Ако работата ти е срање поголеми се шансите во староста да имаш деменција

10.08.2022 01:36
Ако работата ти е срање поголеми се шансите во староста да имаш деменција

Истражувачите од Универзитетот Колубија утврдија врска помеѓу ниските плати во средните години и когнитивниот пад во постарата доба, откривајќи дека оние кои заработувале помалку во животот, по пензионирањето доживеале пад на когнитивните способности за памтење.

„Во САД, федералната минимална плата од 2009 година остана 7,25 долари за еден час. Иако оттогаш е зголемен економскиот раст, растот на платите - особено е забавен кај оние работни места со ниски плати, а минималната плата не ја следеше инфлацијата“, пишуваат истражувачите во студијата, претставена неодамна на Меѓународната конференција на Алцхајмеровата асоцијација 2022 и која ќе биде објавена во American Journal of Epidemiology. „Ниските плати се потенцијален проблем на јавното здравје, зашто понискиот социоекономски статус е детерминанта на бројни негативни здравствени исходи. Сепак, засега не постои значајна литература која го испитува односот помеѓу ниските плати и здравјето.“

За да го испитаат тоа, истражувачите ја погледнале Студијата за здравјето и пензионирањето - истражување на Универзитетот во Мичиген меѓу Американци постари од 50 години заедно со нивните сопружници кои се собираат секоја година - и ги интервјуирале учесниците родени помеѓу 1936 и 1941 година. Истражувачите ги испитале нивните податоци за платите во текот на средната доба (1992-2004) и нивните резултати од памтењето во постарата доба (2004-2016) до смртта, напуштањето на студијата или завршното испитување, спроведено во 2016 година. Откриле дека луѓето со ниски плати на секои 10 години доживуваат уште една година когнитивен пад.

„Во споредба со поединците кои 'никогаш' немале ниски плати, оние со 'повремени' или 'одржливи' ниски плати поверојатно биле жени, црнци или родени на југот, имале помалку години образование и пониски вкупни приходи во домаќинствата, а било помалку веројатно дека ќе имаат високо квалификувани занимања или родители со образование од 12 или повеќе години“, заклучиле истражувачите од својата студија. „Нашите наоди сугерираат дека поединците со трајна изложеност на ниски плати доживеале малку повеќе од една дополнителна година стареење на секои 10 години. Со други зборови, количината когнитивно стареење кое во период од 10 години го доживеале поединците со историја на постојано вработување со ниски плати би било еднакво на она кое оние што никогаш не заработувале ниски плати го доживеале за приближно 11 години.

Како што истакнува студијата, иако нема многу литература која истражува како влијаат ниските плати на когнитивното здравје, постојат студии кои ги набљудуваат неговите ефекти на други, поиндиректни начини. Истражувачите укажуваат на студии кои сугерираат дека нискиот приход во домаќинствата на средни години е поврзан со „поголема деменција, смрт предизвикана од деменција, когнитивната функција и субјективниот когнитивен пад.

„Посочувањето дека ниските плати негативно влијаат на здравјето би можело да пружи насоки за политиката - како што е зголемувањето на федералната минимална плата на 15 долари за еден час, што останува да биде проблем во Конгресот - кои имаат за цел да го подобрат статусот на приходите на работниците во средните години“, пишува во истражувањето. „Во моментов повеќе од 53 милиони работници заработуваат ниски плати, а уделот на оние кои заработуваат ниски плати меѓу работниците на возраст од 18 до 64 години е зголемен последниве две децении. Со оглед на намалената куповна моќ на минималната плата со текот на времето, заедно со растечкиот удел на оние кои примаат ниски плати, значителен дел од денешната работна сила во САД веројатно се соочува со економски тешкотии.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jess Allen

Извор: https://www.vice.com/