Влијанието на изреката Mens sana in corpore sano низ историјата

11.03.2022 14:59
Влијанието на изреката Mens sana in corpore sano низ историјата

 

Можеби не сте знаеле, но популарната максима Mens sana in corpore sano не е латински цитат од добата на Стариот Рим, туку релативно модерен слоган кој стекна популарност со развојот на спортските друштва во 19 и 20 век. Изреката се преведува „Во здраво тело здрав дух“ (обратете внимание на обратниот редослед на синтагмата во преводот - mens sana е здрав дух, а in corpore sano во здраво тело), а истото значење - дека со јакнењето на телото јакне и духот - денес го има на сите модерни јазци.

Неодамнешниот избор на песната In corpore sano на изведувачката Констракта за претставник на Србија на натпреварот за песна на Евровизија, покрај вообичаената естетика и политичките дискусии, разбуди необичен интерес како за латинскиот јазик, така и за оваа изрека. Но, судејќи според сè, Римјаните никогаш не ја користеле во значењето кое го познаваме денес.

Најстариот забележан помен се наоѓа кај римскиот поет Јувенал од првиот век од нашата ера, во неговото дело Сатири и тоа во рамки на еден стих „orandum est ut sit mens sana in corpore sano. Јувенал овде вели „треба да се молиш за здрав дух во здраво тело“, учејќи ги Римјаните дека е залудно да се молат боговите за големи желби, долг живот или среќа, туку дека треба од нив да се бараат конкретни доблести меѓу кои први се: здравиот дух и здравото тело. Јувенал никаде не ја споенува причинско последичната врска која денес ја гледаме во фино римуваната максима, дека здравото тело е неопходно или барем мошне важно за здравиот дух, туку дека и едното и другото се предуслови за среќа.

Слична порака како Јувенал, за значењето на здравото тело и здравиот дух за човечкиот живот, во 17 век промовирал британскиот филозоф Џон Лок (1632-1704). Во книгата Мисли за образованието од 1693 година (Some Thoughts Concerning Education) во првата реченица од првиот од 217 параграфи, Лок вели: „Во здраво тело здрав дух, тоа е краток, но целосен опис на состојбата на среќата на овој свет“.

Лок овде не го цитира Јувенал и иако во делот повеќепати се повикува на разни латински изреки (учејќи, меѓу другото и дека познавањето на класичните јазици е важно за развој на англискиот џентлмен), воопшто и не го наведува латинскиот цитат Mens sana in corpore sano. Можно е и Лок повеќе да се потпирал на малку постарата класична изрека која му се припишува на грчкиот филозоф Талес за тоа кој е среќен човек: „Оној кој има здраво тело, длабок ум и питом карактер“.

Без сомнеж, книгата на Лок за образованието ја промовирала фразата, независно од пораката што филозофот ја имал на ум. Исклучително популарна, книгата влијаела како на речиси сите мислители од добата на просветителството, така и на практичните методи на образование на западот. Покрај идејата за улогата на образованието, Лок истовремено дава и изобилство практични упатства за нецелисходноста на ќотекот, за плачењето и храброста, како и колку да се учи латински, а колку геометрија, како да се облекува, како да се хранат децата и зошто е добро децата да се навикнат на студено. Претставена во толку распространета книга, допадливата англиска фраза од нејзиниот почеток (Sound mind in sound body) потоа веројатно е преведена наназад на латински, на кој инаку звучи одлично.

Но, обликот и значењето кое го знаеме денес Mens sana in corpore sano, дека нема здрав дух без здраво тело, ќе се развие во викторијанската доба. Прв на таков начин во втората половина од 19 век ќе ја употреби англискиот гимнастичар Џон Халеј кој се смета за еден од основоположниците на идејата за физичко образование и значењето на рекреацијата. Како пионер на олимпиското движење и промотер на вежбањето и велосипедизмот, Халеј оваа изрека ја употребил за слоганот на својот рекреативен клуб во Ливерпул.


Пропагандниот постер Германски студент од Лудвиг Хохлвејн (1936)

Потоа, максимата ќе биде често и со задоволство користена како слоган на најразлични организации, школи и клубови. Викторијанските идеи за важноста на рекреацијата и здравото тело и со настанокот на олимпиското движење ќе доживеат глобална популарност, станувајќи еден од столбовите на разни младински организации ширум светот. Кај нас после Втората светска војна ќе го прифатат и аналогните комунистички движења.

Во Германија, преку еволуцијата на културата на милитаризмот, а особено опскурните дела на германскиот националист Хенрих фон Трејчке, ќе биде преземена како база за национал-социјалистичката ариевска идеологија, каде важен аргумент за чистината на расата беше истакнувана убавината на германското тело и следствено, силата на духот. Сликата погоре го претставува пропагандниот постер Германски студент кој во 1936 година го нацрта Лудвиг Хохлвејн, познатиот германски реалистичен илустратор и пријател на Јозеф Гебелс.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Nauka kroz price

ОкоБоли главаВицФото