Доба на кожата

07.04.2022 16:56
Доба на кожата

 

„Многу време Снежана така лежела во ковчегот и не венеела, се чинело само како да спиела: ѝ останала целата убавина, и таа останала бела како снег, црвена како крв, со коса црна како абоносово дрво.“

Браќа Грим, Снежана и седумте џуџиња


1.
Секогаш се растревожувам кога ќе ја слушнам излитената (а притоа амбициозна) реплика дека животот пишува романи. Да се разбереме: кога животот би пишувал романи, не би постоела книжевноста. Можеби книжевноста издишува, но нејзината општа слабост не се случи поради историската победа на животот над неа, туку поради книжевното самоуништување на кое посветено работеа самите учесници во книжевните процеси: издавачите гладни за пари, мрзливите уредници, поткупливите критичари, неамбициозните читатели и неталентираните автори жедни за слава. А што се однесува на односот меѓу книжевноста и животот, работите грубо кажано стојат вака: во темелите на книжевната приказна стои трачот. Сите ние сакаме да знаеме што им се случува на другите, дури и кога станува збор за тоа што имале другите за ручек. Сѐ на сѐ, сите големи романи истовремено се и големи трачови. Се променија ли нештата со новите медиуми? Не, напротив, гладот по трачови само се засили. Трачерите твитаат, текстираат, лајкуваат, фејсбукуваат. Друштвените мрежи се нивна природна околина. Ријалити-книжевноста – книжевноста што се занимава со приватниот живот на познатите во неговите најситни детали – денес го достигна својот врв. Некогашните хагиографии на светците во меѓувреме жанровски еволуираа во биографии, автобиографии и мемоари. Еднаш индуцираниот глад по трач тешко се сопира, а и сите во меѓувреме станавме светци. Ја распнуваме сопствената кожа, подготвено ги покажуваме внатрешните органи, секој е експонат во излогот на својата месарница.


2.
Словените имаат мошне голем број јазични изрази поврзани со кожата. Да се има дебела кожа, да се истргне од кожа, да се извади некој од кожа, да се изнесе целата кожа, да се биде крвав по кожата, да му се одере кожата некому, да се почувствува на сопствена кожа, да се плати како волк со кожата, да се вовлече некому под кожа, што се однесува на нечија кожа – скапо да се продаде кожата, да се биде во нечија кожа, да се учи на сопствената кожа, да се биде волк во јагнешка кожа, добро да се поткожи, да (се) соблече до гола кожа... Кожата е нешто многу интимно и, што се однесува на интимноста, доминира над метафората на срцето. Додека нашето срце е подготвено да го сака целото човештво, нас нѐ сака само нашата кожа.

Во словенските јазици не постојат два збора за двата вида кожа, како во англискиот (skin, leather), германскиот (haut, leder), холандскиот (huid, leer), шпанскиот (piel, cuero) или во италијанскиот (pelle, cuoio), на пример. Словените го употребуваат истиот збор за кожата што го покрива нашето тело и кожата од која се прават чевли. Можеби отсуството на разликата во јазикот е цивилизациско прашање? Можеби оттаму, од цивилизациската неистенченост, произлегува маѓепсаноста на сиромашните со вистинската кожа?

Така, поранешните Југословени во втората половина на дваесеттиот век патуваа по чевли, чанти и јакни (секако, од вистинска кожа), во соседна Италија, во Трст. Подоцна скокаа до поевтиниот Истанбул и довлечкуваа кожена облека на југословенските пазари. Типот облечен во кожена јакна, и уште со златно синџирче околу вратот, спаѓаше во општопосакуваните партнери за парење. Во времето на популарноста на вистинската кожа, се сметаше дека мажот во кожена јакна е подготвен на сѐ. Набргу евтините имитации ја неутрализираа привлечноста на вистинската кожа, а човечките мажјаци и женки облечени во кожени јакни се лизнаа на некое време во социјално стигматизираните човечки групации (т.н. „човечко ѓубре“). А таа, кожата, се лизна во кожната супкултура и таму стана „царица“, фетиш, култ.


