Медиум на друм (20): Изговорениот збор е поизразит од напишаниот

27.12.2019 18:03
Медиум на друм (20): Изговорениот збор е поизразит од напишаниот

Начинот на кој зборовите се изговорени, било на радио било во секојдневен разговор, изразува повеќе разни значења (сугестивно, прикриено, подразбирачко). Во повеќето случаи станува збор за нагласокот. Со нагласувањето на различни зборови во иста реченица можат да се пренесат низови од разни значења.

На пример, изјавата „јас те сакам“ може да значи три различни нешта зависно од тоа кој од трите зборови говорникот го нагласува: јас те сакам (т.е. дури и ако никој друг не те сака); јас те(бе) те сакам (т.е. попрво отколку некој друг); јас те сакам (т.е. не те мразам).

Истовремено, со висината на гласот на изјавава можат да ѝ се дадат повеќе емоционални и психолошки значења. Така, на пример, „јас те сакам“ изречено со висок тон несомнено би изразувало очајание, ранливост и раздразлива состојба на оној кој го вели тоа, додека нискиот тон на истите зборови би можел да означува помирен, порационален и посигурен став кој укажува на подлабоки чувства и посериозна (и потрајна) приврзаност.

Говорниот јазик има и други варијации со кои можат да се изразат различни значења: интонацијата, јачината и брзината. Така, „те сакам“ искажано остро, гласно и брзо, би имало едно значење (на пример, очајание или посесивност), а истите зборови изговорени тихо, мирно и полека би значеле нешто сосема друго (на пример, смиреност или длабока, непоколеблива верност).

И додека разликите во тонот, интонацијата, јачината и брзината можат да подразбираат различни емоционални интензитети и емоционални или психички состојби, различните дијалекти можат да упатуваат кон посебни општествени или културни чинители, како што се општествената класа, образованието, географското потекло, националноста итн.

Во сите овие примери (нагласокот, висината на тонот, интонацијата, јачината, брзината и акцентот) може да се каже дека изговорениот збор е поизразит од напишаниот.

Мартин Шинглер, Синди Виринга - Радио, 1998

Избор и превод: Никола Гелевски

Гиф: Мирјана Лозановска


Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото