Медиум на друм (7): Ги Дебор

09.12.2019 21:10
Медиум на друм (7): Ги Дебор

ОПШТЕСТВО НА СПЕКТАКЛОТ

Спектаклот е степен на кој стоката успева да го колонизира целиот општествен живот. Комодификацијата не е само видлива: ние веќе не гледаме ништо друго. Светот што го гледаме е светот на стоката.

***

Сиот живот во општествата во коишто владеат модерни услови на производство, се објавува како голема акумулација на слики. Сè што непосредно се доживувало, се оддалечило во претстава.

Спектаклот не е само збир од слики; тоа е општествен однос меѓу луѓето посредуван со слики.

***

Спектаклот е капитал во таков степен на акумулација во којшто тој станува слика.

***

Во стварно испревртениот свет вистината е момент на лага.

***

Не одевме по телевизии за да ги објавиме своите откритија. Никогаш не баравме субвенции за научни истражувања или наклонетост на интелектуалците кои пишуваат за весници. Само долевавме бензин таму каде што буктеше оган.

Ги Дебор, Општество на спектаклот, 1967

ГИ ДЕБОР

Ги Дебор (Guy Louis Debord, 1931 – 1994), самопрогласениот лидер на Ситуационистичката Интернационала, е „виновникот“ за долговечноста и високиот степен на провокативност што ја имаат идеите прокламирани од него и од другите ситуационисти.

Брилијантен, но со доза на автократичност, Дебор обезбеди обединување на ситуационистичките ставови и практики, но го уништи нивното проширување во оние насоки кои не беа експлицитно во дослух со идеите што ги застапуваше. Неговото дело, Општество на спектаклот, ќе биде забележано како еден од најзначајните теориски одгласи за современиот капитал, за културниот империјализам и за улогата на контемплацијата во воспоставувањето на општествените односи.

После растурањето на Ситуационистичката интернационала, Дебор беше обвинет за вмешаност во организирањето на атентатот на неговиот пријател и издавач Жерар Лебовиц. Обвинувањата го разбеснеа Дебор и тој, како израз на протест за ваквиот однос кон него, забрани да се прикажуваат неговите филмови во Франција додека е жив.

Продолжи со пишувањето и во 1989-та ги издаде своите Коментари кон Општество на спектаклот, полемизирајќи и тврдејќи дека она што напишал во 1967-та уште е точно и вистинито, само со еден голем исклучок: општеството на спектаклот добива нова форма - форма на интегриран спектакл.

Во 1994-та, на 62 години, Ги Дебор се самоубил. Француските медиуми, кои секогаш го омаловажувале неговото значење, одеднаш виделе корист во тоа од него да направат „ѕвезда“.

Повеќе за Општество на спектаклот во Медиум на друм (8)


Гиф: Димитар Грчев

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото