Непознатата приказна за настанувањето на Том и Џери

10.02.2020 12:23
Непознатата приказна за настанувањето на Том и Џери

 Безвременската приказна за борбата на мачорот и глушецот, која со години секој ден влегуваше во нашите домови преку малите екрани, живее и денес и има бројни следбеници помеѓу љубителите на анимираниот филм.

Приказната е крајно едноставна – во речиси секоја епизода мачорот Том, изнервиран од појавата на глушецот во својата куќа, смислува план како да се ослободи од него, но намислата секој пат драстично му се изјаловува. Иако дејството е едноставно, анимацијата е врвна, а она што Том и Џери отсекогаш ги одликувало е употребата на врвна музика – неретко се „карале“ на музиката на најпознатите светски класични композитори.

„Џаспер и и Џинкс“

Би-би-си по повод осмата деценија од иконичниот цртан филм донесува и помалку позната приказна за неговото настанување, објаснувајќи како сѐ започнало речиси случајно. Авторите на филмот, Вилијам Хана и Џозеф Барбера, немале ниту 30 години кога се впуштиле во борба против големите студија во кои ѕвезди биле ликови како Мики Маус или Порки прасето. Барбера своевремено признал дека мачорот го осмислиле во мигови на тешка досада, а прв пат на малите екрани се појавил во 1940 година под насловот „Мачето го бркаат од дома“.

Интересно, ниту протагонистите на цртаниот тогаш не се викале онака како што денес ги паметиме, туку мачорот бил Џаспер, а глушецот Џинкс.

Првата епизода била толкав хит што веднаш освоила Оскар за најдобар краток анимиран филм. Том и Џери речиси никогаш не говорат, а авторите велат дека за таа идеја биле инспирирани од комедиите на Чарли Чаплин. Но, додека се борат, во позадината, во тие први години, тече сјајна музика од композиторот Скот Бредли.

Следните дваесет години Хана и Барбера произвеле стотина епизоди. Секоја чинела повеќе од педесет илјади долари и било потребно долго време за нејзина продукција. Токму тие први филмови и денес се сметаат за најдобри, поради богатата анимација и квалитетната изработка. Том и Џери им донеле на своите автори уште шест „златни статуетки“ и бројни други награди.

Во средината на педесеттите, Хана и Барбера го презеле продукцискиот оддел за цртани во студиото МГМ, а тоа бил почетокот на златната ера на „Том и Џери“. За сѐ била заслужна алчноста на сопствениците на студиото кои во еден момент наивно процениле дека ќе заработат повеќе пари со емитување стари епизоди отколку со производство на нови. Поради тоа Хана и Барбера во 1957 година основале сопствена компанија, која не поминала добро. Неколку години подоцна шефовите од МГМ одлучиле да ги „оживеат“ Том и Џери, но без нивните изворни автори, и работата ја дале на аниматорот Џин Дич, а анимацијата поради помали трошоци ја преселиле во Прага. Дич се мачел со таа работа, имал страшно мал буџет и речиси никакво знаење за изворната матрица на цртаниот. Интересен податок е и дека сите чешки имиња биле американизирани за да се отфрли каква било поврзаност со комунизмот, бидејќи е проценето дека тоа би можело да ја одбие американската публика.

Тие тринаесет епизоди до денес се сметаат за најлошите во осумте децении на долгата историја на цртаниот, а Дич во еден разговор со новинар открил дека поради нив добивал и закани со смрт.



Уметност што е актуелна и денес

Тешката задача понатаму паднала на Чак Џонс, познат по легендарните „Луни Тјунс“. Тој на Том му вдахнал нов живот, му ги задебелил веѓите и го направил помалку страшен отколку во првите епизоди.

Дури во седумдесеттите оригиналното уметничко дуо можело да продолжи со својата работа на цртаниот. Но политичките прилики тогаш веќе биле многу поинакви и многу нивни епизоди се сметале за пренасилни за модерната телевизија. Почнале да произведуваат подолги филмчиња, а анимацијата ја прилагодиле на намалениот буџет, што на Том и Џери им осигурило опстанок на малите екрани.

Останатото е историја. Според изборот на гледачите во 2015 година Том и Џери се најдобриот цртан на сите времиња. Се појавувале насекаде, а во 1992 година снимен е и мјузикл во кој пеат и танцуваат.

Она што на цртаниот му дава посебна магија е неговата безвременост.

-Кога сега би го гледале „Том и Џери“ сигурно не би можеле да процените кога се направени – вели Џери Бек, историчар на анимираниот филм. - Том и Џери се евергрин што никогаш не избледува. Со време сфативме дека тие се чиста уметност која е актуелна и денес, а не краткотрајна забава.

Хана починал во 2001 година а Барбера во 2006, а авторските права и денес ги има агенцијата Ворнер Брос. До крајот на 2020 тие планираат да го снимат „Том и Џери“ како долгометражен акционен филм, но деталите на проектот засега се држат во тајност.



Извор: Јутарњи

Слични содржини

Свет / Уметност / Филм
Уживање / Култура / Уметност / Филм / Историја
Уметност / Филм
Активизам / Култура / Филм

ОкоБоли главаВицФото