Фрагмент од романот „Кротките“

20.01.2022 14:59
Фрагмент од романот „Кротките“

 

 

„За непријатното бугарско минато кое ја одбележува и сегашноста.“ (Алек Попов)


Списокот со обвинетите беше зачинет со разнообразни пернати: егзотични птичји видови, накокорени по сецесионистичките фасади на царството. Тука беа наперчените генерали со нивните раскошни паунови опаши, грабливите јастреби од жандармеријата, будните бели бувови од разузнавачките служби; имаше певливи птици – адвокати, тајни советници, новинари, кои во хор го воспеваа Рајхот и бугарскиот придонес кон неговата победа; тука беа, се разбира, разни свраки и гаврани од измамничкиот парламент, кои царот ги беше собрал со нив да се забавува во часовите на досада. Имаше соколи и грлици, канаринци и косови, врани и сојки, глупави гулаби и умни врапчиња; секакви клунести суштества кои се богатеа, тиранизираа, заобиколуваа државни порачки, слугуваа на Хитлеровите намесници, лажеа на карти, проповедаа великобугарски шовинизам, а ноќе се пикаа во креветите и после од слугинката го криеја мокриот чаршаф; се курваа, ги колеа народните синови и ќерки, несеа кукавички јајца, каде ќе им текне, си ги бодеа очите еден на друг со сребрени вилици и додека нивните ќерки, облечени во бели фустани, свиреа на пијано, тие гласно прдеа, ноншалантно набљудувајќи ги стрелањата зад пердето.

Се разбира, на вашиот судски состав не му ги доверија најстрашните престапници – регентите, министрите, офицерите, високо поставените дворски интриганти. Вие одговарате за буржоаската интелигенција, и тоа за оној нејзин дел, оние кои јавно или тајно го симпатизирале Хитлер во војната, ги поддржувале противнародните дејствија на другите пострашни злосторници што ја организирале и ја поддржувале пропагандната машина на режимот. Тоа беа поети, сликари, литературни критичари, овде-онде по некој интелектуалец лекар или архитект; луѓе чии престапи можеби изгледаа помали, но токму затоа беше неопходна голема будност, разум и праведливост, за да се донесат соодветни пресуди. Откако почна првиот процес, во еден момент се виде дека регентите и многу од министрите ќе бидат стрелани, како и повеќето од офицерите, откако се вратија од војната, која сега веќе ја водеа против Германците. Нивната вина беше огромна и несомнена, без големи нијанси; додека меѓу интелигенцијата работите беа сложени, како да кажам, нерамномерни. Така барем ти објаснија Ценев и Крумов, кога ти го донесоа указот потпишан од министерот на правосудство, потврдувајќи дека народот те удостоил со висока чест и со целосна доверба да заседаваш во шестиот судски состав на Народниот суд.

– И тука ќе има луѓе за стрелање – рече некако утешително Ценев. – Вашиот состав ќе ги гледа, покрај другото, некои од највидните ратници* и легионери, а тие беа најжестоката агенција на Хитлер. Сепак, царот по едно време ги забрани, но продолжи да се прави глув.

Кога комунистите го убија водачот на легионерите, пред околу две години, многу упорно се зборуваше дека царот знаел за подготвуваното убиство и наредил полицијата да не се меша. Во квартот многу добро го паметевме генерал Луков: накитен со ордени, со залижана кикиришка, со подзамижани очи и со омаловажувачка насмевка на усните. Дали навистина се надеваше дека легионерите ќе го донесат на власт, или само се перчеше, тоа не стана јасно, зашто го убија на неговиот праг.

… Емил Стрезов, ние продолжувавме да се собираме на нашето вообичаено место, на клупите пред „Св. Николај Софиски“, и да расправаме за новостите, и покрај тоа што веќе стануваше студено. Веста за твоето назначување како народен обвинител избувна во квартот како бомба, сите само за тоа зборуваа. Нашето момче! Нашето момче во Народниот суд! Имаше, се разбира, и други наши момчиња и девојки, но такви, кои одамна го беа напуштиле квартот, беа се разбегале наваму-натаму, па мажите по ќошињата и тетките по дворовите ги беа заборавиле. Над домот на чичко Петар се спушти ѕвезда; секој кој минуваше од таму, го забавуваше чекорот и се загледуваше, нема ли да те види низ прозорецот. Од каде да знаат луѓето дека во наредната седмица ти повеќе не се вртеше таму: беше заживеал во Судската палата, читаше документи, отвораше писма, примаше посетители, а почна и да ги бркаш, кога собра повеќе храброст. Се случуваше цела ноќ да останеш таму, задреман на дрвениот стол пред бирото, затрупано со весници и со списанија, со преписки, со книги со меки корици, кои имаа такви наслови: „Зошто е гордост да си Бугарин“, „Три бугарски работници во Германија“, „Философски основи на националсоцијализмот“, „Нашата академска младина и националните идеали“, „Лагите на англиската пропаганда за време на светската војна и сега“. Од секаде излегуваа тие меки, мазни, небаре похотливо насмеани книжулиња, и Емил Стрезов трпеливо ги отвораше, за во нив да бара сведоштва за поголема или помала вина во посветеноста на авторот кон фашистичката пропаганда. По подот се тркалаа броеви на „Зора“, „Утро“ и „Штурец“, разни соработници влегуваа и носеа нови папки со документи и информации и, понекогаш, во тесниот кабинет стануваше толку задушливо, што ти рипаше и излегуваше надвор да се прошеташ по улиците, но и тогаш ти се чинеше дека минувачите те препознаваат со поглед, дека зад тебе пат си пробиваат фигури што накривувуваат, со откриени лица, дека еве сега ќе те грабнат за полите од сакото да бараат правда, на увото ќе ти шепотат имиња, очекувани казни; и така дури и надвор, во студот што штипеше во зимата што доаѓаше, отсекаде те пресретнуваше потното искушение на одмаздата.

На фотографиите: скулптури на Bouke de Vries
Превод од бугарски: Катица Гароска Ацевска
Извор: Ангел Игов - Кротките; Културна установа Блесок, 2022 

 

*Ратниците (Ратник), или Воините за унапредување на бугарството, биле членови на крајно десничарска бугарска националистичка организација основана во 1936 година.


Белешка за авторот
Ангел Игов е бугарски писател, литературен критичар, преведувач, новинар, роден 1981 г. Автор е на романите “Куса повест за срамот“ (2011), Кротките (2015) како и на две збирки раскази „Средби на патот“ (2002) и „К“ (2006). Неговите раскази се преведени на англиски, француски, унгарски, српски, хрватски и словенечки јазик. Објавува во повеќе весници и списанија. Води радио и ТВ емисии од културата. Член на жири комисијата за наградата Роман на годината. Преведува проза и поезија од англиски јазик.
Романот „Кротките“ е добитник на националната награда „Христо Г. Данов“ (2016) како и на меѓународната награда што ја доделува House of World’s Cultures од Берлин и фондацијата Elementary Particles (2020). Преводот на романот на македонски е поддржан од мрежата Традуки.