Зошто е тешко да се каже „не“ на работното место?

20.12.2021 01:44
Зошто е тешко да се каже „не“ на работното место

Ѓаволот носи Прада, Социјална мрежа, Волкот од Волстрит - се чини дека секој филм снимен помеѓу 1990 и 2010 година ги величеше екстремно лошите односи на животот и работата. Иако преземањето иницијатива на работното место е клучен од кариерата која напредува, шефовите често ги злоупотребуваат најдобрите намери на луѓето кои не поставуваат јасни граници, велат Сара Капици и Стефано Маки, психотерапевти од Клиничкиот центар Спацио Форма Ментис во Милано.

Затоа е многу важно да се каже не - дури и ако сакате да бидете тимски играч, нема да стигнете далеку ако на надредените им дозволувате да ве прегазат. Значи, зошто е толку тешко да му се каже не на шефот? Можеби мислите дека тоа ќе го налути и ќе го загрози вашето работно место, но впрочем многумина од нас прифаќаат премногу работа заради подлабоки психолошки притисоци.

„Да се каже 'не' е начин на кој се дефинираат нашите граници и да ги направиме видливи за другите“, вели Капици. „Сепак, за да кажеме 'не' треба да бидеме во контакт со сопствените потреби и да преземеме одговорност за нашиот внатрешен свет. Кога го правиме тоа, не можеме секогаш да очекуваме дека другата личност ќе разбере како се чувствуваме. Затоа не е секогаш лесно да се каже не.“

Себични, непристојни, неблагодарни или едноставно нималку пријатни - ова се негативните особини кои се поврзуваат со оние кои на работното место често велат не. Сепак, на овие колеги треба и да им се позавиди за нешто, зашто точно знаат што можат и што не можат да направат и не се грижат што ќе помислат другите. Сепак, на повеќето луѓе им е тешко да го достигнат тоа ниво на самодоверба. „Можеби мислите дека ќе станете помалку популарни ако почнете почесто да велите не, или дека ќе предизвикате конфликт“, продолжува Капици. „Можеби се грижите дека другата личност ќе се разочара од вас, а како резултат на тоа, можеби ќе се обидете да ја исполните оваа потреба за да се чувствувате како добра личност по секоја цена.“

Според зборовите на Маки, ваквиот инстинкт насочен кон задоволување на другите луѓе станува особено голем проблем на работното место, зашто таму поминуваме многу време - околу 25 проценти од времето неделно, за оние кои се вработени со полно работно време - и во тоа време ние развиваме длабоки односи со нашите колеги. „Се работи за човечко чувство кое потекнува од нашата потреба за социјална инклузија на психолошко ниво“, вели Маки. Освен тоа, да се каже да и потоа да се биде награден за тоа, предизвикува добро чувство. “Тоа е поврзано со лачењето допамин во нашиот мозок“, додава Капици.

Освен тоа, Маки верува дека нестабилноста на моменталното работно опкружување е заслужна за тоа што луѓето почесто велат да, и тоа заради две причини. Очигледно, проблем е што секогаш можат да ве заменат ако работите некоја привремена работа. Сепак, на одреден начин, животот со ваквата анксиозност многумина ги турка да се обидат да пронајдат посигурни врски на работното место, така што ќе се однесуваат во склад со барањата и желбите на колегите, „за да се избегне ризик од останување сам, а тоа да не биде личен избор“, објаснува Маки.

Сепак, постојаното кажување „да“ доведува до зголемен обем на работа, кој може да биде опасен. „Кога постои дисбаланс помеѓу барањата на организацијата и ресурсите или личните потреби на работниците, вообичаено трпат работниците и се соочуваат со стрес“, рече Капици.

Доколку таквиот стрес се акумулира, може да доведе до прегорување, „чувство на исцрпеност, демотивираност, незаинтересираност и емоционална одвоеност од работата, како и пад на ефективноста.“

Иритабилност, потешкотии во концентрацијата, тенденција кон изолација, проблеми со спиењето и исхраната, па дури и физички симптоми како што се мигрени или проблеми со варењето - сето тоа можат да бидат знаци дека сте прегореле.

„Генерално, луѓето кои се под поголем ризик од прегорување се оние кои имаат големи очекувања од себеси, перфекционистите и оние кои имаат тенденција да работат премногу“, објаснува Капици. Често, луѓето кои се во поголем ризик од прегорување имаат посилна работна етика, но ги прогонуваат сомнежи и несигурности поврзани со работата.

Она што веќе е јасно е дека овој принцип на работа не е одржлив на долги патеки. Важно е да се кажува „не“, зашто тоа ни овозможува „да го реактивираме сопственото чувство на самоодлучност и самодоволност во нашите задачи“, вели Маки. Освен тоа, да се каже што точно можете да направите може да ѝ биде од помош на компанијата, така што може на време да се организира и да пронајде алтернативни решенија за да ги исполни своите цели.

„Кажувањето 'не' во очите на шефот може да ме направи активен соработник, личност која знае да ги заштити сопствените потреби, но и потребите на компанијата“, вели Маки. Впрочем, доколку избегнувате да кажете „не“, можете да се загрозите не само себеси при сиот тој стрес, туку и колегите, зашто можете да ги нарушите нивните обврски доколку ви е потребна нивната помош за да ја извршите задачата.

Меѓутоа, доколку со години само кажувате „да“, можеби не знаете ни како да ја почнете оваа промена. „Би требало да почнете така што ќе забавите и ќе се прашате себеси што ве тера да кажете 'да' во овие контексти“, вели Маки. Можете да почнете со искрен разговор со себеси, при што треба да ги сфатите своите ограничувања и што навистина ви е важно кога се работи за пронаоѓање на сопствениот „центар на гравитација“, како што го нарекува Маки. Тогаш би требало да размислите навистина да почнете како опција да кажувате „не“, пред да смислите како ќе изгледа стратегијата за работното место.

Доколку сакате да кажете „не“, но се плашите од последиците или едноставно не сте навикнати да поставувате граници, можеби треба да се запрашате какви би можеле да бидат најлошите можни последици доколку одбиете некоја задача“, вели Капици, „или дали ќе имате нешто добро од тоа што ќе прифатите некое барање.“

Најпосле, учењето да се биде искрен и отворен кон себеси, без извинување, бара вежба и време. Сепак, како што вели старата изрека, „убавиот збор железни врати отвора“. Доколку не се заземете за себеси, како можете да очекувате од другите да го разберат и почитуваат она што го сакате?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Katie So

Извор: https://www.vice.com/