3.
Како и сите хуманистички ориентирани интелектуалци, со понизност паѓам на колена пред науката. Никој не може да ме импресионира повеќе од математичарите, физичарите, астрономите, докторите и статистичарите; имено, никој повеќе од нив не е во состојба да ги стави работите на вистинското место. Така, во еден хрватски весник неодамна беше објавена статија со возбудлив наслов – Државите на дебели, како Хрватска, се товар за Земјата. Испаѓа дека меѓу десетте најтешки земји на светот Америка го зазема првото место, а Хрватска, веднаш по Кувајт, третото. Најлесни се азиските и африканските земји, од кои првото место по леснина го зазема Северна Кореја. Во статијата се цитира најновата студија објавена во списанието Би-ем-си паблик хелт, која тврди дека просечната маса на возрасните жители на Земјината топка е 62 килограми (во САД таа е значително повисока, 80,7 килограми). Кога ќе се собере сѐ, возрасното население тежи 287 милиони тони, од кои 15 милиони тони отпаѓаат на прекумерната тежина, а 3,5 милиони тони на дебелината. Дебелината е распоредена неправилно: Американците чинат само пет проценти од светската популација и притоа третина од вишокот на светската телесна тежина. Професорот Иан Робертс вели дека научниците денес не размислуваат колку усти треба да се прехранат, туку колку месо. „Сите го сфатија фактот дека порастот на бројот на жители ја загрозува глобалната одржливост на околината, а нашето истражување покажува дека и дебелината е голема закана. Ако не ги намалиме и наталитетот и дебелината, имаме слаби изгледи“, вели професорот Робертс. Значи, проблемот е во месото, во човечкото месо.

Стигматизацијата на дебелите најде поддршка и во науките како демографијата и екологијата, медицината и социоекономијата. Од медицинската наука доаѓа уверувањето дека дебелите се заразни (откривањето на вирусот Ad36), односно дека оној што се дружи со дебели и самиот станува дебел. Адел, крупната британска пејачка, по својата американска турнеја доживеала критика на некоја американска локална ТВ-станица. Некоја локална финтес-инструкторка, полна праведен гнев каков што знаат да имаат само финтес-инструкторите, тврдела дека Адел е опасност за американското општество затоа што на американските девојчиња им испраќа порака дека е можно да се биде дебел и притоа да се биде славна пејачка, што, според мислењето на инструкторката, е неточно. Којзнае, можеби во блиска иднина слична порака ќе ја отвори сезоната на лов и веднаш ќе врати некоја идна Адел таму од каде што се дрзнала да го пушти својот божествен глас, во гетото на сиромашните, дебелите и талентираните.


4.
Мажите во црни кожени капути во еден историски момент навистина можеа сѐ, само што во меѓувреме се заборави на нив. Книгата Ленинови ембалмери е необично сведоштво за кожата на славниот револуционер, симбол на еден од најголемите, највозбудливите и можеби токму затоа и најкатастрофалните социјални експерименти во историјата на човештвото. Иља Забарски му бил син на Борис Забарски, советски биохемичар, кој (заедно со професорот Воробјов) го балсамирал Ленин. Иља Забарски, и самиот биохемичар, работел во тимот на стручњаци во Мавзолејот на Ленин во Москва речиси дваесет години. Неговата исповед е фантастичен увид во долгиот живот на мумијата, но и во животот на луѓето задолжени за нејзиното одржување.

Најголемо внимание во книгата привлекуваат описите на спасувањето на кожата на Ленин, како и постојаната напнатост околу нејзиното можно распаѓање. Можеме само да си замислиме како се чувствувале сите од тимот на врвни стручњаци кога само два месеца по (првото) балсамирањето на Ленин комисијата за утврдување на состојбата на лешот на Ленин утврдила...

„Кожата пожолтела, а околу очите, носот, ушите и слепоочниците се појавила дисколоризација. Во фронталниот и во париеталниот дел на черепот се појавиле виолетови дамки. Таму каде што черепот бил отворен за да може да се отстрани мозокот, околу сантиметар во пречникот, кожата се вовлекла. Врвот на носот бил покриен со темен пигмент, ноздрите станале тенки како хартија; полуотворените очи потонале во очните дупки; усните се разделиле, така што се гледале забите; на рацете се појавиле кафени петна, а ноктите посинеле.“

По овој катастрофален извештај, на Ленин му се извадени белите дробови, желудникот и другите внатрешни органи, очните јаболчици се заменети со вештачки, внатрешноста на телото е измиена со дестилирана вода и со моќен антисептик, а целото тело е третирано со формалин, оцетна киселина, алкохол, глицерин, хлорид и со некои други состојки. Кожата на Ленин овој пат била спасена, а воедно и животите на тимот на научници, иако не на сите негови членови. Меѓу многуте неразјаснети смртни случаи од тоа време се наоѓа и оној на професорот Воробјов, главниот изумител на советскиот метод на балсамирање.

