Пеперутка

21.01.2020 14:04
Пеперутка

Од големиот метален прозорец на својата висока канцеларија, што ја делеше со неколкумина други, со шолјата чај во рака, Фросина гледаше на улицата Теодосиј Гологанов. Ја сакаше таа висока и широка перспектива. Денот беше од оние ретките – нестварно проѕирен. Покривите на возилата блескаа на искосеното есенско сонце како подвижни светлечки плочки што се точеа меѓу начичканите лего коцки од згради и куќи. Двете колони што ползеа во спротивни насоки, се протегаа до крајот на погледот. Правилно стеснети во далечината, завршуваа во густежот под планината. Во дното на сликата зад Жеден, како да ги шири пазувите за прегратка, се протегаше масивниот венец на Шара. Врвовите решително устремени кон блескавото синило. Сликата од прозорецот ѝ заличе на сцена од SF–филм во понова продукција, од оние со бајковити примеси. Фросина погледна околу себе во безбојната и не премногу чиста канцеларија. Колегите потполно концентрирано се ѕвереа во своите компјутери. Глетката од надвор ја доживеа како покана. Пребаруваше низ главата да се сети што сè требаше да однесе во Министерството и весело се одјави кај претпоставениот. Лесно го поднесе тешкиот мирис на лифтот, замислувајќи како е надвор. Го отклучи својот црн холандски велосипед на склопување, купен на бува пазарот покрај Вардар и заплови низ денот. Не сакаше да поминува по ист пат. Колку што можеше одбираше нови сокачиња, скршуваше во затскриени, понекогаш слепи улици. Градот толку брзо ја менуваше својата мапа што секогаш имаше нешто за откривање. Често тоа беа простори заградени со лимена ограда, зад кои копаа како да вадат заб од насмевката на градот, но во дворовите и на ниските балкони секогаш имаше што да се види. Си ги замислуваше карактерите, мислите и разговорите на луѓето што ги одминуваше. Уживаше да поминува под шпалирот дрвја на Ленинова. Нивните крошни си ги подаваат рацете за да создадат листест лак над улицата врз која шарените виолетови сенки паѓаа како модерен дизајн. Од таму се приоѓаше кон задната страна на пазарот Буњаковец.


Се симна од велосипедот и се нурна низ надрочените тезги. Мускатните гроздови што го извлекле сокот од земјата, слични на драгоцени топази се одмараа ширејќи мирис на темјанушки и мошус. Зрната на црното грозје беа умножени сонливи очи на вљубено момче. Калинките – рубински вселени распорени како добредојде за нови цивилизации. До праските мазни како бебешко газе чекаа бовчите од портокалови јапонски јаболка. Спроти нив шпалир од мали архетипски женчиња – круши и дуњи. Нивниот мирис на смола секогаш ја внесуваше Фросина во атмосферата од одаите на старата куќа со високи тавани, во која живееја нејзините две немажени тетки. Во нив се пластеше сенестото студенило на простории во кои ретко се влегува. Кај што убаво нареден, како одложена дремка копнее долго подготвуваниот чеиз. Господските сервиси и сребрените руски чаши гледаат од витрините. Врз нив на празниците лежеа тави со баклави пливнати во густ лимонов шербет и долгнавести чинии со мелени ореви и жито во облик на свод од глазиран шеќер. Кога лажицата ќе задлаби во сводот, се појавува мирисот на морско оревче. Зад живоста на пазарот се протегаа етерични полиња населени со слики од домаќински живот, од заедничко подготвување зимници, од големи семејни слави. Ретките пчели чии крила светкаа во воздухот како есенски снегулки околу гроздовите, застануваа да здивнат на островите од млади ореви, големи колку детска тупаница. Има некоја посебна златна жица во овошките кои цело лето го собирале сонцето за да ја создадат својата медовина. Фросина купи една долга круша од цврстите кафенозелени. Ја стави во хартиена ќеса и продолжи на велосипедот по булеварот Партизанска. Лебдеше низ златестиот воздух што светкаше од скопската прашина. Нејзиниот фустан во боја на песок се лелееше околу неа сличен на голем инсект што лета. И тогаш токму пред раскрсницата, ѕѕѕѕѕѕѕп – трап! Затегање што влече и – стоп! Летот нагло закочи. Свилената машна што назад го врзуваше фустанот се вплетка во синџирот од тркалата. Се обиде да се подврати назад – не можеше. Се обиде напред – ништо. Ни напред ни назад! Посака да се наведне за да види што точно стана, но фустанот толку затегаше што единствено навестуваше да се раскине и да создаде недолично смешна слика. Стоеше така заробена. Околу неа чекореа минувачи. Некои ја погледнуваа, некои ни тоа. Ја одминуваа и продолжуваа. Никој не обрнуваше внимание на пеперутката фатена во стапица. Течеа минутите. Убавината на денот стануваше лита. Се губеше со секое ново лице штопоминува. Неповратно тонеше. Фросина стоеше на велосипедската патека. Беше единствената неподвижна точка сред движењата наоколу. Ја обземаше очај. Почна да размислува за пропаста на западната цивилизација. Поминуваа минутите. Почна да размислува за сигурната пропаст на западната цивилизација.

Поминуваа веќе потполно бесмислените минути. Во дното на видокругот забележа како се приближува едно момче, внимателно облечено во костум. Околу него се ширеше атмосфера како да оди на интервју за нова работа. Ја погледна и веднаш сфати што ѝ се случува. Неосетно се насмевна под мустак. Со интонација во која немаше очекувања Фросина си помисли:„Место да се смееш, наведни се и помогни.“ Како да ја слушна, тој клекна. Сфати дека ќе мора да ги извалка рацете со црното масло од синџирот на велосипедот. Си ги пипна џебовите за да побара марамче или некаква салфетка. Не најде. Операцијата потраја неколку минути во кои стоеја без растојание еден до друг. Тој клекнат плеткаше околу нејзиниот фустан. Преку платното неколкупати бегло ја допре нејзината лева нога. Можеа да си ги чујат дишењата. Можеа да си замислуваат сцени од заедничкиот живот. Тој го одглави фустанот и стана. Нејзиното лице се озари во насмевка. Тој посака да ѝ подаде рака, но сфати дека рацете му се валкани. Помисли да ја праша нешто. И таа помисли да го праша. Никој ништо не праша. Остана долгиот пресретлив поглед со кој се разгиба нешто во обајцата и продолжи да ги следи наредните денови.

Извор: Светлана Камџијаш - Приказни на тивок оган; Или Или, 2019.

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото