологија во нејзиниот најекстремен облик. Од друга страна, опортунистите како Џонсон, Мајкл Гав и Прити Пател им се обраќаат на оние кои бараат жртвени јарци за катастрофата што таа идеологија ја остави зад себе.

Џонсон користи неолиберални рамки за да ги оправда своите напади врз јавната безбедност. Тој сака да ги собори еколошките стандарди, да создаде слободни пристаништа во кои бизнисот може да ги избегнува даноците и регулациите и преку ноќ да склопи трговски договор со САД кој, изгледа ќе ги укине правилата на хуманиот третман на животните и ќе го загрози опстанокот на Националната здравствена служба.

Џонсон беснее против одвишните бирократски стеги, но вистински ограничувачки стеги се создаваат со меѓународните трговски договори за кои тој се залага, договори кои ги прават речиси невозможни демократските промени, преку правилата што го штитат капиталот од демократските предизвици, го префрлаат одлучувањето од парламентите на оф – шор судовите и кои никому не му даваат отчет („спогодби помеѓу инвеститрот и државата“). Тоа го објаснува и фактот што дел од левицата го поддржува брегзит во уверување дека излегувањето од ЕУ подразбира спас од принудата на инструментите на меѓународната трговија. Во стварноста, ова излегување ќе нè изложи на нешто уште полошо: преговори со САД во кои велика Британија влегува со испружена рака што проси.

Како што тврди професорката по политичка економија, Еби Инис, неолиберализмот денес ја достигнал својат брежњевска фаза: „закостување, корупција и безидејни политички бранувања“. Како ленинизмот, неолиберализмот за себе тврди декае непогрешлива наука. Неговиот судар со сложеноста на реалниот свет предизвика политичка склероза многу слична на онаа од времето на пропаѓањето на советскиот комунизам. Заради тоа „единствен начин денес да се доврши неолибералната револуција е она што се одвива под маската на други проекти: брегзит е идеален за тоа“.

Вонредните ситуации се последното исходиште на апсолутистичкиот и пропаднат систем. Но тие се и последното средство за неговата одбрана и обнова.

Слики: Nate Kitch

Извор: The Guardian