За Русите преминувањето на украинските ровови може да биде крвав напор

18.01.2022 03:30
За Русите преминувањето на украинските ровови може да биде крвав напор

Ако Русија отворено ја нападне Украина во наредните недели или месеци - како што многу аналитичари стравуваат дека е сè поверојатно - руските трупи кои ќе надоаѓаат во источна Украина ќе се судрат со утврдувања што украинските трупи ги градеа со години.

Војната во украинскиот регион Донбас се одвиваше прилично без прекин во првата година откако сепаратистите, поддржани од Москва, земаа оружје против владата во Киев. Украинските трупи, засилени со доброволци, навлегоа во сепаратистичките линии до Дебаљцево пред руските баталјони да интервенираат и да ги потиснат Украинците.

Почнувајќи од 2015 година, конфликтот замрзна. Украинците и сепаратистите ископаа ровови - стотици милји од нив, издлабувајќи лак низ југоисточна Украина. После шест години и повеќе од 14 000 мртви, борбите продолжуваат во краток и отсечен ритам, неподвижни по должината на рововите.

Снајперисти, проектили и артилери од двете страни го чекаат и го гаѓаат непријателот на спротивната страна.

Рововите се стара форма на утврдување - но не помалку ефикасни поради нивното постоење. Особено, тие помагаат да се заштитат војниците од артилерија. Тоа е важно во Украина повеќе отколку на другите боишта, поради големата зависност на Русите од големи пушки и ракети.

Рововите, исто така, може да претставуваат сериозна пречка за руските тенкови да напредуваат од исток кон запад низ Донбас. Тенковите можат сами да ги преминат тесните ровови. За пошироки пречки, руските инженерски компании користат тенковски мостови со трака и тркала - MTU-20, MTU-72, TMM-3, TMM-6.

Русите се вешти борбени инженери - и тоа од очигледни причини. „Русија има помалку развиен патен систем отколку на Запад“, велат Лестер Грау и Чарлс Бартлс во „Рускиот начин на војна“. „Поплочените патишта со повеќе ленти во добра состојба се поретки, особено далеку од урбаните центри. Земјените патишта се вообичаени во селата, а руските инженери се вешти во расчистување, одржување и изградба на трасата“.

Рововите може да ги забават тенковите. Но, проектилите се тие што би ги убиле. Украинската армија во последниве години посвети значителен дел од средствата за модернизација за опремување на војниците од првата линија со илјадници локално произведени противтенковски ракети Stugna-P, Corsar и Bar'er. Соединетите Американски Држави, исто така, донираа стотици проектили Javelin.

Украинците станаа вешти во користењето на системот Javelin од 80 000 долари, кој истрелува проектил тежок 10 килограми во далечина од речиси три милји и којшто не бара дополнителни насоки по лансирањето. „Бев импресиониран од нивната обука и нивната подготвеност да го користат“, рече генералот на американската армија Кертис Скапароти, тогаш командант на американската европска команда, за украинските војници и нивните Javelin-и во 2019 година.

Замислете руски баталјон кој забавува да распореди мостови за тенковите да можат да преминат пошироки ровови. Сега замислете украински проектили како пукаат Javelins во бавните тенкови и мостови од неколку правци. Рововите не мора да бидат непреминливи за да бидат смртни замки за Русите.

На гробиштата во Доњецк има стотици необележани гробови, од кои повеќето им припаѓаат на руски државјани убиени во војната што Русија ја покрена и продолжува да негира каква било вмешаност. Милитантните борци се закопани на различни гробишта во Доњецк, но најголемото гробно место е во близина на рудникот бр. 6 „Капитална“.

 

Кремљ во последните месеци постави 100 000 војници и 1200 тенкови околу Украина. И покрај сета своја големина и оружена моќ, оваа армија нема да може да го помине Донбас без големи жртви.

Но, постои алтернатива за крвавoто газење низ рововите на источна Украина. Ако освојувањето е цел на Москва, таа не треба да напаѓа преку Донбас. Руската армија би можела да префрли неколку оклопни дивизии на југ преку северната граница на Украина со Русија, насочени кон Киев, држејќи се до асфалтираните патишта до крај.

Но, Украина ископа околу 400 километри противтенковски ровови на границата со Русија во рамките на проектот наречен Ѕид, рече Сергеј Дејнеко, кој ја предводи државната гранична служба.

„Од моментот кога започна проектот Ѕид, изградени се околу 400 километри противтенковски ровови, 330 километри паралелни патишта, 70 километри заплеткана бодликава жица и челична ограда долга 100 километри“, изјави Дејнеко.

Деинеко рече дека утврдувањата се при крај во регионот Харков и дека добро се одвиваат во регионот Черниговски. Проектните и истражувачките напори се во тек во регионот Суми, но инженерските работи таму сè уште не се започнати.

Поранешниот премиер на Украина, Арсениј Јацењук, го презентира проектот Ѕид во 2014 година како линија на утврдувања на границата со Русија долга 2000 километри. Првично, тој требаше да биде завршен во рок од шест месеци, но потоа проектот беше продолжен до 2018 година, потоа до 2021 година и на крајот, до 2025 година.

Превод: Томислав Захов

Извор: www.forbes.com