По четири наслови препорачуваат ...

07.07.2020 11:15
По четири наслови препорачуваат ...

Наташа Сарџоска (писателка, преведувачка, антрополог, полиглот)

Филм: „Copie conforme“, Абас Киаростами
- Повеќето филмови на: Антониони, Зулавски, Полански, Линч, Вендерс, Киаростами; Ако треба да издвојам еден, тоа е следниов: неодамна го гледав „Copie conforme“/„Certified Copy“ на Абас Киаростами и е неспоредлив со ништо друго што до сега сум го видела или прочитала. Ме тресна од земја. Го сакам затоа што говори за неиздржливите, неконтролирани, чудни, непредвидливи, бурни трансформации на или во еден човечки однос, во којшто, како во наплив на хеморагија, се поместуваат границите на стварното и на нестварното, и потоа, низ цикличното време, имено, она истото за коешто пишуваше Бергсон, во тој однос, се враќаме на почетокот, каде што не сме повеќе ние ние, туку некои други во нас, некаков бесконечен хибрид, или како што вели Пазолини „огледало сме на бесконечната надворешност“, затоа што сепак нешто друго, над нас, отаде нас, несвесно, непознато, има поголема фантазија од нас.

Книга: „Серотонин“, Мишел Уелбек
- На пример, има некои книги што сум ги читала по неколку пати, како оние на Маргарит Дура, или на Паскал Кињар, а не знам зошто. Убедена сум дека за мене како автор се најзначајни сите поети на италијанскиот херметизам: Саба, Монтале, Квазимодо, Унгарети, Монтале, Сангвинети. Неповторливо и неспоредливо четиво е Куцкамен на Кортазар, за мене. Но, би ја издвоила, сега, Серотонин на Уелбек. Просто ме навлекува. Можеби затоа што сум живеела во Париз и точно знам за што говори Уелбек, точно до милиметар ги познавам тие механизми, прецизен е како хирург, опсесивен е, наметлив, насилен, продорен, вистинит, искрен, токму како што треба да биде секој писател. Одамна не ми се случило да земам во раце книга и, откако ќе ја затворам, да мислам цел ден на неа, на тоа што ќе се случи, и едвај да чекам да ѝ се вратам пак и пак. Но, она што е важно кај Уелбек (освен што е своевиден Балзак на денешното време) е дека успева генијално да впери со прст кон сите лакуни, беспаќа, понори и отуѓувања на современиот осамен човек и притоа да ги вткае со иронија и хумор: успева да му наметне на читателот моќен ракурс на левитација, и покрај некаква привидна рамнодушност, обестрастеност, сепак и една голема доза на страст, на љубов, и високо ниво на серотонин.

Плоча: „The Wall“, Pink Floyd
- Плочите на татко ми од: Френк Запа, Џими Хендрикс, Led Zeppelin, Deep Purple, The Rolling Stones, Pink Floyd, најмногу нивната The Wall;
 

Ликовно дело: „Момче каснато од гуштер“, Караваџо
- Го сакам Хиеронимус Бош. Понатаму, го сакам сето она што го твореле (фовистички, импресионистички) во Колур, на црвениот брег во Јужна Франција, Дали, Сињак, Матис, Пикасо, Деран, Брак. Би сакала дома да го имам, сепак, „Boy Bitten by a Lizard“/„Ragazzo morso da un ramarro“ на Караваџо.

Митко Гогов (автор, културен работник)

Филм: „Baraka“, Рон Фрик
- Филм кој говори за нас, за тоа колку е убава и диверзивна планетата, за тоа колку убавини крие човечкиот ум, традицијата, фолклорот, културата сама по себе; Важно е технологијата која се развива со брзина на светлината да биде во склоп и во баланс со енергијата и со заедничката цел – зачувување на уникатноста и славење на различноста. Другото го знаете…

Книга: „Малиот принц“, Антоан де Сент Егзипери
- Оти е книгата на која често се навраќам, книгата која најчесто ја губам или ми ја крадат (што е радост голема) и книгата која најчесто ја купувам; А ја купив пред некој ден за 100-че од трафика, некој нов дизајн, некоја нова фирма, па сега пак ми стои на масата за прелистување. Другите причини зошто оваа книга, јас сум длабоко убеден дека ги знаете…

Плоча: „Are You Shpongled?“, Shpongle
- Во контекст на филмот кој го препорачувам овде, несомнено сакам да кажам дека Shpongle се речиси исто што и документарниот филм, само што уживањето во нивната музика е зачинето со психоделичен амбиентален ритам кој прави несекојдневно патување низ светските култури, народи, каде традиционалните мелодии и песни добиваат електронски (транс) призвук и нудат едно несекојдневно ниво на транседенција и опуштање. Всушност, можеби ги знаете…

Ликовно дело: „Лавиринт“, Мотои Јакамото
- Концептуална уметност во која, како што е важен финалниот резултат, самото дело, нели, исто толку важен, ако не и поважен е самиот процес и идејата позади самата презентација и симболика; Јамамото пред повеќе од 20 години, по преживување на блиска загуба и длабока тага, што предизвикува голема траума кај него, започнува да прави најразлични цртежи, скултури и инсталации со сол. Солта претставува симбол на животот и богатството, но исто така се користи и во неколку традиционални ритуали во Јапонија, а означува прочистување. Макотрпен процес, сличен на оној кој го користат тибетските монаси кои креираат мандали, а за кои е потребно трпение, медитација, смиреност; Исклучително тешка техника адаптирана во специфични стари и современи амбиентални простори, ете, треба да проверите, ако веќе не го знаете… :)


Сенка Апостолоска (текстописец за експтерименталниот состав Gungula Sisters, франкофон)

Филм: „Smultronstället“, Ингмар Бергман
- Филм за реминисценција на загубениот рај - детството, како и преиспитување на постоењето преку интроспекција; егзистенцијализам пренесен на толку лежерен начин

Книга: збирка раскази „К“, Дино Буцати
- Заради потребата од романтичарски ескапизам; раскази извлечени од секојдневието зачинети со фантастични нишки; италијанска литературна кујна

Плоча: „Пред дождот“ (OST), Anastasia
- Затоа што е онтолошки еквивалент на тоа што сум и она што мојата земја е; идентитет

Ликовно дело: „Бадемови гранки“, Винсент ван Гог
- Спој на импресионизам и јапонска уметност што раскажува за надеж и за свежи почетоци; пролет
 

 Извор: https://randomscrapbook.tumblr.com/

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото