Вода

10.12.2020 14:25
Вода

Седеа на фонтаната, со нозете брцнати внатре. Си шлапкаа. Се прскаа. Дојде полиција. Ги избрка.

– Ќе се вратиме?

– Ајде! – викна таа радосно. Се вратија, си седнаа и си ги ставија нозете во водата. Не им студеше.

– Прсни ме! – му викаше таа, а тој ја прскаше. Обожаваше да ја гледа водена.

– Уште! Уште! – викаше со детски глас. Не беше дете.

Дојде полиција. Ги избрка.

– Да се вратиме! Сакаш? – го праша, а капки ѝ течеа по челото, по вратот, градите, колената... Беше наводенета.

– Сакам! Ајде! – се вратија и ги бутнаа нозете во водата. Плескаа по неа. Ја „тепаа“. Ѝ правеа пена.

– Посилно! Посилно! – ѝ викаше.

– Види ја, стана како сапуница! – меурчиња летаа околу нив.

Дојде полиција и ги избрка.

– Ќе се вратиме, нели? – го праша.
– Да, мора да се вратиме. Тоа е наша вода...

Се вратија. Ги натопија нозете. Си ги преплетуваа под водата, па се прскаа, се наводенија и двајцата. Се прскаа и со рацете. Беа многу водени.

Дојде полиција. Сакаа да ги избркаат.

Тие се нурнаа и излегоа во средината на фонтаната.
Скаменети. Од нив течеше вода.

Слика: Jana Brike

Извор: Анета Попова, Најкратки раскази (Антолог, 2009)

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото