Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (1)

11.01.2022 10:55
Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (1)

 Илустрација: Ристо Аврамовски


  Четириесет и пет години траеше животот на Социјалистичка Југославија. Државата за која политичката елита постојано тврдеше дека го гради најдобриот од можните економско-политички системи; дека тој систем („без кризи“ но со „противречности“ кои ги решава во од) испорачува едни од најдобрите резултати во светот; дека ги има решено меѓунационалните (и меѓуетничките) прашања подобро од која било друга држава и којашто, за таа цел, намалувањето на економските нееднаквости меѓу нејзините поразвиени и помалку развиени делови (во рамките на вкупниот, „лишен од кризи“, развој) го имаше поставено на врвот од вредносната пирамида.

Како одминуваа децениите, за сѐ поголем дел од населението стануваше сѐ повидливо дека системот „зарибува“. Дека неговите основни политички и економски фундаменти се погрешно „насадени“ - добар дел од нив во конфликт со самата природа на човекот - и дека освен што, вкупно, заедничката држава веќе не напредува, туку и дека економските разлики меѓу побогатите и посиромашните републики (и покраини) наместо да се намалуваат, се зголемуваат. Па, како што исчезнуваше растот на економијата, така се засилуваше наративот на меѓусебни обвинувања: помалку развиените тврдеа дека се експлоатирани од поразвиените (и особено Србија со статус помеѓу едните и другите), вториве, пак (поразвиените) дека нивната „локомотива на развој“ не се движи побрзо поради товарот од вагоните што ги влечат - а тоа се помалку развиените. Така, екс-Југославија стигна до декадата 1980/1990, првата што ја заврши со негативен економски раст, засилуван од година на година.

Бидејќи републичките политички елити не успеаја да се договорат за коренито реформирање на системот и во тие рамки да се согласат за каков било прифатлив модел на меѓунационална дистрибутивна правда, во 1991 година нејзините федерални единици одлучија да се одделат. Од една (повеќенационална) мултиетничка и мултиконфесионална држава, настанаа шест „суверени“ државички, за подоцна да се појави и седмата. Некои тоа го остварија на релативно мирен начин; други, за жал, низ крвави судири, незабележани во Европа по Втората светска војна.

Но, и по три децении од нејзиниот распад, не стивнува полемиката за тоа каков економски раст остварила екс-Југославија, а што, по раздвојувањето, во изминатите три децении, оствариле „самостојните“ држави - кој период и колку бил по(не)успешен, итн.

Затоа, во овој поширок осврт, мотивиран од неодамна одбележуваните (и прославувани) три децении од „погребот“ на СФРЈ (со извесно задоцнување, само по моја вина - бидејќи беше планиран за септември 2021) ќе стане збор за економските резултати на истите заедници, во двата периода: до распадот и по него. Одговорот ќе го бараме, главно, преку анализата на движењето на БДП (бруто домашниот производ) со сите негови недостатоци и упростувања на стварноста, дополнет со промените во вкупното население на старо-новите ентитети. Се разбира, тоа ќе биде споредено со динамиките на истите индикатори за соодветно селектирани групи држави за кои постојано зборуваме: ЕУ, делови од неа, соседи.


(1) Каков економски раст оствари Социјалистичка Југославија - во тие рамки и секоја одделна република и покраина?

Бидејќи постојано има различни (од лаички до стручни) тврдења за достигнувањата на СФРЈ, да видиме што покажуваат податоците за динамиката на економскиот раст на СФРЈ и нејзините составни делови извлечени од неколку извори.

На почетокот на деведесеттите години, кога самиот работев на ова прашање, врз основа на податоците од тогашниот Државен завод за статистика на СФРЈ, констатирав дека: во периодот 1948/1981 година просечните годишни стапки на раст на општествениот производ на СФРЈ (како целина) и одделно на републиките и покраините, искажан по цени од 1972 година изнесувале:


*Гошев, „Развиени – Неразвиени“, 1984.

Наведените годишни стапки на раст, во посочениот период, довеле до кумулативен раст на општествениот производ на СФРЈ за 6.6 пати; на Македонија и Словенија за околу 7.5 пати; на Хрватска и Војводина за 6.8, на Србија и Косово за 6.4, на Црна Гора и БиХ за 6 пати.

Бидејќи во декадата пред распадот (1980-1990) СФРЈ бележеше негативни стапки на раст, просечната годишна стапка во период 1948/1990 од 5.9, се намалува на околу 4.5 до 4.6%, но кумулативното зголемување на БДП и во тие 42 години (1948/1990) останува исто, околу 6.6 пати.

Во публикацијата „Два века развиток на Србија, белешки на Миодраг Николиќ“, издадена од Заводот за статистика на Србија во 2017., авторот пресметал дека растот на општествениот производ на СФРЈ, одделно во секоја од четирите декади 1950/1990) изнесувал:



*Во цитираниот труд растот по декади е презентиран во индексни поени (187, 184, 174, 96, кои, пресметано, ги даваат горе приложените стапки на раст.

 

Од графиконот 2, гледаме дека во последната декада годишниот раст е негативен, просечно годишно по -0.4 %.

Декадните стапки, претворени во просечна годишна стапка за 40 години даваат просечна годишна стапка на раст за целиот период од 4.5 %, речиси иста со наведената од претходниот извор.

Професорот Љубомир Маџар, во неговата обемна книга „Сутон социјалистичких привреда“ (1990), ги наведува следниве податоци за развојот на економијата на СФРЈ:


Овие пет различни стапки на раст за исто толку нееднакви временски интервали, претворени во просечна стапка за периодот за кој професорот Маџар собрал податоци (1952/1987), даваат просечен годишен раст од 5.6%, 1.1 процентни поени повеќе од претходните два наведени извори. Но, треба да имаме предвид дека во оваа временска секвенца не се вклучени првите и последните најлоши години на економијата на СФРЈ. Доколку периодот 1980/87, во кој проф. Маџар наведува дека е остварувана просечна годишна стапка на раст од 0.83% го замениме со периодот 1980/1990, во кој, според цитираниот Миодраг Николиќ е остварувана просечна годишна стапка од -0.4%, во тој случај добиваме дека стапката на раст во периодот 1952/1990 (вкупно 38 години) изнесувала 4.69%, што не е далеку од погоре наведените 4.5%.

Зошто ги оптоварувам читателите со повеќе извори за иста работа?

Oдговорот е едноставен: и денес постои полемика (со различни тврдења) за тоа колку навистина изнесувал економскиот раст на бившата СФРЈ. Некои, кон таа полемика сè уште ги турка носталгијата за однесените од ветрот „добри стари години“; други за да „триумфираат“ со тезата дека СФРЈ била историска грешка, трети во контекст на дебатата капитализам-социјализам, па секој би сакал да „стокми“ повеќе аргументи за својата позиција.

(2) Стапка на годишен економски раст од 4.5 %, во период од четири децении, не изгледа малку!

На прв поглед, и генерално, секој би рекол дека годишен просечен раст од 4.5 %, особено во толку долг период, не изгледа малку. Под услов: да не била многу ниска основицата од која стартувала конкретната држава и доколку, во споредба со други компарабилни држави, односно со „остатокот на светот“ таквата стапка на раст не би доведувала до натамошно зголемување на економските разлики меѓу конкретната држава и споредуваните со неа. Во случајот на ФНРЈ/СФРЈ, се соочуваме со двете наведени забелешки. Веројатно затоа, професорот Маџар, во истата книга, мислејќи повеќе на втората напомена, приложува друга табела од која јасно се гледа како се развивала Југославија во споредба со еден број други држави, селектирани со причина. Приложена во малку редуцирана форма, со една (последната) колона додадена од мене, разликите во процентот на кумулативниот раст на доходот на еден жител, во периодот 1950/1986, меѓу СФРЈ и селектираниот број на држави се следниве.

Во табелата, јасно, фокусот е Југославија, но и тројството СХС. Нема податоци за Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово - зашто авторот се бави и со споредби пред формирањето на СФРЈ - што не е битно за неговата поента која гласи:

„За повеќе од четириесет години изградба на социјализмот (до 1986) нашата земја - во споредба со земјите кои се релевантни за компарирање - не успеала да ја сочува релативната положба која ја наследила од претходното раздобје“ (периодот до Втората светска војна).

Од податоците што ги приложува професорот Маџар (и од нив пресметаната четврта колона) се гледа дека Југославија во наведените три и пол децении остварила побрз раст само од Унгарија и Турција: Југославија го зголемила доходот на еден жител за 4.9, а спомнатите држави за 2.6, односно 2.8 пати.

Сите други компарирани држави, кои на почетокот на периодот биле близу до нивото на развиеноста на Југославија, дури и оние под нејзиното ниво, оствариле значително побрз развој - ја надминале и/или убедливо ја зголемиле предноста. Ако Југославија од 1950 до 1986 година го зголемила доходот на еден жител за околу 4.9 пати, Австрија тоа го направила за 9, Грција за 8.6, а Италија за 8.4 пати - сите соседни земји, додека Јапонија, доходот на еден жител го зголемила за близу 22 пати, а во табелата, професорот веројатно ја вклучил зашто во 1950 година ниту таа немала позначителна предност пред Југославија.

