Црната смрт

30.03.2020 01:41
Црната смрт

Најубиствената зараза која некогаш ја погодила човечката цивилизација, чумата која пустошела во Европа од 1348 до 1350 година, била исклучително смртоносна меѓу свештениците. Како што наведува шведскиот историчар Михаил Нордберг во култната книга „Динамичниот среден век“, смртноста на свештенството во споредба со другите популации била најверодостојно забележана и изнесувала 45 проценти, што значи дека чумата го убила речиси секој втор свештеник во Европа.

„Според природата на работата свештениците биле поизложени на заразата од другите, одржувале бдеења и извршувале последни помазанија, но и ги посетувале болните на смртна постела“, пишува Нордберг, додавајќи дека болеста однела најмалку жртви меѓу феудалното племство, каде умреле помеѓу 23 и 27 проценти од властелините, додека веројатно најмногу било погодено кметството (кое сочинувало најголем дел од популацијата), но заради недостаток од евиденција, денес тоа е мошне тешко веродостојно да се процени.

Иако проценките се разликуваат, според мислењето на повеќето историчари, оваа епидемија на чума, болест позната и како „црна смрт“, однела помеѓу третина и половина од населението во Европа само за неколку години. Според податоците на СЗО и ЦДЦ, чумата во тој период ширум светот усмртила околу 200 милиони луѓе.

Црната смрт од 1348 година е најтешката епидемија во историјата, според бројот на мртвите дури четири пати пострашна од втората по ред, од 1520 година, кога големите сипаници однеле дури 56 милиони животи и покосиле околу 90 проценти од Индијанците во Америка. Чумата е најсмртоносниот непријател кој некогаш го нападнал човечкиот род, вклучувајќи го и самиот човек, бидејќи, на пример, Втората светска војна имала околу 70-85 милиони жртви, барем двојно помалку отколку чумата од 1348 година.

„Се сметала за незаситен облак кој доаѓа од друг свет и се движи од една во друга земја, од брегот кон внатрешноста, и од еден град до друг, сеејќи смрт на својот пат“, пишува Жан Делимо во славното дело „Страв на Запад“ за раѓањето на стравот во доцниот среден век, додавајќи дека чумата е опишувана како јавач на Апокалипсата, нов потоп, страшен душман или мошне често, пожар.

Епидемијата од 1348 година стигнала „преку свилата“ од Азија. Според едно толкување, чумата била последица на климатските промени, а според друго, болеста пристигнала на западот откако Монголите ја опустошиле Кина и го уништиле земјоделството, па носителите на заразата, стаорците, се упатиле кон областите со повеќе храна. Болеста прво се проширила во денешна Украина, подеднакво заразувајќи ги Татарската орда и Русија, потоа се спуштила во Крим, од каде во 1347 година се пренела во густо населениот Цариград. Болеста понатаму се ширела на Балканот, за во 1348 година да пристигне во средновековна Србија, а потоа во Дубровник и италијанските градови, каде ќе однесе застрашувачки број жртви, веројатно најмногу во Европа. Во следните две години ќе се прошири во денешна Германија, Франција и Англија.

Џовани Бокачо

„Колку големи палати, колку прекрасни куќи, колку благороднички домови, некогаш преполни со дружини, господа и госпоѓи, опустошија до последниот слуга?“, пишува современикот на епидемијата и писател, Џовани Бокачо, автор на ремек делото на италијанската книжевност „Декамерон“, зборник новели кои се создаваат во сенка на чумата и кои ги раскажуваат група од десет млади луѓе, скриени во една вила надвор од Фиренца.

Можеби не сте знаеле, но во текот на историјата, чумата се ширела во светот во три големи бранови, така што се зборува за три пандемии. Првата се случила во 6 век кога усмртила околу 40 проценти од жителите на Цариград и останала позната под називот Јустинијанова чума. Потоа исчезнала цели седум векови за повторно, со страшна жестокост да се врати кон средината на 14 век, додека третата и последна пандемија се случила на крајот од 19 век во Кина и Индија. Денес чумата со леснотија се лекува со антибиотици, па иако повремено се појавува во разни делови од светот, во модерната ера е сузбиена.

Епидемијата од 1348 година била не само најголема според бројот на жртвите, туку и непоканет гостин кој никако не сакал да си замине. Во вториот пандемиски бран чумата не се повлекла со векови - помали, секундарни и локални епидемии избивале сѐ до 18 век буквално на неколку години, повремено одземајќи и десетици илјади жртви, како во случајот со Париз 1450 година или Лондон 1665 година.

Затоа за современиците и следните поколенија чумата станала синоним за убиствена зараза, болест над болестите. Во политичката историја чумата долго само патемно се споменувала (најчесто како причина за смрт на некоја важна историска личност или „божја казна“, за која зборуваат проповедниците), меѓутоа, модерните истражувачи, а особено француските новоисторичари, сметаат дека чумата во 14 век била централен настан од доцниот среден век.

Смртоносна и нескротлива, чумата во 14 век трајно ја променила демографијата, но и општествените односи и понатамошниот тек на историјата. Прва реакција биле серија погроми кои ја зафатиле цела Европа - масовно биле убивани Ромите, бездомниците, странците и болните за кои сметале дека се осомничени кои ја пренесуваат заразата. Меѓу немоќните, од прогоните најмногу страдале заболените од лепра, кои ги имало многу ширум континентот и кои биле сметани за сомнителни заради промените на кожата. Лепрозориумите биле уништени, а лепрозните практично истребени, што на подолг рок го намалило присуството на оваа болест во Европа.

Ужасно страдале Евреите чии заедници една по друга се сомничеле за ширење на заразата - погромите во повеќето европски градови однеле дополнителни илјадници животи. Се смета дека околу 60 заедници Евреи во поголемите градови и 150 помали заедници сосема биле уништени. Заради стравот од погромот, Евреите се преселиле на исток, во Полска каде вратите им биле отворени.

Чумата ја предизвикува бактеријата Јерсиниа пестис, организам кој живее во паразитот Ксенопсила кеопис, мушичка паразит која впрочем е основниот вектор, преносител на заразата, а не црниот стаорец, како што се сметало претходно. Имено, мушичките првенствено ги напаѓаат глодарите, глувците и особено стаорците, заради што овие животни и се поврзани со ширењето на епидемијата. Покрај бубонската чума која можела да се преживее, истата бактерија предизвикува и таканаречена чума на крвта и белите дробови, чија смртност била 100 проценти.

Вообичаени симптоми на бубонската чума биле таканаречените бубони, црни приштови кои кај болните се појавувале на вратот, препоните или под пазувите. Според сочуваните, мошне пластични описи, следела грозница, „пеколна“ жед, главоболка, треска, повраќање крв, халуцинации и разни нарушувања на нервниот систем. Смртта настапувала од два до седум дена од почетокот на инфекцијата.

Карантинот, како форма на борба против оваа зараза, бил откриен во 14 век додека траела чумата. Интересно е што до оваа идеја првпат дошло во Дубровник за време на заразата во 1377 година. Болеста била поврзувана со најразновидни предрасуди, небесни појави и човечки гревови, но поттикнувала и разни, главно неуспешни облици на дезинфекција, дури и со оцет. Илустрацијата е дел од познатиот бакрорез од 17 век кој прикажува лекар со карактеристична маска за заштита од чумата во облик на птичји клун.

Нордберг во средновековните архиви пронашол една навистина интересна статистика за епидемиите со чума - во годините после црната смрт, во сите градови каде пустошела заразата, драматично се зголемил бројот на склучени бракови. Иако чумата често била проследена со глад, како и други социјални последици, наталитетот брзо се обновувал, а чумата впрочем го подмладувала населението. Зад епидемијата останувал пустош, но постапно се јавувал и нов живот, а со него, нова ера.

„Средниот век, кој веќе е при крај, се сопнува од труп“, пишува славниот француски историчар Жал Ле Гоф, објаснувајќи како се менува и односот кон смртта - апстрактната, средновековна смрт станува мошне телесна, а преминот на другиот свет тешко прифатлив, најавувајќи почеток на нова ера - хуманизмот.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Европа / Историја
Свет / Историја
Европа / Историја
Свет / Историја
Свет / Наука / Историја
Европа / Историја
Книжевност / Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото