ЕУ река (46): Ајде да се раздомиме!

02.03.2020 22:22
ЕУ река (46): Ајде да се раздомиме!

Авторката или авторот на големите дела е „наша“ проекција. Кога велам „наша“, мислам на сите оние вонкнижевни вчитувања: регионални, етнички, национални, родови, политички и други. Значи, другите упорно го одредуваат нашиот идентитет зашто имаат проблеми со својот, или зашто не сакаат да го проблематизираат својот. Кога Холанѓаните ме етикетираат како „хрватска“ писателка, тоа го означува отсуството на волја да пропуштат некој низ својот книжевно-етички склоп кој не е „етнички Холаѓанин“. Писателите родени во Холандија од родители кои се Мароканци или Турци сè уште го носат обележјето на својот „нечист“, „мешан“, „половичен“ холандски идентитет. Иста е ситуацијата и во Англија или Франција... Имајќи ги предвид политичката коректност и пазарот, Англичаните ја прифатија книжевноста пишувана на англиски јазик со силни етнички обележја. Иако англискиот пазар успеа да ги отвори своите врати за англиските писатели со индиско или пакистанско етничко потекло, тоа сепак не значи дека лесно ќе им го дозволи влезот и на малезиските автори, на пример. Се сеќавам дека во 1991 година се сретнав со еден американски издавач, кој ентузијастично ми предложи да напишам роман за растењето на две момчиња (момчиња!), Србин и Хрват, кои во својот возрасен живот завршуваат трагично, како војници на различни страни... Тоа беше идејата на еден американски уредник за книжевен „успех“. И денес, по дваесет години, таа формула, кога се работи за Балканот, сè уште „успева“, во Америка, во Европа, и за нештата да бидат уште посмешни, и на самиот Балкан.Постојат разни нивоа на вчитување, едно од нив е и вреднувањето: честопати како читател се прашувате зошто некои писатели се толку високо ценети, а нема ни една причина според која го заслужуваат тоа, барем не според вашето читателско искуство. Тоа е само доказ за тоа колку подготвено им се подаваме на манипулациите на пазарот. На малиот терен, како што е националната книжевност, манипулациите се уште повидливи: тие се родови, идеолошки, политички...

***

Самата во неколку пригоди сум пишувала за транснационалната книжевност. Релевантните критички извори во светот, особено академските, покрај моето име сè почесто го спомнуваат терминот транснационална книжевност. Искрено, мислам дека би требало да создадеме нова културно-теориска платформа за нови културни практики, за многубројните уметници кои создаваат и живеат надвор од националните книжевности, и кои поради непостоењето на ваква теориска платформа, како и заради ригидноста на концептот на националната култура, често остануваат невидливи и неправедно запоставени. Верувам дека новите теориски платформи, каква што е транснационалната книжевност, овозожуваат помала дискриминација, поеластичен, помодерен, поотворен и порелевантен третман за книжевните текстови, односно за читање, разбирање, интерпретација и праведна културна дистрибуција. Впрочем, сличен проблем на еден помал книжевен терен настана и по распадот на Југославија, со некогашниот заеднички јазик кој се раздвои на четири различни јазици, па според тоа и на четири различни книжевности: хрватска, српска, босанска и црногорска.

***

Темата на домот и егзилот е голема и стара колку и приказната за прогонот на Адам и Ева од рајот. Со таа грандиозна тема и започнува нашата цивилизација, со прогонот од рајот. Ева го зема јаболкото од дрвото на спознанието на доброто и злото, Адам го вкусува и оттогаш траат и „предавничкиот“ грев на Ева и постојаното жалење на Адам и неговата желба да се врати во рајот, во заштитничкиот скут на Бог, во стариот поредок на нештата. Во едно нешто сум сигурна, идејата за домот на Ева не е иста со онаа на Адам. Доминацијата на идеите и концептите спаѓа во полето на моќ. Поради доминацијата на машката концепција за домот и егзилот имаме серија производи познати под насловот: „Солзите на одметнатиот син“ (легенди, книжевни дела, епови, сликарски дела и сл.) кои се основата на традиционалните концепти за домот, семејството, улогата на таткото и мајката, татковината, државата, родовите односи и сите тие традиционални вредности кои се дел од истиот пакет. Зошто постојано мораме да измислуваме нешта кои нè вдомуваат, ајде конечно да се соочиме со она што нè раздомува!

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор: novinar.me (интервју на Анес Осмиќ ), 2013.

ЕУ река (45): Владимир Мартиновски - Крокодилски солзи (Чешка приказна)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото