Марш за женски права - „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!”

08.03.2024 09:50
Марш за женски права - „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!”

По повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправноста на жените – 8 Март (петок), ќе се одржи колективна акција, колективен протест и колективен марш во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост. Оваа година маршот ќе се реализира под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, со почеток од 17 часот на плоштадот Скендербег.

„Овој марш претставува протестен одраз против ситуацијата во нашата земја, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија кои нè засегаат сите, а особено ги погодуваат жените. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права!

Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности - пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност - во сите сегменти од нашето постоење!

Изразуваме солидарност до нашите сестри и соборнички во Загреб, Сарајево, Белград, Приштина, Подгорица, Тирана, Љубљана, кои се соочуваат со истите неправди и потсетуваме дека регионалната поддршка и соработка ќе ни помогне заедно да ги надминеме препреките.

Изразуваме солидарност и со жените од глобалниот југ, а особено со жените од Газа кои се соочуваат со вооружени напади, етничко чистење и геноцид.

Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.

Маршираме заедно во петок – 8-ми Март во 17 часот на плоштадот Скендербег каде ќе ја започнеме нашата рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите” – велат организаторите на колективниот марш.