Картографското царство Макетонија

09.04.2021 16:40
Картографското царство Макетонија

 

Картографското царство Макетонија се наоѓа во најзафрлените подрачја на Балканскиот полуостров. Прв пат е опишано од Евлија Челеби, во 1662 година. Негова главна атракција се урнатините во западните територии ‒ остатоци од огромната мапа која некогашните царски картографи ја изградиле на начин таа наполно да се поклопува со самото царство. Кон средината на 17-иот век, запуштена од страна на помладите генерации, таа мапа е речиси во целост уништена.

***

Најфасцинантната работа кај овие урнатини е фосфоресцентната синкава светлина која како светкава магла на ова древно место му дава илузија на живот. Некои велат дека фосфоресценцијата доаѓа од затрупаниот рудник Алшар; други мислат дека е резултат на непрекинато гниење на нешто непознато.

***

По плитките јами и земјени дувла во своевиден соживот во Макетонија егзистираат Морлоците, слепата раса на подземни пролетери, и немите Троглодити, познати и како бесмртници. И едните и другите се хранат со мрши и отпадоци, понекогаш борејќи се меѓу себе.

Митскиот поглавар на Морлоците и Троглодитите се вика Волос (меѓу другото, бог на поезијата). Волос е хибрид меѓу човек, мечка и гуштер. Целиот е истетовиран: на градите со сина боја му е нацртана груба мапа на Макетонија; на десната рака се нацртани древните херои на царството, а на левата симболите и талисманите; од долната страна на десното и левото стапало истетовирани се амблемите на двата најголеми традиционални непријатели на земјата. На овој начин поглаварот непријателите секогаш ги има под нозе.

***

Безимениот замок бил една од најмаркантните градби во тоа царство, иако не се пронајдени остатоци од него. На неговиот главен влез имало натпис: „Јас не припаѓам никому, и припаѓам секому. Пред да влезеш, овде веќе си бил, и сè уште ќе бидеш тука кога одовде ќе излезеш.“

Прославеното огледало, кое му овозможува на оној што гледа во него да го види кое било место на светот, наводно лежи неупотребено во некоја од одаите на Безимениот замок.

***

Во една од планините на таа територија (можеби Кутмичевица) постои тунел, скриен зад голема карпа и заштитен со железна капија, кој води длабоко во пештерата позната под името Инвагинарен џеб. Таму 140 витези во сребрени оклопи лежат во зачаран сон. Тоа се Спијачите, чувари на земјата, воини со искрено срце и храбар дух, избрани да се борат против Духот на Темницата.

Предметот што го симболизира Картографското царство се вика лизарче и може да ги има следниве облици: железна монета со отпечатен рис или со Јанус, циганска тарот карта, лав или грифон, едноок или слеп човек, стаклено око, „Механички Турчин“, мал компас, железен прстен со минијатурни шилчиња навнатре, пламеноцрвенкаст минерал, плочка за куцкамен или камен изваден од дно на бунар, отровна стреличка, фитил, буре и пагурче. 

***

Изворите за текстов (Борхес, Касарес, Челеби, Дидро и Гарнер) не се занимаваат со тоа прашање, но еден анонимен запис вели дека целокупната литература и јазикот на народот на Картографското царство Макетонија се состоеле од еден единствен збор: небаре. Во тој збор секој од Макетонија ги препознавал своите маки, љубови, желби, сништа, недоумици, загуби, доблести, своите тајни постапки, работите што ги видел и заборавил, луѓето што ги запознал, пријателите и непријателите, свеста и потсвеста, телото и духот... ‒ сè.

***

Забележано е едно огромно чудовишно животно (не е Волос) кое шпарта низ напуштените предели на територијата. Никој не го видел ни документирал, но се зборува за џиновски рис, суматрански носорог, свиња-елен (молучка бабируса), комодски змеј...

Една теорија вели дека целото Картографско царство всушност е врвот на оклопот на џиновска желка и дека, во таа смисла, е жив организам (ако желката е сè уште жива).

Сликите во текстот го прикажуваат царството Мордор

ОкоБоли главаВицФото