Еден од „понежните“ детали во книгата се однесува на Надежда Крупскаја (сопругата на Ленин), која при посетата на Мавзолејот во 1948 година со женска горчина признала дека Ленин останал еднакво млад, додека таа во меѓувреме видно остарела.


По 1945 година, тимот на научници, од само четворица, колку што биле во 1939 година, е зголемен на триесет и пет врвни научници, хистолози, анатоми, биохемичари, доктори. Сите тие се занимавале пред сѐ со истражување на структурата на кожата и на поткожното клеточно ткиво, односно со автолитичките фактори што предизвикуваат распаѓање на ткивото. Помеѓу 1949 и 1995 година, институтот на Мавзолејот на Ленин ја интернационализирал својата дејност и ги балсамирал телата на Георги Димитров, Клемент Готвалд, Хо-Ши-Мин, Агостињо Нето, Линдон Форбс Бернхем, Ким Ил-Сунг, како и на монголскиот диктатор Хорологин Чојбалсан. До деведесеттите години на минатиот век, повеќето од тие славни мумии се запалени. Сталин, кој лежел покрај Ленин речиси десет години, исто така е запален.

Тимот на Мавзолејот на Ленин не е распуштен, туку продолжил со работа, но сега како високоспецијализирано погребно претпријатие. Корисници на скапите погребни услуги денес се руските богаташи и мафијаши. Балсамерите и денес го употребуваат истиот состав на течноста што била користена при балсамирањето на Ленин и ги вбризгуваат во мртвите артерии истите осум литри балсам. Балсамот е толку ефикасен што телата остануваат во истата состојба и цела година по погребувањето. Иља Забарски тврди дека по инјектирањето на балсамот во артериите кожата на мртовецот веднаш ја менува модрата мртовечка боја во боја на слонова коска. Со други зборови, и оној што немал добар тен за време на животот може да си добие по смртта.

Денес Мавзолејот на Ленин, како високоспецијализирано погребно претпријатие, продава и ковчези. Најбарани се оние со ознаката Made in USA. Најскапи се руските ковчези изработени од скапоцен кристал, а најпопуларен е ал капоне, модел направен според ковчег виден во филмот Кум .

А што се однесува на мумијата на Ленин, нејзината судбина се решава долга низа години и сѐ уште не е решена. Некои руски весници и онлајн-портали повремено потсетуваат на проблемот отворајќи јавна расправа: дали мумијата и понатаму да се одржува „во живот“ или да се закопа. Резултатите од тие расправи секогаш се без решение: обично сосема занемарлив процент на гласови превагнува на оваа или на онаа страна.


5.
Петер ван дер Хелм, сопственик на салон за тетоважи во Амстердам, дошол до идејата да откупува парчиња тетовирана кожа. „Сите го поминуваат својот живот во потрага по бесмртност, а ова е едноставен начин да добијат дел од тоа“, изјавил Петер ван дер Хелм. Салонот се вика Ѕидови и кожа, а веќе триесетина клиенти на Петер ван дер Хелм ја оставиле својата кожа во тестамент на новооснованата ризница и секој од нив платил за постапката неколку стотини евра. Кога клиентот ќе умре, патолог ќе му ја изреже кожата со тетоважи и ќе ја испрати на натамошна обработка. Клиентот Флорис Хиршфелд вели: „Луѓето чуваат полнети животни дома, па зошто да не и кожа. (...) Ако можам да останам сочуван на тој начин, да, молам, зошто да не.“ Освен тоа, „некои луѓе толку ми значат што сакам засекогаш да бидат со мене и ова е начин тоа и да се оствари“, вели Хиршфелд, кој го дал портретот на својата покојна мајка истетовиран на неговиот грб. „Винсент ван Гог бил сиромашен човек кога починал. Вие и јас не можеме да си го дозволиме Ван Гог. Тетоважата е уметноста на обичните луѓе“, додава тој.


6.
Кога го набљудуваме културниот пејзаж што моментално нѐ опкружува, ни се чини дека сме во состојба да разбереме многу малку од шаренилото и формите. Па, сепак, ако повнимателно се загледаме и ако, секако, не фучиме со презир на сеприсутната популарна култура, тогаш би можеле да кажеме дека во тој пејзаж, лишен од Божја хиерархија, доминира човечкото месо. Темата за загрозеното човечко месо и инаку е омилена тема на популарната култура: своите заби во човечката кожа ги заривале „странци“, вонземјани, вампири, зомбија и канибали. Оваа тема се појавува во жанровските романи, стриповите, видеоигрите и во филмовите и, заедно со многу потенкиот корпус на сериозни дела, сложно гради модерно митско поле за отчитување на современите човечки стравови, пред сѐ стравот за сопствената кожа. Трилогијата Игрите на гладните на Сузан Колинс (американски пандан на претходно настанатиот роман Кралска битка на Кошун Таками) треба да ѝ се заблагодари за својата популарност на една крајно изострена порака: за човечката единка денес да може да си ја сочува кожата, мора да убие друга човечка единка. Слична порака варира и во романот Никогаш не оставај ме на Казуо Ишигуро (заедно со филмската верзија), каде што светот е поделен на клонови, односно „донатори“ и „нормални луѓе“. Слични пораки варираат и меѓу јунаците на филмот Островот, Еван Мекгрегор и Скарлет Јохансон. Тие двајца глумат harvestable beings, човечки клонови предвидени за „жетва на органи“.

Повеќето луѓе во темите од популарната култура ја отчитуваат својата моментална опкружувачка реалност и ја предвидуваат својата блиска иднина. Ловот на човечки органи, на пример, замотан во протективен религиозно-филантропски станиол, навистина постои, а границите на дозволеното на тоа поле секој ден се поместуваат. Така, границата на органи собрани од мртви донатори – практика што веќе никого не возбудува – се помести на живи донатори, а потоа на илегалната продажба на сопствените органи (од крвта, па натаму) со цел да се преживее. Во митската приказна за органите само давателот (делумно) е откриен, а примачот останува скриен. Анонимниот примач преку своите илегални дилери го купува или го одзема органот што му треба, не прашувајќи за сопствената етичка позиција. Така, границите на дозволеното се преместуваат на морбидно пљачкосување, на неодамнешната вест за кинескиот двегодишник што исчезнал, за по некој час да биде најден како лежи во прав, со извадени рожници. Вештите крадци на органи веќе не доаѓаат од вселената. Денес тие можеби се нашите први соседи, кои за ситни пари со прст ќе покажат на свежите и леснодофатливи бубрези или рожници. Границите ги поместува и самата медицинска практика, која продолжувајќи го животот на богатите ги убива сиромашните и на тој начин се занимава со гол вампиризам. Затоа што, како поинаку да се нарече практиката на замена на старата крв со млада, која на скапите клиники за подмладување ја практикуваат богатите клиенти?

Популарната култура – новото митолошко поле – им помага на своите консументи да ја сварат несварливата реалност, да се помират, да ја прифатат, да ја регистрираат, да ја избегнат, евентуално да се побунат против неа, како кој. Популарната култура го прави тоа на неспоредливо поефикасен начин од кого било и од што било друго. Ханибал Лектор – јунакот на романот на Томас Харис, кој за својата популарност најмногу треба да ѝ се заблагодари на брилијантната актерска изведба на Ентони Хопкинс – во текот на својот триесетгодишен живот ги изгуби длабоко одбивните и се здоби со речиси романтични црти. Јунакот на истиот филм, Бафало Бил, кој е опседнат од идејата дека човечката кожа е совршена ткаенина од која може да се сошијат облека и други предмети, денес има свои уметнички „следбеници“ во делата на Џесика Харисон, на пример, уметница што во својата серија На дланка изложува минијатурни парчиња мебел што стојат на дланка, а изгледаат како да се направени од вистинска човечка кожа. Уметничкиот проект Кожа на уметницата Шели Џексон – која ги повикува на учество сите оние што се подготвени на својата кожа трајно да истетовираат некој (англиски) збор и да потврдат дека се сопственици на тетоважата – ја превртува опсесијата со човечката кожа на Бафало во глорификација на уметничкиот колективитет и смртноста на уметноста (mortal art).


7.
Границите избледија и веќе не е јасно што е уметност, а што вистина, што е имитација на животот, а што самиот живот, и што имитација на имитацијата. Па, сепак, се чини дека најбедна ситуација е онаа во која животот почнува да ни личи на евтини хорор-филмови. Во јануари 2014 година, бев сведок на сцена што се одигра во загрепски трамвај. Загреб е главниот град на Хрватска. Хрватска е новопримена членка на европската заедница и, според списанието Би-ем-си паблик хелт, „товар за Земјата“. Сѐ на сѐ, четиримилионска земјичка со половина милион невработени и со застрашувачки број на сиромашни.

На седиштето во трамвајот седеше скромноблечена крупна жена во доцните средни години. Покрај неа стоеше низок маж и ја одмеруваше со остар, нервозен поглед.
„Добро се живее, ехе...“, рече неодредено мажот и ѝ упати на жената поглед што како да поминуваше низ окцето на револвер.
„Молам?“, тивко рече жената.
„Добро се живее...“, повтори погласно и поостро мажот.
„Не разбирам што сакате да кажете...“, повтори жената иако од изразот на нејзиното лице беше јасно дека насетува што сака да каже мажот.
„Велам само дека некои луѓе добро живеат...“, не се откажуваше мажот.
Жената ја наведна главата и како внатрешно да се напрегна телесно да се смали.
„Јас имам четириесет килограми, инженер сум по струка и немам работа...“, човекот ја маваше жената со зборови. Притоа, очигледно немаше ништо против да го слушнат и другите патници во трамвајот.
„Зарем јас сум виновна за тоа?! Зошто не им се обратите на властите...“, тивко дофрли бедната жена и стана да излезе од трамвајот.

Тоа беше мачна сцена. Човечкото месо тешко четириесет килограми го обвинуваше човечкото месо тешко деведесетина килограми, убедено дека месото од деведесет килограми не може да биде гладно. И, иако патничката според својата возраст на очајниот маж можеше да му биде постара сестра или дури и мајка и иако тој можеше да се заколне дека такво нешто не му ни паднало на памет, истенченото уво во неговиот протест можеше да улови и тон на сексуална неадекватност. Жената во трамвајот очигледно, ни крива ни должна, го вознемири мажот, беше како приказ од најдлабоката потсвест, банален симбол на неговото губитништво (дебелите се богати, слабите – сиромашни). Со задоволство и би ја удрил, со задоволство би ѝ го свиткал вратот, би ѝ пуштил крв, со задоволство би ги зарил забите во тоа месо двојно потешко од неговото, би загризал во таа телесност што се беше разлеала по трамвајското седиште, рамнодушна (Зарем јас сум виновна за тоа?! Зошто не им се обратите на властите...) кон неговата мака.


8.
Многу посткомунистички, транзициски општества ги претворија своите граѓани во зомбија. Во дваесет и првиот век нѐ очекува „општество на партиципација“, би рекол холандскиот крал Вилем Александар. „Селф менаџмент“, би рекле оние што ги следат современите трендови и се вешти со јазикот. И „партиципација“ и „селф менаџмент“ се еуфемизми за една порака остра како скалпел: човекот денес е сведен на сопствената гола кожа.

Цел тим стручњаци балсамери со години посветено се грижеле за своето ремек-дело, за својата мумија. Најславната модерна мумија на светот со години хранела и штитела цел тим стручњаци и некое време ја симболизирала вербата дека е можно општеството на еднаквост, братство и слобода. Денешните салони за тетоважи – минијатурни реплики на Мавзолејот на Ленин – за сѐ на сѐ неколку стотини евра ќе ги држат своите клиенти во вербата дека нивната истетовирана кожа е уметничко дело што заслужува вечност.

Да, живееме во доба на кожата. Нашата доба – лешовите до кои сме се стиснале – не е во најдобра состојба. Кожата на лешовите сѐ повеќе темнее, се појавуваат виолетови дамки, черепот од кој е отстранет мозокот напукнал и ја повлекол кожата со себе, насекаде се шири заканувачкиот темен пигмент, ноктите целосно посинеле... Се исцрпуваме, никогаш доста балсам, ги прекриваме мртовечките дамки со течна пудра и – со сопствените тела. Насекаде се шири смрдеа, која се вовлекува во нашата облека, во нашата кожа, во нашите бели дробови, со ништо не може да се отстрани. Како жолти мравки сме, нѐ има незамисливо многу, а не сме во состојба да ја одредиме величината на лешовите што ги опслужуваме. Можеби треба да се остави залудната работа, можеби одамна сме го отслужиле своето. Можеби е време да ги разотвориме вратите и да ги извлечеме лешовите на сонце. Можеби сончевите зраци вешто ќе паднат и ќе запалат искра, можеби лешот ќе букне сам од себе. Едно е сигурно: огнот е моќно дезинфекциско средство.

јануари, 2014

 

Слики: I. Boinot

Извор за текстот: „Доба на кожата“ од Угрешиќ, есеи; превод Кристина Велевска; „Антолог“, 2021)

ОкоБоли главаВицФото