Личната карта, по мое

21.02.2021 11:19
Личната карта, по мое

Мое лично мислење во врска со содржинското дизајнирање на личните карти е следно:

1. За секоја етничка група, личната карта да е со различна боја. Со нијанси да се разграничува полот - женски, машки, двополен.

2. Во средината, со јако нагласена црвена боја, на целата површина да е втиснат: за православните крст, за муслиманите полумесечина. Во заден план, суптилна контура од црковна камбана, или минаре од најголемата џамија во Мека. Се разбира, според вероисповедта на личноста.

3. За безверниците, на средината од личната карта да се перфорира голема дупка. Отприлика со димернзии на мозочните во главите на оние што уште малку, за да се распознаваме, ќе ни ставаат жолти лимени ушни обетчиња. Како на песовите.

4. Во левиот горен агол, развеано знамето етничко - со лавче или двоглаво орле. За Ромите, котле на пиростија или закачено на синџирче. За секој етнос, посебен знак. Инаку ќе се испомешаме.

5. Во десниот агол, задолжително, цитат од Евагелието, за православните, или од Куранот, за муслиманите. По избор, со латинично, или арапско писмо. Мора до крај да се зачува принципиелноста и цивилизираноста.

6. Во долниот агол, партиската припадност, со потпис од лидерот.


7. Во десниот долен агол, место мозочната грамажа, или волуменот на интелигенцијата на носителот на личната карта, видливо да е запишан бројот на неговите чевли. На оние што се голи и боси, отисок од палецот на десната нога. Овој податок е многу значаен, посебно во услови кога нема попис. Ќе имаме увид, според трагите, кој каде фатил прекугранична магла. Барем за евиденција. Друга грижа за граѓанинот, дало Бог, немаме.

8. Задната страна на личната карта е резервирана за групна фотографија на комплетниот владин тим. Првиот заменик премиер да е од страната на срцето на премиерот, поткачен на саксија, за да доминира неговата двојазична и дводимензионална фигура.

Други податоци не ќе се неопходни. Името на носителот на легитимацијата и на државата, не мора да е впишано. Ќе се знае уште од далеку кога ќе се види. Таква униката глупост може да се издизајнира само во Македонија.
Лудите, кога немаат друга корисна работа, со чеканче исправаат кадрави влакна!
P.S.
А бе, што нè масирате, што не месите. Земете пример од Германците, Французите, Британците или Американците. Еве, блиску ви се Словенците. Тие одамна ги преболувале сите детски болести и морални красти. Сите глупирања.

Белки имаме поважни работи.


Карикатури: Miroslav Barták