Празник

08.01.2020 12:52
Празник

Празник - и.м.р. (некои велат дека етимолошкото потекло на зборот празник доаѓа од празен ден, односно ден кога не се работи, но ние немаме етимолошки речник на македонскиот јазик, па не би знаел да кажам)

Празник

Во моментот кога го пишувам ова патувам на празник (7ми јануари - Божиќ, државен празник на Република Северна Македонија) од Битола до Скопје со воз. Возот како на празник е празен од топлина (нема никакво греење, до пред некој момент пешачев низ возот, па некои млади дечки допадливо ми се смешкаа иако и ним им студеше, да почнеа сите да пешачат барем вработените ќе имаа што да раскажат од овој работен празник за нив).

Празниците се ужасна работа за сите нас. На празник никој не е одморен, многумина што патуваат не патуваат задоволно, на релацијата од малите до големото село има триста препреки, во домот празникот е празен дури и во самата суштина, дома секогаш на празник празно се муабети, сите сакаме да го купиме тој навидум мир, а внатре немир со ужасно молчење... сите сакаме заедно да јадиме, а сами да одмориме.

На празник работаат сите оние што не празнуваат. Оние што празнуваат толку им е празно што сакаат да работаат. Сите ние сакаме одмор, а тоа не е празник.

Празници има многу, но одмор многу малку. Би сакал да имаме одмор кој ќе можеме да го користиме кога сакаме, би сакал да имаме можност во топло да патуваме, во делник да јадиме ко на празник.

Би сакал да имаме делници кога сите ќе јадат и ниту еден празник што ќе не потсетува на нашата мизерија. Некому дома, некому на пат. Делничната мизерија која веќе нема потреба на празник да ја криеме, денес треба да ја откриеме.

Среќен делник утре. Сакам сите да го поминиме месецот. Баталете празниците - делниците да ни станат празници зашто има многу празници, но многу повеќе делници.

Монтажа: Валдес Радев