4. Меморијата што се распаѓа

24.08.2020 11:20

Од циклусот „Распаѓање“

треба да се проголта во преджелудникот на свеста
и во бессона ноќ да се поврати одново во устата,

па да се џвака, да се преџвакува сѐ до утрото
со сконцентрирани движења на забите ко одач по јаже,

да се прежива како што овците во Источна Македонија
навечер преживаа во штамата на пондилата

дури баба ти те влечкаше накај нужникот полуизмочкана в сон,
и нивните заби шлапкаа во соковите од пасиштата,

како што твоите денес шлапкаат во водата на заборавот
вадејќи тук-таму по некој потонат сувенир од себеси.

Натопена со плунката на душата, меморијата треба
да се голта атом по атом разградувајќи се во сила

што ќе ти го извлекува телото од бунарот на потсвеста
сѐ дури животот не ја искористи на најдобар начин

нејзината хранлива вредност, а меморијата е храна,
без неа се слабее, се разболува, потхранет се умира,

без меморија се распаѓаш кога и сама се распаѓа.
Човекот е преживар со преджелудник – душа

и со желудник – дух, во кои како од чаша в чаша
меморијата што се распаѓа

треба да се претура и прелева
сѐ дури самата не стане тело од сопствената клетка.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото