1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Новата сликовница во едицијата „Старо купувам“ на книгоиздателството Темплум ќе биде промовирана на шестото издание на фестивалот „Друга приказна“ на 02.10.21. во 18 часот во Пионерскиот дом Карпош, во Скопје.
Автор на дванаесетте песни е Владимир Шопов, а илустрациите се на Инес Ефремова. Повеќе за авторите подолу.
Од книгата пренесуваме три песни и три илустрации.
ГОРИКОЛА
(месец прв)
Крај заледен поток без проток
Горикола го води календарското оро.
На студот крцкаат дабот и борот,
А секој се крсти од што мрзнат прсти.
Стокмен во снежна кошула тенка
Горикола нема гајле,
Иако дури и мразот стенка,
Ќе танцува до сабајле.
Сè до некое утро изѕемнето
Кога од студ ни е веќе стемнето,
Кога со ледено притаен вик
Настапува куслето Истемник!
ИСТЕМНИК
(месец втор)
Како месец лут и кус
Истемник е студен дибидус.
Од смрзнувачка спасува само еден лек -
календарски Истемник има најкус век!
Од височината на календарските браќа
паника Истемник го фаќа,
Затоа се истегнува, вежба и се бодина
да е висок бар секоја престапна година.
А кога со браќата се израмнува,
Кога со снежните тупаници замавнува,
Утеха ни е непрестапната година следна,
Кога пак ќе е клапнат и со височина бедна.
ЦУТАР
(месец трет)
Како стручњак за разни трикови
Цутар се јавува со стотина ликови:
Еднаш е бура чиј здив замрзнува,
А потем дождец што цутови врзува.
И кога е сончев, благ и ко лебец мек
Со него постојано треба на штрек,
Зашто Цутар има вражја клима -
пролетта за миг ја враќа во зима!
Во главни календарски црти
Цутар е месец што вода врти.
Го цеди ли цеди снегот од падините
и исцеденото го навртува кон градините.
Белешки за авторите
Владимир Шопов (1948-2000) — македонски поет, критичар, публицист хроничар, писател, хуморист и сатиричар. Објавил и поетска збирка за деца, „Креда“. Пишувал поезија и на англиски јазик. Бил човек со разнородни творечки интереси; се занимавал и со концептуална уметност, на пример.
Објавил осум поетски збирки: „Луцида интервала”, „Од век на век сè така со лева нога со десна рака”, „Фату”, „Заратустра во Делфи”, „Јас фетус”, „Креда”, „Alchemia“ и „Winter Song”, и една збирка раскази: „Записи и сништа за Александар Магнум”.
Зад него останале необјавени две поетски збирки и недовршен роман.
Македонскиот календар (или Горикола) е еден од неговите необјавени ракописи.
Инес Ефремова, родена 1986 година, е уметница која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје како ликовен педагог. Една деценија активна на културната сцена, Инес зад себе има неколку самостојни и повеќе групни изложби. Дигитална уметност, традиционални техники и инсталации се дел од нејзиното творештво, а последните неколку години нејзиниот творечки фокус е целосно насочен кон илустрацијата.