Девет милиони вештерки

12.09.2022 01:37
Девет милиони вештерки

Колку жени навистина се запалени, обесени, удавени или линчувани на други начини во прогоните на вештерките? Иако судењата на жените, но и на мажите осомничени дека се занимавале со црна магија, одамна станале дел од општата култура како симбол за злоупотреба на правото, за него во 21 век впрочем ретко се зборува.

Кон крајот на 18 век германскиот автор Готфрид Кристијан Воигт ја критикувал ниската проценка на Волтер за неколку илјади убиени и ја изнел популарната проценка дека во погромите на вештерките низ вековите настрадале - околу девет милиони жртви. Оваа проценка ќе се покаже како непрецизна, а денес се смета дека за време на масовните судења, од средината на 15 век до почетокот на 18 век, настрадале помеѓу 40 000 и 100 000 жртви, што секако не е мала бројка.

Интересот за прогоните на вештерките, како и за механизмите на стравот и суеверието кои биле нивен двигател, е обновен во 20 век, кога водечките американски феминистки почнаа да ги откриваат подлабоките општествени причини за прогонот на вештерките во раната фаза на модерната доба.

Вештерките спорадично биле прогонувани уште во периодот на Римската република, а вештерството било незаконско во римското право, што подоцна ќе се пренесе и во христијанскиот свет. Меѓутоа, иако Римјаните со сомнеж гледале на практикувањето на магичните култови, законите против вештерките како што е Lex Cornelia de sicariis et veneficiis - кој го донел римскиот диктатор Сула во 81 година пред новата ера - биле мотивирани исклучиво од лошите последици на „магиите“ - труење со „магични“ препарати или некаков друг вид нанесување штета.

Дејностите кои би можеле да се опишат како вештерство самите по себе не биле необични ни во вековите по падот на Рим - и покрај покрстувањето, варварите кои го населувале континентот задржале бројни чудни мистерии и култови кои се практикувале во домаќинствата и селските заедници. Во малите средини, далеку од манастирите и градовите тврдини, единствената условно речено медицинска помош која ја имале луѓето доаѓала од жените кои биле вешти во баење, тревки и разни суеверни ритуали.

Но, ерата на најголемиот погром почнува во периодот кога завршува средниот век и почнува модерната доба. Во таа ера се одвиваат масовни казнувања и големи судења на вештерки во германските градови Трир, Бамберг, Вирцбург и Фулда каде страдале илјадници жртви. Прогонот од Европа се ширел и на колониите, а веројатно најпознат процес во Америка е судењето на вештерките во Салем во 17 век.

Освен врската со римското право, процесите на инквизиторите против вештерките се темелеле на папската була позната како Summis desiderantes affectibus. Овој контроверзен документ во 1484 година го издал римскиот папа Иноченти Осми, а со него на прогонот на вештерките му е дадена духовна димензија - признато е постоењето на ѓаволот, опседнатоста и црната магија, како и вината на оние кои се оддаваат на тоа.

Но, прогонувачите биле поттикнати и од други мотиви надвор од христијанското учење. Влијателните теоретичарки од феминистичкото движење во 20 век, како што се Дијадри Инглиш и Барбара Еренрејх, сметаа дека со развојот на медицинските знаења и настанокот на новиот (првенствено машки) медицински естаблишмент почна систематско прогонување на конкуренцијата од минатите времиња - вештерките. Оваа теза, иако донекаде основана, подоцна ќе биде оспорена.

Во доцниот среден век, во епохата во која стравот управува со сите аспекти од животот, која францускиот историчар Жан Делимо ја нарекува и „доба на стравот“, паралелно со верските војни кои повеќе од еден век го обележуваат животот во Европа, систематски се прогонуваат протестантите, па и сите други еретици, Евреите и најпосле, меѓу нив и вештерките. Стравот предизвикува масовни одмазди.

Eден од последните случаи на организиран прогон на вештерки се случил 1751 година во Англија, кога извесен Томас Коли, оџачар, ја поттикнал толпата која спровела импровизирано судење и линчувала една стара брачна двојка. Бидејќи тогаш во Англија веќе бил донесен историскиот Закон за вештерки со кои се забранети понатамошни прогони, Коли подоцна бил осуден и бил обесен истата година.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Igor Hosendl

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото