Активисти го обоија британското Министерство за финансии со црвена боја

04.10.2019 01:45
Активисти го обоија британското Министерство за финансии со црвена боја

Активисти кои се борат против климатските промени, користејќи црево од противпожарно возило, ја обоија фасадата на британското Министерство за финансии во црвена боја.

Актот, велат тие, е обид да се привлече вниманието на јавноста кон владиниот неуспех да спречи целосна климатска катастрофа.

Активистите го паркирале камионот, купен на „Ebay“, пред Министерството и со помош на цревото испрскале повеќе од 1800 литри црвена боја која „Бунт на истребувањето“ („Extinction Rebellion“), организацијата во која активистите членуваат, ја нарекуваат „лажна крв“.

На ѕидот на зградата тие, исто така, со спреј напишале: „Сопрете го финансирањето на климатската смрт“, кој стоел и на транспарент закачен на камионот.

Власта и државните институции, велат активистите, се грижат само за економскиот развој и целосно ги игнорираат потребите од преземање било какви акции против климатските промени.

„Не гледаат дека вечен економски развој води кон климатска пропаст“, вели Бен, еден од активистите кои беа дел од актот.

„Црвената боја е симбол на луѓето кои умираат поради климатските промени, но и на сите нас кои наскоро ќе почнеме да умираме ако не преземеме ништо.“, додава тој.

Полицијата соопшти дека уапсила четворица поради сомнеж за предизвикување материјална штета. 

„Extinction Rebellion“ е група активисти кои преку ненасилна граѓанска непослушност, сакаат да ги свртат очите на јавноста кон владините институции. Од нив бараат целосно да се намали испуштањето јаглерод диоксид и да ја спречат климатската криза која, како што велат од организацијата, ќе доведе до масовна глад и колапс на општеството.

Во април, оваа активистичка група организираше протести кои траеја 11 дена и го блокираа поголемиот дел од Лондон. Воедно тоа беше и најголемиот акт на граѓанска непослушност во поновата британска историја.

 Извор: Reuters

ОкоБоли главаВицФото