Професорот Маџар ги коментира одделно и трите стожерни (поранешни) републики, Србија, Хрватска и Словенија. За Србија (со покраините) вели дека во 1950 година според степенот на развиеност била близу до нивото на Грција (94.7 %), додека во 1986 била на само 56.4 % од нејзиното ниво на развиеност. Хрватска во 1950 година била на половина од нивото на развиеноста на Италија, 52.1 %, додека во 1986 паднала на 33.6 %. Словенија во 1950 година била на ниво од 74 % од австрискиот степен на развиеност, додека во 1986 се спуштила на 46.7 %.

Нагласувајќи ги овие разлики во растот меѓу Југославија (заедно со оние од тројството СХС-републики) и компарираните држави, професорот Маџар дури мисли дека тие, де факто, можеби биле и поголеми, зашто нагласува дека „социјалистичките земји неретко го преценувале својот раст“.
Во врска со тоа дека не е доволно само да остварувате некаков економски раст и дека реалните разлики во економскиот раст на СФРЈ и компарираните држави можеби биле и поголеми од наведените, еве две вистински анегдоти.

Првата, во врска со разликите во растот помеѓу одделни држави е следната:

Некаде кон крајот на летото, 1989-та, учествував на една седница (во проширен состав) на Комисијата за развој на политичкиот систем на СФРЈ, во функција на подготовките за 14-Вонреден конгрес на СКЈ. Претседаваше Ивица Рачан. Помеѓу повеќето истакнати личности, во дебатата учествуваше и професорот Александар Бајт, од Словенија. Во 1988., излезе од печат неговата најнова книга, пасловена: „Самоуправни облик друштвене својине“. Во неа ги анализираше слабостите и предлагаше подобрувања на ефикасноста на таканаречената „општествена сопственост“. Не случајно, ја имав прочитано. Беше неизбежно, повторно да зборува на таа тема, зашто тоа беше клучот на загатката на системот. По неговото излагање, директно го прашав: „Професоре, која сопственост е поефикасна, приватната или „општествената“? „Приватната“, одговори. „Тогаш, што се случува на долг рок, ако кај нас е доминантна општествената, а кај другите држави приватната“? Како од пушка „испали“: „На долг рок сме мртви“. „Тогаш зошто зборувате за поправки, а не за замена на општествената сопственост?“. И повторно брз одговор: „Тоа е прашање на политичка одлука“, додаде. За да не должам, завршувам дотука со нашата реплика.

Втората, која се однесува на сомнежите за точноста на податоците што ги лиферуваа социјалистичките држави е следнава:

Во 1986 година излезе од печат новата книга на тогаш мошне ценетата професорка од белградскиот Економски факултет, д-р Радмила Стојановиќ, со наслов „Големите економски системи“. Ја купив, ја прочитав и во неа, помеѓу другото, очите ми ги прободе тврдењето: „Источна Германија (ДДР), најбрзо од сите држави ќе влезе во клубот на десетте најразвиени држави во светот“. Имено, веќе долга низа години нивната државна статистика (и Политбиро) соопштуваа годишни стапки на раст на нејзината економијата меѓу 8 и 10 %. И, како што се вели, „ѓаволот ниту ора ниту копа!“ Штотуку бев избран за член на ЦКСКМ и на неговото претседателство, одговорен во секторот за економија, претседателот Јаков Лазароски ме праша дали сакам да предводам студиска делегација во возвратна посета на ДДР. Прочитаното кај д-р Радмила Стојановиќ и предлогот на претседателот веднаш ми се споија и без размислување реков: „Да, со задоволство!“ И, бев, ги видов Источен Берлин, Дрезден, нивната прекрасна Саксонија, посетив земјоделски колхози, некои од големите економски системи (железничкиот), ја гледав содржината во витрините на продавниците, облеката на луѓето и нивните изрази на лицата и се исчудував на пресмелата прогноза на големата професорка. (Беше голема и физички). Не само што ми беше јасно дека се далеку под југословенскиот просек, туку и далеку под македонскиот. Само по три години, падна Берлинскиот ѕид. Извонредниот дописник од Москва, новинар на белградска Политика, Ристо Бајалски, во серија написи пишуваше за аферата фалсификувани податоци за економските успеси на ДДР од страна на надлежни членови на Политбирото на Комунистичката партија на Источна Германија.

Со ова не сакам да кажам дека сите социјалистички држави го правеле истото и во иста мера, туку дека тврдењето на проф. Маџар не е без основа. На тие држави, можело да им се случи да објават преценети резултати, но не и потценети, на што денес алудираат некои автори кога соопштуваат повисоки стапки на раст од погоре изнесените.

