Книгa за младите од минатиот век: Како да се биде неконформист

02.07.2020 12:40
Книги за деца од минатиот век: Како да се биде неконформист

Еднаш одамна, во 60-тите години на минатиот век, една тинејџерка од Конектикат ќе го фати возот за Њујорк и ќе стигне во живописниот дел на градот - Гринич Вилиџ. Може да се предвидат неколку различни исходи од ова сценарио - таа станува „групи девојка“ или пејачка или обожавателка на некој фолк пејач, или можеби модна икона или само статистика - но веројатно не она што навистина се случило. Елиса Џејн Карг (Elissa Jane Karg), како што самата се опишала, „цинична и скептична ученичка во средното училиште Брин Мекмахон во Норвалк, Конектикат“ и истовремено лута и со смисла за хумор набљудувачка на нејзините кул современици, ги опишала своите искуства во форма на стрип за нејзиниот училишен весник, кој набргу потоа, во 1967 година, бил објавен како книга во издание на „Silvermine Publishers“. Авторката имала само 16 години.

А приказната во реалниот живот на Карг не продолжила по траекторијата што би можела да се очекува од млад и успешен автор. Таа не отишла на некој престижен уметнички факултет и не завршила како успешен илустратор во Њујорк; таа заминала во Детроит заради љубов и никогаш не пожалила. Станала социјалист, активно учествувала во синдикалното организирање, била мајка и медицинска сестра. Колку што е познато, таа никогаш не објавила втора книга, освен што била коавтор на синдикален прирачник за запирање на сексуалното вознемирување на работното место, издаден во 1980 година, за што не го употребила својот талент за цртање. Елиса Џејн Карг починала во 2008 година, во сообраќајна несреќа, кога со велосипед се враќала дома од состанокот на социјалистите. Од тоа малку што може да се прочита за неа, може да се заклучи дека била извонредна дама - страствена активистка и шампионка на женските права, омилена кај многу луѓе - што дефинитивно би можело да се очекува од една толку уникатна личност, која создала ваква книга и тоа додека сè уште била многу млада девојка.

Книгата „Како да се биде неконформист“ е како временска капсула, културен артефакт од еден од поромантизираните моменти во поновата американска историја, искрено, период кој не е пародиран доволно често, а навистина би требало! Во нејзините „22 чекори за неконфомисти“, Карг успева да се пошегува со тесните панталони, мини здолништа, сандалите, долгата коса на момчињата, кратката коса на девојките, глумењето сиромаштија, поп-артот, лебарките, празните протести, глупавите текстови на песните и неуспешниот критички цинизам.

Врсниците на Карг можеби гледале на бунтот како на мода, но таа, очигледно го поминала вистинскиот пат. Книгата можеби е ретро, но пораката е сè уште релевантна: Ако сите се однесуваме како една иста личност и едногласно се нарекуваме себеси неконформисти, зарем тоа не нè прави ... конформисти?

Многу ми е драго што минатата година, на распродажба ја најдов оваа стара пожолтена книга. Ме привлече корицата, но зборовите се тие што се најавтентичниот дел. Елиса Џејн Карг веднаш ја ставив во пантеонот на сите мои омилени субверзивни девојки на поп културата, помеѓу Пипи Долгиот чорап и Хариет шпионката и Винона Рајдер во „Heathers“ и Лиса Симпсон, остроумни набљудувачки на времето и културата, од кои не секогаш извира авторитет, но барем често го доведуваат во прашање.

Извор: vintagechildrensbooksmykidloves.com

ОкоБоли главаВицФото