ЕУ река (48): Птичјиот пазар во Москва

04.03.2020 21:55
ЕУ река (48): Птичјиот пазар во Москва

Пред дваесеттина години, кога се најдов во Москва, го посетив „птичјиот пазар“. Московскиот „птичји пазар“ беше силна глетка за субверзивноста кон тоталитарниот ред и закон, метафорично спротивставување на строгиот и студен систем, дисидентско, топло срце на градот.

Еден тип со црвен нос во рацете држеше голема тегла од кисели краставички и бавно се нишаше. Во теглата пливаше риба во индиго боја.

- Се вика Васја... – рече типот.

На Васја неодамна му умрела „другарката“ риба и оттогаш Васја плива во депресија...

- Земете го... молежливо рече типот.

- Што да правам со него? Како да го пренесам преку границата?

- Нека барем Васја го живее животот кога јас не можам да го правам тоа – сврдлеше типот.

И така. Го платив разговорот. Останав со теглата во раце, во која пливаше синиот Васја. А поранешниот сопственик на Васја отрча во првата кафеана.

Неодамна се најдов во Москва и повторно го посетив „птичјиот пазар“. И повторно ме удри неговата карневалска маска. Воздухот во центарот на Москва е исполнет со силниот мирис на парите. На птичјиот пазар, стиснати заедно, смрдат животните и луѓето, не се знае кој кого продава. Додека во центарот се купуваат „гучи“ чевли, тука се купува сешто. Има дилери кои можат да ви набават крокодил, боа, тигар, сè што срцето ќе ви посака. Постојат продавачи на специјално тренирани соколи, оние кои ги бркаат гулабите. Нив ги купува Кремљ, за куполите во Кремљ да останат сјајни и златни, а Црвениот плоштад чист. Има и други работи. Ситните дилери ловат ластовички, ги ставаат во кафези и ги носат на птичјиот пазар. Посетителите можат, ако сакаат да го направат тоа, да ги пуштат ластовичките на слобода. Овој пат не купив риба. Ослободив од ропство неколку ластовички. Чувството на праведничко задоволство го платив евтино, само неколку рубљи.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор: Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma, Fabrika knjiga, 2005.

ЕУ река (47): Омилени народи од периферијата

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото