Како еден вирус му ја дал убавината на еден од најценетите цветови во светот

15.03.2022 11:31
Како еден вирус му ја дал убавината на еден од најценетите цветови во светот

„Избиено“ лале - Хенриет Антоанет Винсент, 1820

Во 1634 година, Рембрант ја насликал својата сопруга Саскија како Флора – римската божица на цвеќето и пролетта. Еден голем цут се спушта над нејзиното лево уво од венецот што ја крунисува нејзината глава, надминувајќи ги другите цветови во обем и сјај – едно лале, неговите свилени ливчиња пламнуваат со ленти од црвено и бело.

Овие лалиња повеќе не постојат. Денес, нивните најблиски роднини се познати како „Рембранти“. Во времето на сликарот, овие живи платна со експресионистичка боја ја преобразувале човековата имагинација низ културите, фрлајќи единствена волшебност со своите ненадејни и мистериозни ерупции на контрастна боја. Лаичките градинари и професионалните хортикултуралисти ширум Холандија, Франција и Отоманската Империја саделе стотици лалиња, илјадници, надевајќи се дека некои од ќе расцветаат во оваа необјаснива шема на сликарски потези. Во оние ретки и непоканети прилики кога тоа ќе се случело, се велело дека лалето „избило“.


Флора, Рембрант

Градинарите правеле извонредни напори за да ги принудат лалињата да „избијат“, со техники сè уште неприлагодени на новопојавениот научен метод, сè уште резонантни со одгласите од алхемијата: тие саделе посеви бели лалиња, потоа врз почвата посипувале пигментни прашоци од нијансата која сакале да ја видат во пруги врз белите ливчиња, надевајќи се дека дождовницата ќе го прелие коренот со пигментите и некако ќе ги втисне врз идниот цвет.

Бидејќи историјата на нашиот вид е историја на луѓе кои копнеат за контрола на својата среќа и други луѓе кои го искористуваат овој копнеж во отсуство на знаење и критичка мисла – од религии проткаени со мистично значење, сè уште необјаснети астрономски феномени како комети и затемнувања, до интернет-измамници – се појавил нов занает на шарлатани, кои ветувале сигурни рецепти (некои вклучувале измет од гулаби, други прашкаст малтер од ѕидовите на старите куќи) за да „избијат“ лалињата.

Но, она што навистина се случувало било нешто во што никој не се сомневал, бидејќи никој се’ уште ги немал референтните точки на разбирањето што го нарекуваме знаење. Она што навистина се случувало било епохален пресек на науката и културата, приказна која Мајкл Полан ја раскажува во „Ботаниката на желбата“. Тој пишува:

Еден клучен елемент на убавината на лалето што ги опивало Холанѓаните, Турците, Французите и Англичаните денес е изгубен за нас. За нив лалето претставувало магичен цвет бидејќи било склоно кон спонтани и сјајни ерупции на бои. На посадени сто лалиња, едно од нив би можело да биде толку обземено, па отворајќи ги своите бели или жолти ливчиња врз нив покажувало шари, како насликани со најдобрата четка и најстабилната рака, со деликатни форми на пердуви или пламења во живописно контрастни нијанси. Ако лалето ‘избило’ на особено впечатлив начин – ако пламенот на појавената боја достигал до основата на ливчето, на пример, и пигментот бил сјаен и чист, а декорацијата симетрична – сопственикот на тоа лале освоил лотарија. Зашто, потомците на тоа лале го наследувале неговиот изглед и нијанси и ќе се продавале по фантастична цена. Фактот што ‘избиените’ лалиња од некоја непозната причина се размножувале во помалки и поситни потомци во споредба со обичните лалиња, ги зголемувало нивните цени.

Во време кога микроскопот сè уште бил новина позната на малкумина и поседувана само од многу привилегираните, кога откривањето на субмикроскопските небактериски патогени бил четвртина милениум далеку, и два века пред сковувањето на зборот екологија, она што страствените градинарите и страствените купувачи на светилки и Рембрант не го знаее било дека вирус донесен од друг вид бил одговорен за заносното расплинување во бои на лалето; вирус, чие откритие ги поразило „избиените“ лалиња и ја растурило магијата што нивната убавина ја фрлила врз овој свет, свет кој е постојано во живот-постојано во смрт. Полан ја објаснува биомеханиката зад убавината:

Бојата на лале всушност се состои од два пигменти кои работат заедно - основна боја која е секогаш жолта или бела и втора, преклопена боја наречена антоцијанин; мешавината на овие две нијанси ја одредува унитарната боја што ја гледаме. Вирусот делува така што делумно и неправилно го потиснува антоцијанинот, а со тоа овозможува парче од основната боја да се покаже. Дури во 1920-тите, по пронаоѓањето на електронскиот микроскоп, научниците откриле дека вирусот се шири од лале на лале од Myzus persicae, лисна вошка која се пренесувала од праскините дрвја. Праскините дрвја биле вообичаени во градините во седумнаесеттиот век.

До 1920-тите, Холанѓаните ги сметале своите лалиња како стока за трговија, а не драгоцености за изложување, а бидејќи вирусот ги ослабнувал коренчињата што ги инфицирал (тоа било причината поради која потомството на овие лалиња било толку мало и малку на број), холандските одгледувачи се зафатиле да ги ослободат своите полињата од инфекцијата. Избивањата на бои, кога се случувале, биле брзо уништувани, и необичната манифестација на природна убавина нагло ја изгубила својата претензија за човековата наклонетост.


Извор: The Marginalian

ОкоБоли главаВицФото