Ќе има сè помалку луѓе на планетата. Што значи тоа за нашето општество?

26.07.2021 01:07
Ќе има сè помалку луѓе на планетата. Што значи тоа за нашето општество?

Земјите ширум светот се соочуваат со стагнација на популацијата и намалена плодност. Ова ќе биде првпат во историјата на човештвото првите родендени да бидат поретки од погребите.

Во Италија се затвораат породилишта. Во Кина се појавуваат градови духови. Универзитетите во Кореја не можат да пронајдат доволно студенти, а во Германија стотици илјади куќи се срушени.

Како лавина, силите кои влијаеја да имаме повеќе умирања од раѓања, како да забрзуваат и како да се шират побрзо. Иако некои држави бележат раст на популацијата, особено во Африка, стапките на плодност паѓаат речиси насекаде. Демографите предвидуваат дека во втората половина на векот, а можеби и порано, глобалната популација ќе биде во состојба на стабилно опаѓање.

Планетата со помалку луѓе би можела да го намали притисокот на ресурсите, да ги забави климатските промени и да го намали товарот кој паѓа на жените. Но резултатите од неодамнешните пописи во Кина и САД, кои укажаа на најбавен раст на населението во последните неколку децении во двете земји, најавуваат и доаѓање на промени кои досега изгледаа незамисливо.

Подолгиот животен век и ниската плодност значат дека ќе има помалку работници и повеќе пензионери, што се заканува да го промени начинот на кој се организирани нашите општества. Замислете цели региони во кои сите имаат повеќе од седумдесет години. Замислете влади кои им плаќаат додатоци на мигрантите, или на мајките со многу деца. Замислете економија полна со баби и дедовци и телевизиски реклами кои промовираат размножување.

„Неопходна е промена на пардигмата“, вели Френк Свијачни, германски демограф кој до минатата година беше шеф на одделението за трендови и анализа на популацијата во Обединетите нации. „Државите ќе мораат да научат да живеат со опаѓањето, и да се адаптираат.“

Некои последици веќе се видливи, особено во Источна Азија и Европа. Владите не успеваат да балансираат помеѓу барањата на сè поголемите кохорти постари и потребите на младите луѓе чии одлуки за стекнување потомство се обликувани и од позитивни (повеќе можности за вработување на жените) и од негативни фактори (нееднаквост помеѓу половите и сè поскапиот живот).

Дваесеттиот век поставуваше еден поинаков вид предизвик. Глобалната популација доживеа најбрз раст во историјата, зголемување на 6 милијарди луѓе во 2000 година, за разлика од 1,6 милијарди колку што имаше во 1900 година. Животниот век се продолжи, а смртноста на доенчињата се намали.

Во некои земји, во кои живее една третина од светското население, таквата динамика трае сè уште. До крајот на веков, Нигерија би можела да стане најнаселена земја во светот; ширум субсахарска Африка, семејствата сè уште имаат по четири или пет деца.

Но речиси на сите други места во светот доаѓа крајот на ерата на плодноста. Жените имаат сè полесен пристап до образованието и контрацепцијата, додека во исто време се зголемува неизвесноста поврзана со имањето деца. Затоа се раѓаат сè помалку бебиња. Дури и во земјите со кои често го поврзуваме брзиот раст, како што се Индија и Мексико, стапката на раѓање паѓа под 2,1 деца по семејство.

Со помалку родени деца, ќе има и помалку девојчиња кои ќе раѓаат во иднина.

„Тоа станува цикличен механизам“, вели Стјуарт Гител Бастен, експерт за демографијата на Азија на Универзитетот за наука и техонолгија во Хонг Конг.

Некои земји, како САД, Австралија и Канада, каде стапката на раѓање е помеѓу 1,5 и 2, тоа го надоместуваат со имигранти. Но во Источна Европа, миграцијата надвор од регионот придонесе за депопулација, а во големи делови од Азија, изгледа дека експлодираше „демографската бомба“ за која се зборуваше пред неколку децении.

Стапката на плодност во Јужна Кореја во 2019 година падна на рекордно ниски 0,92 - помалку од едно дете по жена, што е најниска стапка во развиениот свет. Секој месец во изминатите 59 месеци, вкупниот број новороденчиња во оваа земја беше понизок од секој претходен месец.

