Баба Рога вежба јога, и уште три други песни

27.05.2020 12:31
Баба Рога вежба јога, и уште три други песни

Баба Рога вежба јога

Што е ова,

мода нова,

никој веќе од

децата наши,

од Баба Рога

не се плаши.

 

Како да се плашат

кога ептен се

смени светот,

на децата не

им се закануваат

со Баба Рога, туку со

исклучување

интернетот!

 

„Ако не ме слушаш,

ако не учиш...!”

вика таткото

целиот вцрвенет

„...нема веќе интернет!”

 

Затоа Баба Рога

реши да вежба јога,

фитнес и џогирање,

и ненервирање.

 

Од светското

Здружение за

за страшила

веднаш ја заплашија:

– Ти вака... уште некој ден,

веќе не си наш член.

 

Што направи Баба Рога?

Ништо. Мртва ладна

продолжи да вежба јога.

 

 Од животот на китовите

 Кога еден кит е сит?
Кога стомакот до горе
му е полн со
цело едно море.

Што прави китот
кога има цунами,
да речеме, кај Бахами?
Ништо, не драми,
мирно оди на спиење.
Пардон, прво

облекува пижами.

Што прави китот кога
се жени, кога има свадба?
Морето е цело - дивоградба.
Сватови му се бранови,
големи како кранови.

Што би купил китот во мол?
Нешто против морската сол.
Со фонтаната да се справи,
очите од неа му се веќе лилави.

Како се разминуваат
два кита среде океана?
Никако, секој си останува
на својата страна.

Кога кит ќе сретне друг кит
што си мисли та едниот,
та и другиот?
Што?! "Топ..., има и друг кит,
не исчезнал сосем нашиов вид."

Кога китот мошне се забавува?
Кога виножитце во фонтаната
негова, малкуцка подзаглавува.

Кога китот се нервира?
Кога не може да игра тенис,
оти страшно сервира.

Китот има куќа, стан?
Тој само плива плива,
цепи по морската нива.
А, ако може да му се
верува на галебот,
морскиот дрон,
на повидок нема он,
никаква куќа, никаков стан...
Домот на китот е бескрајното
море, бескрајниот океан.

 

Шумскиот шаман

Зеленикус,
специјалист по
скршеници на гранки
и на дрвца млади танки,
вчера го излечи
своето стотто дрво.
И реши, како прво,
зелената гора
да слави мора,
сѐ до рана зора.
На тој шумски бал
повикан е секој жител
и голем и мал.
Ќе се слави
заздравување
на оваа шума,
од кршења гранки
таа глупава чума.
И на тие што ќе дојдат,
јасно треба да им биде,
нема кршење гранки
и дрвја да се крадат,
имаат нос, уши, очи...
нека гледаат и
со зеленило се сладат.


Кога летаат лилјаците

Кога летаат лилјаците,

сите ги менуваат фаците,

од страв се тресат оџаците,

ужасно бледнеат облаците.

И, што?

Да не летаат лилјаците?

Пеш да не треба

да одат?

Како да не?!

Пеш ќе одат,

кога на куков ден

ќе се родат.

Грди биле лилјаците?

Од нив се плашеле и

пешаците и јунаците и

чираците и стручњаците,

(ама не и дивјаците.)

И што треба

да прават лилјаците?

На козметичар да одат -

да ги разубават фаците?

Кај пластични хирурзи -

да потстегнат, тоа стомаците?

Како да не?!

Лилјаците си се лилјаци,

и ништо не им фали

на нивните фаци и стомаци.

Ете, една Цаци

рече, "Баш се фаци,

и од род се отмен,

на славниот Бетмен.“


Илустрации: Алексеј Костовски

Извор: Чуда шума

 

ОкоБоли главаВицФото