Писателот и тајниот агент, Џон Ле Каре за патриотизмот и национализмот

14.12.2019 01:17
Писателот и тајниот агент, Џон Ле Каре за патриотизмот и национализмот

Кога на почетокот на шеесетитте години, Џон Ле Каре ги предводел агентите на британската разузнувачка служба MI6, постоеле одредени квалитети кои се барале од кандидатите за оваа служба. Тие требало да бидат друштвени, шармантни на коктел забавите, да знаат кога да прекинат со пиење. Но пред сè, да го сакаат „чувството на разбојништво“, како што ни кажа Ле Каре, во разговорот што го водевме во неговиот дом во Лондон. „Некој кој ужива во авантури и нема скрупули кога се во прашање мали работи“.

Во својот нов роман, „Agent Running in the Field“, чиешто дејствие се одвива во модерна Британија, на главниот лик Нејт, ќерката му префрла дека нема морал. „Во име на државата кон која имаш сериозно резервиран став, дури многу сериозно, ги убедуваш луѓето од друга националност да ги предадат сопствените држави“, му вели таа на својот татко.

Нејт се брани со аргументот кој, како што признава Ле Каре, и тој самиот би го употребил: „Не мислам дека кого било сум убедил да направи нешто што самиот не сакал. Мислам дека само сум им овозможил да го сторат тоа и сум им обезбедил заштита“, вели Ле Каре.

Овој морално контроверзен свет на шпионите е местото каде Ле Каре и натаму го оди својот книжевен пат.
Книгата „Agent Running in the Field“ е објавена во октомври и е негов 25-ти роман. Го напишал две години по „A Legacy of Spies“, а новиот роман покажува дека Ле Каре нема намера да сопре иако има 88 години.

„Немам никаква друга активност за опуштање. Потполно сум задоволен само кога пишувам. Но, исто така, ме стимулира и ме соблазнува патот по кој тргнала мојата земја“, вели Ле Каре.

Агентот се занимава со брегзит и со актуелниот британски премиер Борис Џонсон.

На крајот на педесетитте години на минатиот век, Ле Каре предавал странски јазици на Итон, елитниот машки интернат во Британија. Таму стекнал увид во културата од која потекнала цела редица политичари.

„Таму сретнав десетици Џонсони. Итон прави една извонредна работа. Не те учи како да управуваш, туку те учи да победуваш. За тоа се работи“, раскажува Ле Каре.

Како и во претходниот роман и овој најновиот се занимава со делузиите на остарените шпиони кои му го свртеле грбот на британскиот естабилишмент по многу години верна служба бидејќи исчезнале целта и идеалите од кои некогаш се воделе.

Постои цела редица работи во врска со овој таен свет кои се шокантни и непријатни, но во времето кога јас таму работев, барем постоеше мотив. Тој мотив, се разбира, беше да се победи во Студената војна, судир кој се водеше помеѓу две спротивставени идеологии“, објаснува Ла Каре.
Тој „таен свет“, тој првпат го искусил во 1949 година кога имал само 17 години и побегнал од интернатот во Британија.

Се нашол во Берн, Швајцарија, каде му запнал за око на швајцарскиот огранок на MI6, додека студирал странски јазици на локалниот колеџ. Наскоро почнале да го ангажираат за помали работи.

„Тогаш не бев до крај свесен за кого работам, но бев исполнет со чувството на извидничка лојалност, бидејќи во моето дотогашно искуство. На таа возраст мислев дека војната произвела само херои, мажи – херои, учители кои од војната се вратија во униформи.

Контрастот помеѓу Ле Каре и неговиот татко Рони, чијшто живот бил инспирација за романот A Perfect Spy (1986), не можел да биде поголем.

„Немав конвенционално воспитување“, вели Ле Каре, кој избрал писателски псевдоним во француски стил кој одговара на неговото вистинско име - Дејвид Корнвел. „Морав самиот да изградам своја етика и систем на морални вредности“.

Дејвид Корнвел, Хамбург, 1964 г.

По завршувањето на колеџот, Ле Каре две години поминал во војска и имал задача да ги надгледува британските агенти во деловите на Австрија што ги зазеде Советскиот сојуз. Потоа се вратил во Британија каде почнал да работи во MI5, домашниот огранок на британската безбедносна служба. По студиите на Универзитетот Оксфорд и професорската работа во Итон, во 1960 година го регрутирала службата MI6.

Службата ја напуштил во 1964 година за да целосно се посвети на пишувањето откако неговата писателска кариера доживеала неверојатен подем по објавувањето на неговиот трет роман „The Spy Who Came In From the Cold“.

Овој роман бил инспириран од периодот кој Ле Каре го поминал координирајќи ги агентите кои работеле помеѓу Источна и Западна Германија. Од тоа време му останала љубовта кон германската култура и јазик. Тој верува дека по уривањето на Берлинскот ѕид во 1989 година направена е историска грешка и е пропуштена важна прилика.

„Немаше ниту еден голем лидер кој ќе излезе да каже: „Слушајте, ова е момент да го промениме светот! А потоа нè зафати попладневна дремка“.

Ле Каре е гневен што истата работа се случува сега во Британија, односно со брегзит кој има уште поштетни последици. „Сè почна во тие големи наследени куќи во Англија“, вели тој. „Тоа е брегзит фантазијата, носталгијата по сомнежот кон Германецот и кон Французинот и кон оние момци кои не беа од голема корист во војната, според местото каде се родени“.

Во „Agent Running in the Field“ исходот од брегзит овозможува „прикриен англоамерикански сојуз со двојна цел да ги поткопа демократските институции на Европската унија и да ги демонтира нашите меѓународни тарифи за трговија“.

Звучи претерано? Британскиот новинар Миша Глени, кој работел како консултант при пишувањето на романот за прашањата на чешката и руската геополитика, е импресиониран колку често Ле Каре е неколку чекори пред да се случат работите.

„Кон крајот на деведесеттите го напиша романот ‘Single & Single’, кој беше неверојатно прониклив во поглед на економското влијание што ќе го има врз светот крахот на Источна Европа и Советскиот сојуз“, вели Глени.

Ле Каре додава: „Соработувавме со Европа 47 години и ветивме дека за тие 27 држави ќе бидеме тука и во добро и во зло. Сега владата се обидува да ни ја продаде приказната дека имаме непријатели. Извинете, но тоа не е патриотизам, тоа е национализам“.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото