Наивната уметност во Македонија

04.02.2022 21:48
Наивната уметност во Македонија

Гледајќи во поширок контекст и раководејќи се според одликите на спонтаното, грубото и „примитивното“ - карактеристики на творештвото кое го нарекуваме „наивна уметност“ - може да се заклучи дека таквата уметност е стара колку и човековата потреба за естетско искажување преку облици и бои. Оттука, размислувањата за почетоците и корените на првата човекова активност во која е содржана ликовност со доза на наивизам и „примитивизам“ допираат до уметноста на праисторискиот човек.

Иако има сличности и со народното, детското и аматерското творештво, таа сепак е различен уметнички израз кој си има свои белези според кои се препознава.

Љубица Андреевска - Љупка, Песна во зора

Се смета дека официјализирањето на „наивната уметност“ започнува во 1912 г. со издавањето на алманахот „Дер Блауе Рајтер”, кога Василиј Кандински и Франц Марк објавуваат шест репродукции од цариникот Анри Русо. Некои откривањето на наивата го датираат и порано, кога Пол Сињак во 1885 г. го забележал талентот на Русо и почнал да го вклучува во изложби.

Конкретното уметничко вреднување на наивата во светски рамки се потврдува кога „Музејот на модерната уметност“ во Њујорк приредува изложба на европското и американското „народно сликарство“ во далечната 1938 г. Ова дури и неочекувано случување е значајна иницијална каписла за охрабрување не само на творците блиски до оваа област туку можеби и повеќе е свртено кон стручната фела, историчарите на уметноста, теоретичарите и галеристите, бидејќи „пораката за легализирање“ на оваа уметничка појава тогаш била испратена.

Оттогаш слободно може да се каже дека „наивното“ сликарство и скулптура кои биле запоставени и отфрлени во регионална и локална изолација, добиле третман на вистинска и вредна уметничка форма која од маргините се преселува во музеите.

Ѓорѓе Шијаковиќ, Венчање, 1974

За нашата земја овие настани немаат директни влијанија, но мошне важни се случувањата на овој план во југословенскиот контекст, во кој Македонија во тоа време била вклучена.

Историската улога на предводник на овој простор му припаѓа на Крсто Хегедушиќ, на чија иницијатива на 13 септември 1931 г. на III изложба на групата „Земја”во Загреб, за прв пат биле видени творбите на Иван Генералиќ и Фрањо Мраз. Меѓу позначајните случувања од тоа време е и првата изложба на Ј. Брашиќ од српското село Опариќ. На 1 ноември 1952 г. во Хлебине се отвора постојана изложба на селската уметност која прераснува во галерија на примитивната уметност (што се смета за прв специјализиран музеј на наивната уметност во светот ).

Саздо Хаџи Петрушев, Чевли, 1962

Големата репутација на југословенската наива придонесува набргу да се основаат локални галериски простори во Ковачица (1955), во Светозарево (денешна Јагодина, „Галерија на наивната уметност“,1960), Уздине (1963), а почнуваат традиционално да се организираат југословенски и меѓународни изложби како што се „Хлебинска есен“ (од 1968 г.), „Салон на самоуките ликовни уметници“ во Требиње (од 1969), „Фестивал на наивните сликари“ во Златар (од 1971), „Уметнички сабор“ во Сански Мост “ (од 1975) и др. Процутот на наивата придонесе да се организираат значајни изложби на југословенската наива во Базел 1961, Баден-Баден 1961, Ротердам 1964, Париз 1964, Братислава 1966, 1969 и 1972, Минхен и Цирих 1974/1975 и на други места. Мошне изразената „инфицираност” со наивата прогресираше со нагло зголемување на искрените и на лажните протагонисти (освен во Југославија, и во Франција, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија), за што значајна улога има големата заинтересираност на колекционерите и појавата на посредници-трговци, пред сè на европскиот, но и светскиот уметнички пазар.

Ристо Ристовски, Прослава во прилепските села, 1979

Таквиот „комерцијален тренд“ воопшто не ја допре нашата земја, така што авторите кои пројавуваа творечки активности на овој план останаа вистински наивни уметници, искрени и „самоникнато оформени автодидакти“, творци кои си ја следат внатрешната креативна нужност. Оттука, дури и во тој „златен период на наивата“ (шеесеттите и седумдесеттите години на дваесеттиот век) кај нас нема потреба од дополнителна селекција на ионака малобројните македонски автори кои во овој период биле претставени и на југословенската ликовна сцена. Може да се каже дека причини за задоцнетите творечки оддеци на наивата кај нас до до 1945 г. се: националната потиснатост, маргинализацијата, образовниот и културен јаз со поразвиените југословенски средини итн. Но, од средината на петтата деценија, по големите политички и општествени промени и целосната, речиси ренесансна еманципираност која уследи, а особено од деведесеттите години откако сме самостојна држава, веќе немаме, како култура, никакви оправдувања за игнорирањето на ова креативно поле.

Ангел Петровски, Казанџија, 1991

Покрај евидентниот растеж („чекор од илјада милји“), видлив и во културата и во нејзиниот интензивен и динамичен естетски и општествен развој, во духот на времето, со несмален елан, сестрана поддршка и одобрување во нашата земја, во рамките на одбележувањето на петнаесетгодишнината на Народна Република Македонија, во Скопје (од 29.11 – 10.12.1959 г.) во Работничкиот дом (поранешен Центар за култура и информации, сегашен КИЦ - Културно информативен центар), беше одржана „Првата аматерска ликовна изложба“ преку која за првпат се создаде можност авторите без формално ликовно образование, формирани како самуки уметници да можат да го претстават своето творештво. Поддршката и поттикнувањето на овие творци, освен што беше одраз на културните потреби на тоа време, истовремено беше продолжување на идеите и сфаќањата за општиот развој на колективниот дух и за местото и улогата на работничката класа во новите општествени услови. Постепено и установите од изложбената дејност се охрабруваа да отстапат простор за самостојни изложби на одделни автори од најстарата и средната генерација припадници на наивата.

Стеван Поповски

Во овој контекст за одбележување е отпочнувањето на „Струмичката ликовна колонија“ која првите две-три години по основањето во 1964 г. во делувањето најпрвин ги вклучи авторите наивци од југословенскиот простор. Беше направен обид и кај нас да се организираат „Средби на југословенските самоуки скулптори“ во Рајчица, Дебарско, во 1986 г. Тие средби се одржаа само два пати. Иако во локални размери, значајна е и традиционалната изложба „Самоуки“ (иницирана преку „Културно-просветната заедница“ во 1990 г. од потписникот на текстов) која уште опстојува во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

И покрај осамените настојувања, не може да се рече дека во македонската јавност наивата наиде на поширок публицитет и општествена прифатеност. Затоа не се оствари во целост подобрување на климата за поголема наклонетост кон ова творештво кое е дел од современата уметност. Согледувајќи го овој недостаток, преку едукативно дидактичка изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во 2005 г. (со избор од неговата колекција од меѓународната и националната збирка) за прв пат е искажан силен апел од страна на Елизабета Јанковска дека е неопходно да ги менуваме своите погледи.

Боро Арсовски - Бабата, Овчар, 1987

Зачетоците во оваа творечка област во нашата земја се евидентираат низ активностите на припадниците на најстарата генерација (во периодот меѓу двете светски војни) на велешанецот Саздо Хаџи Петрушев (1909–1995) и гевгеличанецот Ѓорѓи Хаџи-Наков–Гисник (1912–1969) кои се сметаат за предвесници на појавувањето на наивата кај нас.

Вистинското втемелување се одбележува преку делувањето (во средината на петтата деценија на дваесеттиот век) на Вангел Наумовски, нашиот колосален претставник, горостасот меѓу уметниците (кој не е великан само во рамките на наивата туку во современа уметност воопшто) чие значење ги надминува националните рамки.

Вангел Наумовски, Без наслов, 1964

Базичните значења и основоположничката улога неизоставно ја имаат и Добри Трендафиловски – Добрин (чија голема ретроспективно-монографска изложба беше организирана 2019 г. од потписникот на текстов), Ѓорѓе Шијаковиќ (чија ретроспективно-монографска изложба во 2020 г. беше организирана од потписникот на текстов), Ристо Ристовски (во сликарството) и Крсто Славковски (во скулптурата, за кого е во тек подготовка на ретроспективно-монографска изложба).

Добри Трендафиловски - Добрин, Крадец, 1973

Кон нив, од авторите чиј творечки израз се поврзува исклучиво со наивата, се приклучуваат Љубица Андреевска – Љупка, Боро Арсовски, Ангел Петровски, македонско-полскиот уметник Стеван Поповски и, во поново време, сè уште со целосна посветеност, Васко Ристовски (во сликарството), Љубомир Антоновски, Живко Каровски, Стоимир Веселинов, Петар Давчев, Станимир Стојановски-Мичо, Живко Богатинов, Атанас Атанасов и исклучителниот, автентичен, „архајски и вонземен дојденец“ Владо Стојанов во скулптурата).

Љупчо Серафимов, Продавач, 1984

Карактеристично за нашата наива е што, без оглед на генерациската припадност, сите, речиси без исклучоци, се формираат сосема изолирано и самостојно. Нивните поттици и креативни потреби не се засновани на влијанија од моќните рефлектирачки центри од познатите југословенски „школи“ туку се потпираат на сопствените инвентивни пориви (особено оние кои припаѓаат на руралните средини, селата Мирковци, Тополовиќ, Приковци и Криволак).

Иако се јавува со задоцнување (бидејќи „наивата не е во тренд“), обемната изложба која на 29 декември 2021 г. беше отворена во Уметничката галерија во Куманово на увид на јавноста даде сто дела (слики и скулптури) на македонските претставниците од оваа област која беше прилично запоставена, потценета, омаловажена и маргинализирана.

Васко Ристовски, Петел, 2020

Истовремено беше промовирана и книга со обемен текст преку кој се толкува феноменот на наивата воопшто, а се става и акцент на состојбата со поединечни осврти кон творештвото на триесеттина уметници, со голем број колор репродукции.

Иако реално доцниме („каскаме зад светот“) професионалната должност налага обид да се надомести неоправданото запоставување и маргиналната позиција на македонската наива. Така што напорот не е залуден оти какво-годе поместување од заборав и (ре)откривање на овие вредности има значење во поврзувањата со тековите на современата уметност. Оттука, раководејќи се според српската поговорка „боље икад, него никад“ (поарно некогаш, отколку никогаш) изложбата и книгата одат во прилог кон исправање на повеќедецениската неправда спрема македонската наивна уметност.

Методи Андонов, Портрет на старец, 1990

На насловната страница: детаљ од сликата Оро (1985) на Добри Трендафиловски - Добрин

ОкоБоли главаВицФото