Повик на Хелсиншки комитет и „Медуза“ за есеи за родова еднаквост

08.09.2021 11:57
Хелсиншки комитет и „Медуза“ со повик за есеи за родова еднаквост

Феминистичката платформа „Медуза“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права организираат обука за авторки, со што нудат менторски процес за пишување и објавување на истражувачки есеи во полето на родовата еднаквост. Оттаму информираат дека обуката има за цел да ги подготви учесничките за информирано, аргументирано и поткрепено истражување и пишување во дадената област и финализација на работата преку менторски процес.

Програмата е наменета за сите заинтересирани авторки, а особено студентки по новинарство и/или дипломирани новинарки, кои може но и не мора да се медиумски работници, но имаат докажан интерес за креирање на јавно мислење и активно менување на родовите наративи кои се пласираат во јавноста.

„Аргументираното и критичко пишување има потенцијал да ги зајакне девојките и жените во борбата против стереотипите, да помогне да испливаат потиснати приказни на површина, да креира простор за маргинализираните, да артикулира проблеми и предлага решенија и на тој начин да поттикне општествена промена“, велат од „Медуза“, додавајќи дека програмата е составена од целодневна обука која има за цел теоретски и методолошки да ги подготви избраните авторки, како и да ги разработи нивните предлог теми.

Рокот за пријавување трае до 20 септември 2021 година.

По обуката секоја авторка во договорениот рок ќе работи на финализација на својот истражувачки есеј со редовна менторска поддршка. Обуката ќе се одржи на 2 октомври, по што авторките ќе имаат 4 месеци за изработка на крајниот продукт. Секоја авторка ќе добие авторски хонорар од 200 евра, а програмата е предвидена за вкупно 6 авторки. Истражувачките есеи ќе бидат објавени на Медуза и други медиуми.

„Темите кои се од интерес на програмата се од областа на родово базираното насилство, различните видови и форми на дискриминација, родовите норми, стереотипи и предрасуди, институционалното (не)постапување, интерсекционалниот феминизам, медиуите и родот, но и други теми кои се занимаваат со микро и макро аспектите на родот, со јавните, но и приватните/интимните неправди и нееднаквости кои се резултат на системската поставеност“, велат оттаму.

Сите заинтересирани може да аплицираат со испраќање на кратка биографија(CV), писмо со мотивација, предлог тема од еден параграф, како и еден пример од свој пишан текст. Предлог темата треба да содржи работен наслов, краток вовед и централно прашање од интерес за истражувачкиот есеј.

Рокот за пријавување трае до 20 септември 2021 година, а апликацијата заинтересираните можат да ја испратат на info@meduza.mk со назнака „Апликација за програма за истражувачки есеи“.

 

ОкоБоли главаВицФото