Впрочем, нам, во Македонија, такви „слабости“ ни се „провлекуваат“ до ден денешен и во изменет систем и бездруго, не сме осамени. Ако ни служи тоа за утеха. Затоа, нека биде уште еднаш нагласено, зашто е повеќе од важно: не е доволно една држава да има каков било економски раст, туку и каков е тој во споредба со оној на другите. Неприфатливите разлики со „другиот/другите“, според перцепцијата на луѓето, може да претставуваат генератор за дополнително засилување на конфликтите во секое општество - безброј пати проверено во историјата на човештвото.

(3) Во мултиетнички и мултиконфесионални држави, внатрешните регионални разлики се многу почувствително прашање од истите помеѓу нив и „остатокот на светот“

Во сложените, пак, држави, составени од повеќе национални и конфесионални хомогени групи, прашањето на внатрешниот рамномерен развој добива неколкукратно почувствителни димензии од економските разлики со „остатокот од светот“. Неприфатливите, за мнозинството, разлики, се потенцијална социјална бомба која може секогаш да експлодира.

Освен генералната пропаганда дека градиме најпросперитетно општество во споредба со сите други - што фактите тоа го демантираа, клучното ветување на проектираниот социјализам за внатре во земјата беше и политичката и економската еднаквост помеѓу нациите („народите и народностите“, според тогашната терминологија)

Останувајќи во моментов само на прашањето на економските разлики, внатре во бившата СФРЈ, веднаш да кажеме дека процесите ниту по тоа прашање не се одвиваа според ветената и посакувана насока. Професорот Дејан Јовиќ, во обемната книга од над петстотини страници, „Југославија држава која је одумрла“, за ова прашање, меѓу другото, цитира податоци од ценетиот хрватски професор и академик по економија, Драгољуб Војниќ. Ќе приложам податоци од таа табела, не за сите години обработени во неа, зашто во случајов нема потреба од сите.


Иако податоците говорат сами за себе, да потенцираме некои од нивните клучни укажувања.

   - Словенија и Хрватска, јасно е, ја зголемиле предноста, особено првата. Логично, трите недоволно развиени републики (еуфемизмите, како во случајов „недоволно“, или, на пример, „потешкотии“, наместо криза) беа посебен специјалитет во поранешниот систем) БиХ, Црна Гора и Македонија, го зголемиле заостанувањето зад просекот, најмногу БиХ, најмалку Македонија. Одделно, разликите меѓу најразвиената Словенија и помалку развиените републики уште повеќе нараснале: во 1952 во однос на БиХ разликата ја зголемила од 1:2.1, на 1:2.9; во однос на Македонија од 1:2.6 на 1:3; во однос на Црна Гора од 1:2.1 на 1:2.6.

   - Србија одвај го одржала развојното ниво во однос на просекот на Југославија, додека во споредба со Словенија, дополнително заостанала. Во самата Србија, пак, се издвоиле, во економска смисла, и најголемиот добитник, и најголемиот губитник во тогашната држава: Војводина, која во 1950 година била 10 процентни поени под југословенскиот просек, а 35 години потоа скокнала на 30 п.п. над тоа; и Косово, кое во 1950 година заостанувало зад просекот за 53 п.п., во 1986 заостанувањето достигнало 74 п.п. (покрај значајниот дотур на средства од југословенскиот и српскиот фонд за помош на неразвиените). Или, поинаку кажано, разликата меѓу најнеразвиеното Косово и најразвиената Словенија се зголемила од 1:3.9 на 1:7.9 - од близу четири пати, на близу осум пати.

Зголемувањето на економските диспаритети го зголемуваше чувството на експлоатација, на неправда и нееднаквост кај оние во таканаречениот „клуб на недоволно развиени“ републики и покраината Косово и Метохија. Но, за да биде состојбата уште посложена, незадоволство манифестираа и оние што ја зголемиле економската предност. Тие, Словенија и Хрватска, секоја на свој начин, сè повеќе тврдеа дека нивната локомотива на развојот не се движи побрзо поради товарот од последните вагони кој, наводно, ги влече назад. Иако прашањето на економските диспаритети помеѓу членките на СФРЈ не беше ниту единствената ниту (по мое уверување) главната причина за епилогот во 1991, тоа обилно се користеше за сè поголема кристализација на ставот дека „ние сите не му припаѓаме на истото друштво“; дека сме „различни“, не само економски, туку и културолошки и политички, дека економските разлики се всушност производ на таквите разлики; дека на крајот на краиштата сме различни и во етничка смисла и дека затоа не можеме да бидеме една нација-држава. Затоа, секој треба да тргне по својот пат. На крајот, тоа и се случи.
 

(продолжува)