1025 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 03:59
Едно неодамнешно видео објавено на порталот Фаст Компани, каде во улога на коментатор се најде една бела миленијалка, донесува неколку непромислени тврдења, вклучувајќи го и самиот наслов „Зошто раѓањето деца е најлошто нешто што можете да го направите за планетата“, додека во заклучокот се вели дека „најдобро ќе го спречиме глобалното затоплување ако одлучиме да не основаме семејство“.
Видеото го елаборира јаглеродниот отпечаток на секое новороденче, особено истакнувајќи дека можеби секое од тие деца во иднина исто така ќе има свои деца. Уште едно човечко битие на нашата кутра стара планета не е мала работа, се плаши нашата тегобна нараторка: тоа е полошо и од возење автомобил или одбивање исхрана на растителна основа. Не се сомневам во нејзините податоци. Но, зошто секој човек има толку огромен јаглероден отпечаток? Тоа не треба да му се припишува на вашето (веројатно мошне слатко) бебе.
Вината е во индустријата за фосилни горива која диктира на кој начин го организираме нашето општество, и во капиталистичкото поставување на профитот пред здравјето на планетата. Влијанието на околината на една Замбијка не е ни приближно еднакво на влијанието на една Американка; иако нејзината нација има многу повисока стапка на наталитет, нејзиното општество не создава ни приближно ниво на јаглеродна емисија. Значи, проблемот сепак не е во децата туку во зависноста на нашето општество од јаглеродниот диоксид кој ги обезбедува сите наши потреби за возење, летање, греење и ладење, купување и храна, а сето тоа на сите можни начини е штетно за околината.
Префрлањето вина за општествените болки на родилките и нашето потомство не е новост: во доцниот 18 век пасторот Томас Роберт Малтус за проблемот со сиромаштијата го обвинил преголемиот број деца. Хистериците на „популациската експлозија“ во шеесеттите години од минатиот век го оживеаја истиот буржоаски страв кога, слично како и во времето на Малтус, за сиромаштијата ги обвинија жените со повеќе деца, но овојпат и за високата стапка на криминал. Тоа беше сосема погрешно, тврди Џени Браун, авторка на книгата Birth Strike: The Hidden Fight Over Women’s Work; најпосле, иако американската стапка на наталитет денес е пониска, сиромаштијата не исчезна. Проблемот отсекогаш беше капитализмот.
Истото важи и за климатската криза. На меѓувладиниот панел на ОН за климатските промени ИПЦЦ, најдоа разни начини да укажат дека на нашиот економски систем му е потребна промена. Навистина е убаво што интернет порталот Фаст Компани вината за овој проблем ја префрли на мајките на оние 99 проценти додека истовремено целиот портал е едно големо славење на капитализмот - на пример, вклучувајќи го величањето на „експлозивниот раст“ на Амазон. А впрочем, едно од најлошите нешта што можете да ги направите за планетата е да продолжите да навивате за одржување на системот кој ја пустоши.
Ексон Мобил не ги интересира дали ќе имате уште едно дете. Реално, „најдоброто нешто што можете да го направите за планетата“ е да преземете сѐ што е во ваша моќ за да ја намалите политичката моќ на индустријата со фосилни горива, додека „најлошото нешто што можете да го направите“ е да се обидете да ги уверите луѓето во спротивното. И како што ми рече Бил Мекибен во минатогодишното интервју „најважната промена што можете да ја направите во начинот на живот е да станете климатски активист“. Тоа би можело да вклучува директна акција за запирање на работата на гасоводите, организирање луѓе кои ќе се залагаат за обновливи извори на енергија, избор на политичари кои се залагаат за спроведување Green New Deal како Александрија Оказио-Кортез, приклучување кон социјалистичка организација и правење се што можете за да ги симнете од власт реакционерите како Доналд Трамп.
Тешко е да се замисли нешто понеолиберално од убедувањето некоја млада жена дека е луда така што ќе ѝ кажете да преземе одговорност за злосторствата на капиталот така што ќе направи огромна лична жртва - онаква која дел од луѓето ќе ја почувствуваат како неприродна и нечовечка, како откажувањето од љубов или секс - истовремено лишувајќи ги од одговорност оние кои имаат пари и моќ. Некои луѓе немаат деца зашто се грижат дека климатските промени значително ќе им го отежнат животот на идните генерации. АОЦ многу дискутираше за тоа во погрешно претставениот видео запис на Инстаграм, со право користејќи го ова прашање, за да покаже колку е итно прашањето за климатската криза и дека е неопходно нашата влада да дејствува брзо. Овде пишував за таа дилема и иако темата не е исцрпена, предупредувањето за иднината која ќе ги соочи вашите деца со надоаѓачките климатски кризи е сосема различно од аргументацијата дека самите деца и животните избори на жените предизвикуваат климатски проблем.
Искрениот и краток видео запис на порталот Фаст Компани барем нуди внимателни предупредувања за ризиците, признавајќи дека воздржувањето од репродукција нема да помогне ако не дојде до други значајни (неименувани) промени. Значи, тешко дека тие се најлошите неомалтузијански прекршители. Група филозофи тврдат дека би требало да се воздржиме од репродукција не само како поединци, туку дека владите треба да преземат мерки за „демографски инженеринг“ за да го поттикнат таквиот избор. (Божем на луѓето им е потребен „поттик“ за да не се размножуваат: како што истакнува Браун во книгата Birth Strike, степенот на наталитет и онака веќе е низок, а во САД е во постојано опаѓање, делумно и заради тешките економски услови и фактот дека неолибералните влади обезбедуваат многу мала инфраструктура за одгледување деца).
Логично проширување на сѐ од наведеното наоѓаме во движењето со застрашувачки назив, Движење за доброволно човечко изумирање, каде група луѓе, за доброто на планетата, повикуваат на воздржување од репродукција. На нивната интернет страна стои објаснувањето: „Постапното укинување на човечкиот вид со доброволен прекин на биолошката репродукција ќе ѝ овозможи на Земјината биосфера да оздрави“. Зошто воопшто да ја спасуваме планетата, ако не заради луѓето?
Човек би се запрашал зошто таквите не постапат како припадниците на самоубиствениот култ на Џим Џонс; се чини дека тоа би бил најдоследен идеолошки потег. Ако себично уживате и барем го толерирате сопственото постоење толку за да му се спротивставите на доброволното заминување (вие свињи кои издишувате јаглероден диоксид), тешко дека истото можете да им го замерите на луѓето во иднина.
Во краен случај мизантропијата би требало да биде минливо мрзеволно расположение, а не политички став. Можеби нашата владејачка класа и нејзините политички лакеи се водат од самоубиствениот нагон и прават сѐ што можат за да го уништат човечкиот вид - но навистина нема причина да им помагаме во тоа.
Слики: Aaron Piland, Ayumi Kjikawa
Извор: https://jacobinmag.com