Каде спие Сонцето? и уште две песни

23.10.2020 12:48
Каде спие Сонцето? и уште две песни

Каде спие Сонцето?

Кога спиеме ние
каде оди сонцето,
белки и тоа спие?
Тајната се растајни лесно
и тоа беше многу интересно.
Малечкиот Иги,
наместо да спие
тргна да види каде тоа
сончко цела ноќ се крие.
И сѐ уште не им
верува на очите
кога виде каде сончко
ги минува ноќите.
Кога ќе се измори
од обврски денски,
сонцето ужива во
кревет откачен, ептемски.
Направен од парче небо
и грст ѕвезди
во него сонцето нанка,
во сон по небото езди.
Покриено е со
облаче боја лила,
како само ужива,
мајко мила.
Ете така сонцето спие,
а што сонува - погодете вие.

**

Прекрасната жаба и кичестиот паун

Во парк со раскошна бара
се сретнаа паунот Ѓоко
и жабата, госпоѓица Клара.
За изјава да ни даде
паунот не сакаше да чуе,
та штотуку почнуваше да се дуе.
А жабата рече: "Кре! Кре! Кре!
Што е ова? Не можам
без едно - "бре".
Каква глетка страшна,
па комшијава Надуенко
не носи ни машна.
А со тие пердуви, божем рајски,
кутриот, не му текнува,
целиот е... некако, кичерајски.
Каде му е чувството за естетика?
Сто посто - на протетика.
И штета, покрај него,
раскошна убавица шета,
а тој, Ѓоко, за неа нема око.
За такви како него, кусогледи,
да се зборува многу и не вреди.
А што се чудам пак јас,
ко некоја баба,
та тој е само паун,
не е жаба."
p.s.
Жабата Клара сигурно
ќе беше избрана за мис,
но жирито службено беше,
баш тој ден на островот Вис.

**

Итриот пеликан

Пеликанот,
никогаш сит
земал кредит,
купил нуркач
со опрема
каква ни еден
пеликан нема,
за риболов со
план јасен
и улов на рипки,
многу ефикасен.
Нуркачот сега
набавува храна
а пеликанот има
време за теретана,
за мал фудбал
во дворана,
за своето хоби,
цртање морски
пејсажи по соби,
да патува и биде ист,
ко секој турист,
да чита белетристика,
вежба гимнастика...
Да прави ова,
да прави она....
секој ден
да му е ко бонбона.
А пред тоа што?!
Живот со
огромна мана,
од утро до мрак -
ловење храна.


Илустрации: Наташа Костовска

 

ОкоБоли главаВицФото