По четири наслови препорачуваат... (2)

15.07.2020 18:31
По четири наслови препорачуваат... (2)

Ибрахим Ел-Салахи

4 (-1) наслова препорачува…

…Дарија Андовска (музичарка)

Филм: „Влажност“, Никола Љуца
- Го гледав на Cinedays, во кино Фросина. Филмот е критика на современото балканско општество, многу подискретна од American Beauty на Сем Мендес, која ги третира и табуата, девијациите, емоционалната и психолошка состојба на пост-воената генерација, без воопшто да се споменува војната која е доволно чест мотив во ex-Yu кинематографијата. Во овој филм, времето добива многу поинаков третман, речиси налик на Тарковски, се игра со трпението и се подбутнуваат границите на толеранција до максимум, но во ниту еден момент не се надминуваат. Без многу зборови, режисерот ги користи сите средства кои филмот ги нуди да раскаже една приказна соголена од патос и од декорации, приказна која го соголува нашето современие.

Книга: „Ноќен лет“, Антоан де Сен-Егзипери
- Најголемиот дел од читателската публика го познава авторот поради култната книга „Малиот принц“. И во неа тој зборува за суштинските нешта, овој пат за слободата која е единствено ограничена со должноста. Во себеповинувањето кон апсолутот, кон што свесно се насочени сите интимни ставови и сфаќања, величината се постигнува во своите и во очите на опкружувањето. Јазикот на Сен-Егзипери е питок и остар, вознемирувачки искрен и возбудливо интимен, па ве држи во трескавичност до крајот на книгата.

Плоча: „Volcano Songs“, Мередит Монк
- Богатството на гласот и на минимализмот

Визуелни уметници:
- Ибраим Ел Салахи е таткото на современото афричко сликарство. Како поранешен дипломат во Судан, почнал да слика кога бил притворен без конкретно обвинение, но во врска со анти-владини дејствија. Неговото уникатно сликарство е пионер во многу уметнички сегменти.
- Џули Мехрету е родена во Етиопија, а живее во САД. Нејзините дела се енергични, со понирачка калиграфска комплексност, која таа ги објаснува како „story maps of no location“.

 

Многу наслови препорачува…

…Елка Јачева-Улчар (македонистка/ономастичарка)

Тргнувајќи од премисата дека за да ги сакаш другите, прво треба да се сакаш и да се познаваш себеси, во продолжение ќе се фокусирам врз македонски автори и дела, кои по своите уметнички вредности, речиси, по ништо не заостануваат зад европските и светски автори. Тоа што како неуметник кој цел живот професионално се занимава со зборот како синтеза од звукови и значења, кои во себе носат и историја на нивното настанување, и скриени значења и означувања (сигнант) до чие откривање, со помош на воспоставување асоцијативни и метонимиски врски, треба се длаби под површината (т. е. под сигнансот, сфатен во десосировска смисла), особено кај топонимите, веројатно, го детерминирал и мојот однос кон уметничкото дело како негов реципиент. Оттука, и при читањето, и при слушањето музика, и при гледањето филм или слика или уметничка инсталација основното нешто што треба да го предизвика и да го привлече моето внимание кон уметничкиот продукт е во него да пронајдам: приказна, историја, асоцијација на/со нешто најчесто од детството и младоста, кога духот ти е сведен на примордијалното чувствување дека нешто ти се допаѓа, го љубиш и те прави среќен зашто во тебе буди пријатни чувства; кога духот е необременет од: знаење, информации, теории, клишеа и често напорни и тешки интелектуализирања кои не ти дозволуваат да го почувствуваш уметничкото дело во неговиот најчист вид. Покрај ова, во невизуелните уметности мора да препознаам БОЈА. Од екстрауметничките фактори кои придонесуваат и се решавачки за тоа дали и колку ми се допаѓа некое дело се: моментот или времето или атмосферата во која сум се запознала со уметничкото дело, личното расположение во моментот на перцепција и, секако, физичкото здравје (памтам дека книги што сум зела да ги читам во време на тешки болештини ниту ми се допаднале, ниту сум ги дочитала докрај, ниту, пак, отпосле ме привлекле повторно да ги земам в рака).

Филмови:
- Единствениот македонски филм што сум го гледала повеќепати „Исправи се, Делфина!“ затоа што: првпат од овој филм разбрав која била охриѓанката Атина Бојаџи; ја засакав убавата Неда Арнериќ; првпат слушнав за каналот Ла Манш меѓу Франција и Велика Британија; Славе Димитров ги испеа двете свои најубави песни; зашто преку говорот на македонски на Неда Арнериќ уште пред да заодам на факултет ја разбрав разликата меѓу српскиот мелодичен и македонскиот динамичен акцент, а и дека ниеден Србин не може да го изговори нашето тврдо л, како што ниеден Македонец не може да се ослободи од него кога зборува српски…
- „Мајки“ од Милчо Манчевски, затоа што: првпат се судрив со суровоста на самотијата по запустените преубави предели на Македонија од кои некои, како што е Мариово, до ден-денес не сум ги посетила (а морам да го сторам тоа штом помине болештијава што го поклопи човештвото); препознав цитат од мојот омилен Бергманов филм „Крикови и шепотења“ што подоцна на една проекција во Штип ми го потврди и самиот режисер; иако субјективно, сепак –   брат ми оствари поголема филмска улога…  
- „Исмевањето на Исус“ од Јани Бојаџи, затоа што: тоа е првиот филм, по гореспоменатиот „Крикови и шепотења“, кој од пресилни и набиени емоции ми ја испреврте утробата, па ме натера уште неколку часа по проекцијата длабоко да воздивнувам, да плачам, да имам желба да трчам силно по уличките на Пула како подгорена од оган, да се чувствувам горда што сум Македонка зашто таков долг аплауз на филм досега немав доживеано…; да ја имам честа карши мене неколку дена по ред седи режисерот на предобриот филм и час да ме засмејува со своите козерии, час да ме надрецитирува (глаголов сама си го смислив) во кажување стихови од Рацин… во тие, неколку, прекрасни сончеви октомврски „Македонски денови“ во Пула меѓу умни, талентирани, правдољубиви патриоти, македонски и европски писатели, новинари, уметници и научници. 

Книги:
Од книги на македонски автори ќе издвојам неколку.
- Највисоко во хиерархијата на омилени македонски романи стои „Небеска Тимјанова“ од Петре М. Андреевски. Ова е првата книга од која дознав многу нешта поврзани со Граѓанската војна во Грција и со ДАГ. Од неа дознав за опакоста и измамата во политиката, за неверствата од пријателите и изневерувањата на идеалите. Но, научив и дека мајчинството е spiritus movens на секоја мајка што жената ја прави најиздржливото живо суштество на планетата. (Боја: виолетова)
- Има и еден автор во македонската литература што генерациски ми е близок. Се вика Ермис Лафазановски. Неговиот  „Роман на оружјето“ е едно од ретките четива што толку ме изнасмеало (се разбира ако го исклучам Ефраим Кишон, ама, пак, тој не е Македонец). Во книгата како убиствено оружје се јавува велосипедот. Како? – Прочитајте! (Боја: зелена)
- Во македонската литература денес има голем број млади македонски писатели и поети; секој од нив со свој препознатлив стил, јазичен израз, различен во наративната постапка. Овде, сепак, би сакала да го издвојам  „Диссомнии“ на Игор Станојоски. Зошто токму овој роман? Додека го читав романов, особено во финалето, неверојатно многу ме потсетуваше во атмосферата и по „чудните“ случки од романот „Мустаќи“ на францускиот писател  Емануел Карер што на крајот се покажа дека „чудноста“ нема врска со онаа кај Французот, па сепак… (боја: сива)
+ Од богатата ризница на македонската поезија особено ме трогнува песната „Тетин Ристе“ од Блаже Конески која, како што забележува акад. Георги Старделов, претставува „поетска сублимација на најчовечното што се изразува во колективната судбина на македонскиот народ.“ (боја: црвена и црна)

Плочи:
- Албумот „Мансарда“ на  Lola V. Stain на чија музика растеше Исток во мене, додека си ја пишував магистерската за еден триод од 13 век, и си мислев дека бебето мора да биде машко, мора да има светла коса и мора да биде поцврсто од мене и нема да плаче на сенешто како јас во тие денови, а богами и потоа, па сè до денес… (боја: на пожолтен есенски лист)
- Албумот „Калабалак“ на Леб и сол, чија „Бистра вода“ оттогаш па до денес ми ги разбиструва мислите, ми ја измива тагата, и дозволува водите од моите очи да се слеат во неа… (боја: сина)
+ Композицијата „FairVent“ на Дарија Андовска која лани во една питома летна ноќ во Тиват нè направи и тажни и горди: тажни што ние, Македонците, не се почитуваме и не се сакаме доволно меѓусебно; горди што ние, Македонците, со делото на Дарија се наредивме на рамна нога со Европејците, без никакви закани, уцени и условувања, зашто за вистинските вредности и за раскошните уметници од Македонија ни небото не може да биде граница… (боја: црвена)

Визуелни уметници:
Од македонските сликари ќе ги наведам оние македонски сликари чии дела висат на ѕидовите од нашиот дом:
- Марија Данова; Жената (одамна покојна) со најтоплиот дом во Скопје, кој во осумдесеттите години на минатиот век беше „прибежиште“ за голем број тогаш млади писатели, актери, сликари; домот во кој до долго во зимските ноќи покрај каминот се јадеше, пиеше, пееше и рецитираше (налик на вечеринките што ги правеле Мамантови на својот посед во близината на Москва во 19 век). „Портретот на Елка“ е единствената слика инспирирана од мене лично. Секоја средба со сопствениот портрет буди во мене спомени за едно убаво, безгрижно време од минатиот век, во кое првпат бев вљубена во еден поет…
- Жаклина Глигориевска затоа што: ми е другарка од детството; со сите нејзини слики (а не се малку) се поврзани најубавите случки од мојот живот и со случки од нашето другарување: кога се зедовме со Игор, прославата на нашите докторски со Игор, преселбата во куќата на баба Цица и на дедо Ристо, едно студено ноемвриско попладне во ателјето на Жаки кога ја беше фатила фазата на жолто (една од моите најомилени бои), нејзините изложби во: Музејот на современа уметност, Мала станица, Музејот на град Скопје…
- Калина Брајковска затоа што ме весели со колоритот, живите бои и раскажаните детски шарени приказни во нив;
- Никола Пијанманов зашто неговата „Месечина“ е стркалана на пола ѕид во нашата дневна соба и секоја средба со неа ме потсетува на една друга месечина, онаа на татко ми од неговата песна „Ичку, ним пули у мисичинта…“
- Ивана Настески чии слики со скриената жизнерадосност во нив секој ден ме потсетуваат дека во нашава опустошена, искрадена и сиромашна земја, сè уште, постојат добри луѓе поради кои треба и убаво е да се живее…

Извор: Cultur Shock

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото