Животот што се распаѓа

07.05.2021 12:38

треба да се стави на подавалник во рака на старица
која во другата држи бебе, а на усните молитва
од која наскоро ќе задремаат
четворица старци во бели кошули со сламени шапки,
пред кои стојат осум шишиња пиво корона
и иднина во празната чинија од супа со чили.
И како Фриц Фукс кој ги нагости
германските заробеници во Радио Ленинград
за да ѝ пренесат на опсадата дека градот
сѐ уште јаде и пие и нема да падне,
и животот што се распаѓа
треба да се пресели во шесте странички
со по дваесет празни линии во календарчето,
а за седмиот Господов ден, без забелешки
да се најде и причина: човек физички се раѓа,
духовно опстојува, душевно умира.
И како што мора патолошката бременост
да се одлежи во болнички кревет,
а сегашноста за да биде здрава
треба да е без минато бреме,
така и животот што се распаѓа треба да се положи
врз ладилникот за сладолед крај бебето
со празно пластично лонче во рачето
и со очи ширум отворени во крикот на Мунк.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото