Командата на Обединетите нации во Ерусалим

28.12.2020 21:51

Посредниците, миротворците, преговарачите,
помирителите,
живеат во белата куќа,
храна примаат од далеку,
низ заплеткани канали, низ темни жили,
чиниш зародоци се.

Секретарките им се нацрвени и насмеани,
шоферите со имунитет, ги чекаат подготвени, чиниш коњи
в штала,
а на дрвјето сенка што им прави,
корењето му е во раскарана земја,
и заблудите се деца истрчани
низ поле по циклами
в неврат.

А угоре кружат мислите, неспокојно,
небаре извидница авиони,
и сликаат, па се враќаат, та го развиваат
филмот
во мрачни, тажни соби.

И знам дека имаат мошне тешки полилеи,
а она детуле што бев, седи врз нив и се лула
внатре надвор, внатре надвор, вон, и веќе не се враќа
назад.

Подоцна, ноќта ќе изведе
пеплосани и извртени заклучоци за нашиве древни животи
а над сите куќи, музиката
ќе ги збере сите расеани нешта
чиниш дланка што збира трошки од масата
по ручекот, додека разговорот сè уште трае
а децата веќе спијат.
И надежите идат кон мене небаре храбри морнари
небаре откривачи на континенти
на остров
се одмораат ден-два,
а потем отпловуваат.

Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото