Одржливи алтернативи за животинската кожа - од ананас преку морски плодови до кактуси

12.08.2022 02:40
Одржливи алтернативи за животинската кожа - од ананас преку морски плодови до кактуси

Кожарската индустрија има повеќекратни негативни дејства во однос на планетата - од суровиот третман на животните и сечењето на шумите преку користењето големи количини вода и висок јаглероден отисок до отпад и загадување. Во моментов, најпознатата алтернатива за животинската кожа се прави од материјал на база на пластика, што исто така не е добро за планетата.

Кожата се носи илјадници години и речиси стана неизоставен дел од нашите гардеробери и мебелот. Но како што расте пазарот и се тежнее кон нејзино поевтинување, производството станува сè помалку еколошки прифатливо. Од таа причина бројни компании ширум светот се обидуваат да направат и да популаризираат адекватни замени кои ги обезбедуваат ноншалантноста на класичните црни кожни јакни и удобноста на кожните патики но со значително пониски трошоци за животната средина.

Претставуваме неколку решенија кои би можеле да донесат револуција во производството на кожа.

Кармен Хихоса, основачката на Ананас Анам

 

Кожа од листови ананас - една од првите алтернативи за животинска кожа на пазарот

Англиската компанија Ананас Анам е меѓу пионерите во производството на кожа на база на растенија - целулозни влакна, извлечени од листовите на ананасот, се мешаат со биопластика од пченка. Добиената биоразградлива неткаена мрежичка потоа се премачкува за да се направи поиздржлив, флексибилен материјал кој се нарекува пинатекс.

Ананас Анам работи на постулатите на циркуларната економија. Листовите од ананас се добавуваат од филипински плантажи, каде ако не се искористат ќе бидат оставени да изгнијат или ќе бидат запалени.

За разлика од останатите сродни материјали, кои во поголем дел се на ниво на прототипи, пинатексот веќе е застапен во продавниците преку облека, обувки или торби и аксесоари. Производите од пинатекс се најдоа во колекциите на познатата француска модна куќа Сезан и шведскиот бренд Ејч Енд Ем. Од овој текстил се изработува мебел, но и седишта за велосипеди.

 

In vino veritas, но и кожна јакна

Грозјето е мошне посакувано особено кога доаѓа во облик на вино. Технолошката компанија од Милано, Вегеа, на ова овошје му даде сосема нова намена - нуспроизводите од италијанското лозарство и винарство се употребуваат за производство на кожа.

Најпрвин се суши комината, односно остатоците од грозје од кои е исцеден сокот за вино, а од семето се исцедува масло. Суровините добиени од грозјето со посебен метод се полимеризираат за потоа да се измешаат со природни влакна. Резултатот од овој процес, кој се чува во строга тајност, е мека и рапава, но пред сè одржлива кожа која може да се рециклира.

Годишно се произведуваат 26 милијарди литри вино. Се проценува дека на 10 литри вино доаѓаат 2,5 килограми остатоци како лушпи и дршки од што може да се направи еден квадратен метар лажна кожа. Кога целата комина од грозјето во светот би била насочена во фабриката на Вегеа, секоја година би произведувале приближно 2,6 милијарди квадратни метри кожа само од грозје.

Вегеа е претставена во познатиот лондонски музеј Викторија и Алберта, а како и компанијата Ананас Анам исто така има завидна листа клиенти. Доверба ѝ искажа дури и производителот на луксузни автомобили Бентли кој, во знак на одбележување на стогодишнината од постоењето, ентериерот на автомобилите го пресоблече токму во кожа од грозје.

Адријан Лопез и Марте Казарес (Дезерто)

 

Кожата од кактус придонесува за намалување на јаглерод диоксидот

Дали го знаете вицот за двата балони кои летаат во пустина, првиот вели: „Внимавај кактусссс“, а другиот: „Што велишшшш?“ Иако за балоните се смртоносни, кактусите се спасоносни за Земјата.

Адријан Лопез Валарде и Марте Казарес од Мексико во овие пустински растенија го препознале потенцијалот за производство на кожа. Пред неколку години двајцата развија материјал наречен Дезерто кој во споредба со вистинската кожа и нејзините синтетички алтернативи е подобар во однос на одржливоста, перформансите и естетиката.

Дезерто се прави од кактусот наречен бодликава круша. Ако имате ваков кактус дома, знаете дека му е потребна многу малку вода, па за да опстане му е доволен само дождот и нема потреба од наводнување. Според наодите на компанијата, нивниот производ има и до 164 проценти пониска потрошувачка на вода во однос на животинската кожа.

Освен тоа кактусите го отстрануваат јаглерод диоксидот од атмосферата. Посед од околу 5 хектари, колку што има Дезерто, годишно впива дури 8 100 тони јаглерод диоксид, додека за време на одгледувањето во истиот период се генерираат само околу 15 тони од овој гас со ефект на стаклена градина, што е помалку од карбонскиот отпечаток на просечен поединец во текот на годината. На тој начин се придонесува во борбата против климатските промени, но и кожарската индустрија се трансформира кон подобро.

Вредноста на мисијата на Дезерто ја препознаа многу големи компании, Џивенчи, Адидас, Фосил, Бе Ем Ве и Мерцедес-Бенз се само некои од нивните деловни партнери.

 

Тенките влакна од мицелиумот обезбедуваат голема цврстина на материјалите

Печурките под нашите нозе се складиште на милијарди тони јаглерод. Разгранетата мрежа од тенки влакна која ја формираат печурките во земјата се нарекува мицелиум и токму тој е основа за правењето кожа која ја потпишува американскиот стартап Мико Воркс.

Својот патентиран производ Фајн Мицелиум, компанијата го рекламира како првиот биоматеријал кој по својата сила, чувство и издржливост може да ѝ парира на кравјата кожа како златен стандард во кожарската индустрија. Мицелиумот се храни со мешавина од пилевина и други органски материи создавајќи цврста и силна влакнеста структура додека расте.

Во 2021 година престижната француска луксузна марка Хермес на пазарот лансираше лимитирана серија на торба од мицелиум.

Ујен Тран, основачката на Томтекс

 

Егзотичната крокодилска може да се направи и од морски плодови

Иноваторите на полето на производство на кожа често се насочуваат кон печурките како претходно споменатата компанија Мико Воркс. Така е и со дизајнерката од Виетнам, Ујен Тран - нејзината компанија Томтекс во формулата додала заштитен оклоп од морски плодови, талог од кафе и малку пчелин восок. Благодарение на комбинацијата на овие три состојки Томтекс може да имитира дури и текстура на кожа од егзотични животни како што е крокодилот.

Од виетнамските рибари се набавуваат тенки кожички од шкампи, краби и јастози, како и крлушки од риби - од овој отпад се екстрахира биополимерот хитин. Во комбинација со талог од кафе се добива основа за кожата на Томтекс која се бои со природни бои како јаглен и се премачкува со пчелин восок.

Секоја година глобалната индустрија за храна и пијалоци исфрла до 8 милиони тони оклопи од морски плодови и 18 милиони талог од кафе. Наместо тоа да се исфрли на депонии, би можеле повторно да го употребиме, како што покажува Ујен Тран.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/