Биосубјективитет

06.03.2021 12:49
Биосубјективитет

Телото е материја чијшто облик се развива според генетската програма и во функција на неговата поголема или помала биокултурна пластичност. Човечкото тело е биокултурно, тоа е резултат на взаемното влијание на неговата генетска материја која завршува со смртта на тоа тело и на социокултурното опкружување во кое тоа, во склад со тоа како се конституира, регулира и адаптира, се инкорпорира во надворешниот свет и во својата претстава за светот.

Телото станува човечко со инкорпорација на волните и неволните сознанија добиени со образованието и во текот на целиот живот. Тоа себеси си создава хабитуси кои претставуваат отпечаток во неговата материја на културни кодови, знаци и говори врз основа на кои се образувало и живее. Човечкото тело ниту е целосно индивидуално, ниту е строго општествено; тоа е резултат на симболичка конструкција и субјективна инвенција, засновани врз колективни и индивидуални согледби и претстави. Половата разлика е општествена диференцијација која почива врз репродуктивните способности, економично уредени според правилата што ги наметнуваат распределбата на трудот и секојдневниот живот.

Објективното тело се согледува низ субјективното тело и тоа искуство успева да ги промени сликата на телото, самопочитта и односот кон другото тело. Составено од сензорна и лингвистичка интеракција, човечкото тело станува плот преку меморијата и имагинарното: не успевајќи да излезе од нашето тело поинаку отколку по пат на симболичка медијација, дистинкцијата помеѓу отелотворената внатрешност и опредметена надворешност му пружа на телесниот субјект начини на делување: единството на соматското и психичкото го одредува обединетото доживување таму каде што секое својство може на телото да му ја покаже разликата преку перцепцијата, свеста, говорот, или акцијата.

Психосоматскиот феномен го открива внесувањето на несвесните претстави во телесната схема и во сликата на телото. А бидејќи веќе не е природно, или барем индивидуалната или општествената претстава за телото го дефинираат како целосно културно и техничко, телото ќе може бескрајно да се деконструира и реконструира.

Дури и мозокот делумно, а телото во целост, ќе можат да бидат заменети како делови на некој технолошки механизам. Само уште треба механизирањето на она што е живо да биде функционално во својата артифициелност. Нашата ментална приврзаност кон супстанцијалниот субјективитет нè одржува во таа имагинарност на единственоста на нашето јас - чисто тело кое произведува илузија на ментална независност во однос на нашата биолошка состојба.

Некој кому му е пресаден орган, или можеби секој човек, веќе од првата функционална операција открива дека нашето добиено тело се троши, се излитува, се разболува, со годините се деградира, се трансформира. Менувајќи го телото ќе ја сопреме таа биолошка темпоралност или успорувајќи го стареењето, или обновувајќи го телесниот простор ќе ги надополниме недостатоците предизвикани од времето.

Под претпоставка дека можеме да направиме нашето тело да одговори на нашите желби, дали тоа би било доволно да се поништи релацијата од субјект до објект, за субјектот целосно да се отелотвори? Зашто телото како субјективно живо, секогаш е со таков интензитет, темпоралитет и просторност што ниедна содржина нема да успее да го редуцира.

Менувајќи го телото, приближувајќи го до она што го сакаме, биотехничкото битие сака да го преобрази биолошкото време, не толку за да го сопре или да го продолжи, туку за интензивно да го проживее биолошкото време како биосубјективна промена. Додека ја моделира биоматеријата на своето тело, не значи дека субјектот само се обликува, тој се информира за промената на своето тело. Менувајќи го телото, субјектот открива дека е непостојан, дека сака промена и движење. Повеќе отколку да се изградува за да достигне естетски или функционален идеал, непостојаниот субјект најмногу од сè би сакал постојано да се менува.

Фотографии: Yung Cheng Lin

Извор: „Le dictionnaire du corps“

Слични содржини

Теорија
Теорија
Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Теорија

ОкоБоли главаВицФото