Недостатокот на сон и осаменоста

01.11.2021 03:15
Недостатокот на сон и осаменоста

Покрај гојазноста, дијабетесот, падот на имунолошкиот систем, зголемувањето на ризикот од сообраќајни несреќи, непродуктивноста на работното место, но и поголемиот број жртви на медицински грешки, научниците открија уште една негативна последица од недостатокот на сон - чувство на осаменост.

Во една мала студија, група истражувачи на испитаниците им пуштале снимки од личности кои им се приближуваат и побарале снимката да ја запрат во моментот кога луѓето од видеото, според нивната проценка, ќе им се приближат преблиску. Резултатите од истражувањето покажале дека кога испитаниците не спиеле доволно, притискале стоп на дури 60 проценти поголема оддалеченост во однос на периодот кога биле одморени. Дополнително, снимките кои ја следеле активноста на мозокот за време на експериментот, откриле дека кај изморените луѓе активноста во подрачјето на мозокот задолжено за перцепција на опасност била значително поголема отколку кога биле одморени.

И покрај фактот дека сонот е само една третина од човечкиот живот, која јасно укажува на неговото витално значење во однос на здравјето, сè повеќе луѓе го доживуваат спиењето како губење време и застарена навика. Така, на пример, Американците веќе одамна спијат помалку од седум часа дневно што е приближно два часа пократко во однос на периодот од пред сто години. Во таа смисла, Јапонците се уште „понапредни“ со оглед на тоа дека дури 40 проценти од тамошното население спие помалку од шест часа. Попладневните дремки на масите во рестораните за брза храна во оваа земја станаа речиси секојдневна, социјално прифатлива појава.

Според зборовите на Роберт Стикголд, директор на Центарот за спиење и когниција при Медицинскиот факултет на Универзитетот Харвард, изгледа како да живееме во светски примерок за проучување на негативните последици од недостатокот на сон. Според мислењето на Стикголд, тоа неминовно ќе се изрази во форма на бројни негативни, економски, здравствени и социјални последици и ќе стане јасно дека неспиењето нема ниедна добра страна.

Од друга страна, еден од главните автори на споменатото истражување, професорот по психологија Метју Вокер, смета дека во светот владее епидемија на осаменост за која една од главните причини е несоницата. Добар пример претставува Велика Британија, каде над 9 милиони луѓе себеси се сметаат за социјално изолирани и хронично осамени.

Заедничката претпоставка за негативните ефекти во однос на социјалниот живот и чувството на изолираност, досега ја потврдија повеќе истражувања.

Во едно од нив, од илјада луѓе било побарано да оценат фотографии со различни лица - некои наспани, а некои не, според тоа колку дружељубиво делуваат на фотографиите. Секако дека фотографиите со изморени луѓе предизвикувале негативни реакции, но покрај тоа, научниците утврдиле дека претходно веселите и одморени луѓе, гледајќи ги сликите со оние што не биле доволно наспани, и самите станувале полошо расположени. Така е утврдено дека осаменоста, покрај тоа што отуѓува, таа е дополнително пренослива. Во таа смисла е оправдано да се зборува за епидемија.

После бројни истражувања сè уште останува отворено прашањето дали осаменоста влијае на нарушувањето на сонот или пак ова чувство го предизвикува недостатокот на сон. Како што наведува професорот Вокер, најверојатно се работи за двонасочен процес. Квалитетот на сонот опаѓа заради чувството на несигурност и вознемиреност, кои главно ја следат социјалната изолираност. Од друга страна, заморот оневозможува здрава социјална интеракција и одржување добри социјални односи што прави некои луѓе да се чувствуваат уште поотфрлени и поосамени. На тој начин се создава магичен круг.

Сепак, научниците предупредуваат дека неспиењето не е единствената причина за осаменоста и дека е неопходно да се имаат предвид и бројни други фактори.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Gwen Yip

Извор: https://elementarium.cpn.rs/