Децата ангели

05.03.2021 16:48
Децата ангели

 

Еден човек имал две деца, син и ќерка.

Еднаш тој фатил гулаб и го дал на жена му за од него да спреми ручек и да го донесе на нива. Жената го спремила ручекот и го понела. На патот паднала, го скршила лонецот, и целото јадење се истурило.

Човекот бил немтур, па таа не смеела да отиде на нива без ручекот. Затоа брзо заминала дома, ја отсекла едната своја цицка, го зготвила ручекот и му го однела на мажот.

За време на ручекот жената го прашала човекот како му се допаѓа јадењето, а тој ѝ рекол дека во животот не јадел ништо послатко. Таа тогаш му рекла: „Па тоа, човеку, е мојата цицка“, и му раскажала што направила.

„Гледаш“, рекла жената, „колку е слатко човечкото месо. Ајде и ние нашине деца да ги затвориме в бочва и да ги храниме, па да ги убиеме и изедеме“.

Човекот ја прифатил идејата, и така тие ги фатиле децата и ги затвориле в бочва, и таму ги хранеле.


Кога дошол денот да ги колат, кутрите деца плачеле и зборувале: „Света Петко и света Недело, те молиме на бочвата да ѝ пукнат обрачите и да избегаме од нашите мајка и татко“. Обрачите тогаш пукнале и децата избегале.

Одејќи дошле во една голема нива, каде што орале и копале песоглавите. Децата им помогнале на песоглавите да копаат, та песоглавите им дале леб, за децата да не цркнат од глад.

Вечерта децата се преправале дека спијат, а таткото и мајката песоглави се договарале од децата утре на работниците да им направат ручек. Старецот рекол: „Ти, бабо, големион казан со вода ќе го ставиш на оган, па ќе ги пратиш децата да видат дали врие, а потоа ќе ги бутнеш во казанот“.


Кога изгреало песоглавите отишле на нива, а бабата останала да го спреми казанот за децата. Кога дошол мигот, почнала бабата да ги праќа децата да видат дали казанот врие, но децата не сакале, ами рекле: „Ние сме, бабо, малечки, па не го знаеме тоа, туку ај ти да ни покажеш, за и ние друг пат да знаеме“.

Бабата ги послушала и тргнала со нив до казанот, се наведнала над него да види врие ли водата, а децата притрчале, ја бутнале бабата во врелата вода и веднаш избегале.

Кога песоглавите се вратиле, ја виделе мајката в казан, та веднаш потрчале по децата, и дошле до една голема корија, каде што децата се сокриле. И тогаш еден од нив почнал да вика: „Еј деца, како да стигнеме до вас?“ А децата му одговориле: „Одете дома и земете ги копачите за да ја прокрчите коријава, и ќе дојдете до нас“.


Песоглавите заминале дома да ги земат копачите, а децата излегле од коријата и дошле до една голема вода.
После неколку дена песоглавите дошле со копачите, ја прокрчиле коријата, но не ги нашле децата. Веднаш тргнале по нив, но децата веќе ја биле преминале водата и си седеле на брегот.

Кога песоглавите ги виделе децата, извикале: „Еј деца, како да дојдеме до вас?“ А децата им одговориле: „Ставете вреќи со камења под мишките, па запливајте, и така ќе дојдете“.
Послушале песоглавите, ставиле вреќи со камења под мишките, запливале, и сите се удавиле.


Братот и сестрата дошле до еден извор и тука посакале да се измијат и да се напијат вода, но од изворот нешто им рекло: „Не допирајте ја, деца, водава, оти тука се капат ѕвездите“.

Децата заминале потаму и дошле до друг извор, па и таму сакале да се измијат и вода да се напијат, но од изворот нешто им проговорило: „Не допирајте ја водава, тука се капе Месечината“.

Децата пак заминале потаму, и дошле до изворот каде што се капе Сонцето, и оттаму сакале вода да се напијат и да се измијат, но од изворот нешто им проговорило: „Не допирајте ја, деца, водава, оти тука се капе Сонцето“.

Најпосле децата наишле на четвртиот извор, каде што се капел Господ. Тука се напиле вода и ги измиле лицата, па седнале да се одморат. Набрзо од изворот излегол и Господ, та ги благословил децата и ги претворил во ангели.


Слики: Jüri Arrak, Panga-Rehe Jutud, 1975.
Превод и адаптација: П. В.
Извор: Васко Попа, Од злата јабука, Руковет народних умотворина, 1958.

 

ОкоБоли главаВицФото