„Изгубениот“ човек

17.07.2017 04:11
„Изгубениот“ човек

Во Тунис има еден регион во кој од дамнини, некои пустински жители, своите живеалишта ги длабеле во ниските планински масиви. Ем покрив над главата, комфор според личната архитектонска инвентивност, ем спас од пеколните горештини. Нешто слично ќе најдете и во Кападокија, во Турција. Многу и од нивните верски објекти се вгнездени во утробата на земјата, со неповторливо иконописно богатство. Попатно да потсетиме, со договорот за размена на население во третата деценија на минатиот век меѓу Анкара и Атина, многу Македонци со исламска вероисповед, главно од егејските делови на Македонија, биле депортирани токму во тој регион на Турција.

Меѓутоа, овој вовед има подруга тенденција од онаа што првично може да се насети. Ние, како народ, во својата градителска историја, не сме ги прифатиле стиловите, ниту на берберското племе од Тунис, ниту на жителите од Кападокија, од чии градби до шекнување се воодушевувале дури и генијални архитекти, од калибарот на Корбизје. На нашата национална мапа ги нема ниту катакомбите од Малта - оние од Ла Валета и од Гозо.

А сега, да ја споделам личната дилема - тогаш, во која глувчешка дупка, ако вие знаете, кажете, се криеја овие наши силни интелектуални умови во текот на сите изминати прокобни години. Да не ги фати промаја, да не ги навтасаат уроци, или да ги избегнат клетвите на овој народ, кој е жртва и на нивната дремлива, та дури заспана совест.

Нивните авторитетни сурати се појавуваа на „свеж воздх“ само тогаш кога требаше да бидат атрактивен и убедлив декор на национлната сцена, на која една деценија властодржните сатрапи ја режираа и изведваа суровата драма на нашиот колективен трагикум. Ги преспаа пустошењата на сите убојни политички торнада. Глумеа далтонизам, а поради личното приказно малодушие, не се одважија, ниту охрабрија да ги препознаат вистинските бои на македонското беззаконие. До нивното дебелокожие не допре болката предизвикана од масовниот теророт, кој однесе многу животи и разнебити бројни семејства.

Во науката постои само една и единствена, а секако и неменлива дефиниција што е тоа човек. За сите временски епохи и на сите точки од оваа планета. А ние се соочуваме со дилемата - каде исчезна нашиот здраворазумен човек. Каде е академикот, професорот, научникот, лекарот, уметникот, судијата? Пред себе ја имаме невешто моделираната копија која ни од далеку ги нема неопходните волуменски димензии, ниту морално-етичките белези од претставата за стаменитоста на нашиот човек. Овој е непрепознатливо минорен, безбоен, аморфен. Кога велиме дека ни претстојат промени, некакви нови ветрови, најнапред помислувам, како на исклучително капитален потфат, на пресоздавањето на нашиот човек, кој треба да излезе од катакомбата на неговото изгубено достоинство и продадено самочувствие.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Небојша Гелевски