Медиум на друм (55): „Медијаторот го заменува гласникот“

19.03.2020 23:21

Кога мудрецот со прст ќе покаже кон месечината, будалата гледа во прстот. Медиологот свесно прифаќа да гледа во прстот, да ги проучува околностите и условите на преносот.

 

Доаѓаме до тоа еден збор да замениме со друг: комуникацијата“ со медијацијата“. Веројатно ќе речете дека тоа е прилично безвреден резултат по петнаесет години работа. Но преминот од филозофијата на комуникацијата во филозофијата на медијацијата значи промена на елементите. Медијаторот го заменува гласникот“: не ли е тоа формулата на христијанскиот пресврт? Парчињата од Меркуровата скулптура расфрлени пред распнатиот Христ?

Посредникот го создава законот. Медијацијата ја одредува природата на пораката, односот има предност над битието. Со други зборови, телата мислат, а не умот. Присилата на инкорпорација ги создава корпорациите - тие посреднички тела и установи на знаењето, нормирани и нормативни, кои ги нарекуваме училишта, цркви, партии, задруги, друштва итн.

Симболичките производи на општеството во даден момент не можат да се објаснат независно од технологиите на помнење што ги користиме во истиот даден момент. Тоа значи дека динамиката на мислите не е одвоива од физиката на трагите.

Со помош на околината се храни и расте медиумот, при што тој може но не мора да искажува барања. Недвосмислено, би можеле врз првата рачна преса и длабокиот печат да ја примениме забелешката што Давид Ландес ја примени за механичкиот часовник: Часовникот не ја придвижи желбата да се мери времето; туку таа желба водеше кон изумување на часовникот.“

Бидејќи, наместо да го бележи она што може да се документира, како историчар, медиологот сонува за тоа да го пренесе умот во стварите, покажувајќи ја скелетната структура под месото, она што некој би можел да го нарече крутото на мекото“.

 

Избор и превод: Никола Гелевски 

Гиф: Александар Јосифовски   

Вез („куварице“): Бригита Меѓо и Владан Николиќ (НЕПРАКТИЧНЕ ЖЕНЕ)   

Извор: Режис Дебре, Увод и медиологију (Clio, 2015)  

 

 

Медиум на друм (54): Немаме корени туку антени

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до
граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк.

 

ОкоБоли главаВицФото