Мала бучава поради папучава, и уште две песни

21.09.2020 10:42
Мала бучава поради папучава и уште две песни

 

Мала бучава поради папучава

Си била една папуча,
се викала влечка,
но за неа - пополечка.
Во исто време
една врева
се скарала со трева,
а една галама
била главна и славна
поради една мама
кога на еднакви парчиња
се делела вкусна салама.
А каде е тука, ве молам,
зборот - БУЧАВА?
Тука треба да е. Но не е,
оти од дното на душата бучава
ја мразела папучава
(која се снајде
и тука се најде.)
Оти и зошто ја мразела?
Оти и затоа што
кога папучава газела,
толку многу пазела,
што немало, ниту врева,
ниту галама а
најмалку пак бучава
и сето тоа поради - папучава.

 

 

Рисот јаде чорба

Еден рис скокум,
еднаш уловил зајак
небаре локум.
Зајакот веднаш
остро го сече,
со потсмев рече:
"Рису гревче, иш!
Јас сум посен зајак,
зајак-играчка од плиш."
Рисот пак во лов
се вдаде,
оти мораше
нешто да јаде.
Улови лисица,
каква... фантастика,
шарена како
за џвакање мастика.
Ама... наместо месо -
жици, пластика...
Беше јасно,
но не и во ред,
ко два плус три
дека се пет,
шумата цела
беше полна смет.
Мевце рисот не
можеше да вќари,
поради т.н.
немање пари,
и затоа кутриот
чорба зелје вари.

 

 

Еднаш, еден млад мравојад

Еднаш еден мравојад,
мошне млад, голобрад,
застанал и свикал од јад:
-Мравки само јади, јади...
Ете што сме ние - мравојади!
Јас можеби не сум со сите
aма сакам поинаку да ми врват дните.
Се загреал мравојадот ко грејач,
сакал да стане оперски пејач,
Париз да види,
со парижани едно да биди.
Освен здодевни мрави
да проба шкампи, бифтеци од крави.
Сакал да вози ракета
ко молња, во молскавичен лет,
да запознае и некој друг, т.н. немравојад свет,
некој што само брза, ништо не пази,
а не ко него, мравојад, цел живот лази, лази.
Се прашувал и зошто е мравојад?
Зошто не е црешојад или крушојад?
(Но како што знае стар и млад,
некои прашања се само бол и јад.)
Немал ништо мравојадот против,
во животот, љубовта
да му е важен мотив.
Да се ожени за мравојатка,
се разбира, мошне млатка.
Да си имаат печес деца,
да ги плашат со
"Ако не сте добри,
ќе ве папа баба меца".
Сакал овој тип да
вози Сузуки џип
од Штип, па накај горе, горе,
да се лади на Северно море,
да стигне на Северен пол,
со фоки да игра ватерпол.
Сакал ова, сакал она...
да чини, да прави,
ама зошто, како, каде... тргнал -
сосем заборавил.


Илустрации: Алексеј Костовски

 

ОкоБоли главаВицФото