Намалената стапка на растот, здружена со брзата индустријализација која луѓето од руралните предели ги доведе во големите градови, доведе до создавање нешто што најмногу наликува на двослојно општество. Додека метрополите како Сеул продолжуваат да растат, што доведува до нови притисоци на инфраструктурата и недвижностите, во регионалните градови може да се видат и затворени училишта. Трудниците понекогаш не можат да најдат акушери. Универзитетите кои не се водат како елитни, особено надвор од Сеул, не успеваат да ги наполнат предавалните - бројот на осумнаесетгодишниците во Јужна Кореја падна од 900 000 колку што имаше во 1992 година, на околу 500 000 денес.

За да го поттикне раѓањето деца, владата почна да дели „беби-бонуси“. Зголемен е детскиот додаток, како и субвенциите за здравствена нега, особено кога станува збор за третманите за плодност и бременоста. Министрите за здравје и останатите претставници им даваат подароци на новороденчињата. Владата гради стотици градинки и јасли. Во Сеул, секој автобус и секој вагон во метрото има розеви седишта, резервирани за трудници.

Но заменикот на премиерот Хонг Кам Ки признава дека владата, која во последните 15 години на програми за раѓање повеќе деца потроши повеќе од 178 милијарди долари, не успева да донесе напредок.

„Баба ми и дедо ми имаа шест деца, а моите родители пет, зашто нивната генерација веруваше во тоа“, вели Ким Ми Кјунг, самохрана мајка. „Јас имам само едно дете. Нам, кога сè ќе се стави на хартија, не ни се исплатува да имаме повеќе деца.“

Во Капракота, мал град на југот од Италија, знакот на зградата која датира од 18 век вели дека тоа некогаш било детски дневен дом и училиште. Денес е старечки дом.

„Имавме многу семејства, многу деца“, вели Кончета Д'Андреа (93), која во оваа зграда прво завршила училиште, а потоа работела и како учителка, а сега живее во неа. „Сега нема никој“.

Бројот на жители во Каракота е намален - од 5 000 на околу 800 - а тие се и сè постари. Столарските работилници се затворени. Организаторите на турнири во мал фудбал не успеаја да состават ниту една екипа.

На половина час возење оттаму, во Ањоне, породилиштето е затворено пред цели десет години, зашто имало помалку од 500 мајки годишно, што е национален минимум во Италија. Годинава во Ањоне се родени шест бебиња.

„Некогаш можеше да се слушне плачот на бебињата, тоа беше најубавата музика“, вели Енрика Шуло, медицинска сестра која сега работи главно со стари луѓе. „Денес имаме само тишина и чувство на празнина“.

Според проекциите на меѓународниот тим научнци, објавени минатата година во „Лансет“, 183 држави и територии - од 195 колку што има - во 2100 година ќе имаат пониска стапка на раѓање отколку смрт.

Нивниот модел најдобро се гледа преку примерот на Кина. Се очекува дека од сегашните 1,4 милијарди Кина ќе има вкупно 700 милиони жители на крајот од веков. Доколку се случи тоа, пирамидата на популацијата практично ќе се сврти наопаку. Наместо бази млади работници кои ќе ги одржуваат пензионерите, во Кина бројот осумнаесетгодишници ќе биде еднаков со луѓето на возраст од 85 години.

Пописот на населението покажа дека кинескиот „појас на рѓата“, на североистокот, минатава деценија доживеа пад на популацијата од 1,2 проценти. Во 2016 година, провинцијата Хејлунгџанг беше првата каде пензискиот фонд остана без пари. Хеганг, „град на духови“ во оваа провинција, остана без 10 проценти од населението во 2010 година.

Јужна Кореја ги тера факултетите да се спојуваат. Во Јапонија, каде повеќе се продаваат пелени за возрасни отколку за бебиња, градовите јакнат, а гратчињата стареат и исчезнуваат. Германија, каде границата за пензионирање е зголемена на 67 години, сега размислува за зголемување на 69 години.

Откако беше проширен пристапот до детска нега и беше овозможено платено породилно отсуство, стапката на плодност во Германија скокна на 1,54, од 1,3 колку што беше во 2006 година. Но ниедна земја со сериозно забавен раст не успеа да направи нешто слично, ниту пак успехот на Германија е толку голем. Постојат малку знаци дека во овие земји ќе дојде до ненадејно зголемување на платите, а воедно нема ни гаранции дека помалата популација ќе значи помал удар за животната средина.

Приказната на Ана Паролини наликува на многу други приказни. Го напуштила своето родно место во Италија за да најде работа. Сега има 37 години и живее со момчето во Милано. Ја одложила својата желба да има деца. Се плаши дека нејзината плата која е помала од 2 000 евра месечно, нема да биде доволна за да издржува семејство.

„Тука немам никој кој би можел да ми помогне“, вели Ана.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Xan Padrón

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото