Четврто издание на „Омнибустопија“

14.09.2022 09:20
Четврто издание на „Омнибустопија“

На 16 и 17 септември во МКЦ ќе се одржи четвртото издание на манифестацијата „Омнибустопија“ кое според организаторите на настанот, ќе понуди најамбициозна и најквалитетна програма досега во која за првпат се вклучени и гости од странство.

Во текот на двата дена, посетителите ќе имаат можност да проследат ексклузивни концерти, изложби, разговори и работилница.

Програмата, која целосно ќе биде реализирана во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје ги вклучува слениве случувања:

16 септември, петок:

16:00 Џебно кино
Работилница на тема кат-аут (cut-out) анимација, наменета, пред сѐ, за млади луѓе, на возраст од 16 до 22 години. Rаботилницата ќе ја води мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците-аниматори од Флипбук филм фестивалот, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски.

20:00 Кино Фросина
Јавна дискусија за интерсекцијата меѓу уметноста, политиката и идеологијата. Учесници во дискусијата ќе бидат реномираната уметница Христина Иваноска и активистот и политиколог Артан Садику, а модератор ќе биде Јордан Шишовски.

21:30 Галерија Фросина
Мултимедијална инсталација „Процеп“ на Никола Дрвошанов, мултидисциплинарен уметник, кој се занимава со анимација, дигитални медиуми, фотографија, колажи...
„Процеп“ е пукнатина со поглед во некое друго време или можеби место каде што времето минува во кратки секвенци со испомешан редослед. Иако го гледаме, порталот за влез е затворен, но сепак рефлексиите и вибрациите ги чувствуваме, тие се реални.

22:30 Дансинг сала
Ди-џеј сет на DJ Drazi Drags

23:30 Дансинг сала
Заеднички концерт на Чиста околина и Светлост! Ова ќе биде ексклузивна можност да се слушнат овие два бенда заедно. Несекојдневната сонична синтеза од само навидум неспоиви музички изрази, ќе се претстави со деконструирани и импровизирани верзии на песните на Чиста околина, кои во таква отворена и неповторлива форма ќе можете да ги чуете само овојпат.

17 септември, сабота:

16:00 Џебно кино
Работилница на тема кат-аут (cut-out) анимација, наменета, пред сѐ, за млади луѓе, на возраст од 16 до 22 години. Со работилницата ќе раководи мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците-аниматори од Флипбук филм фестивалот, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски.

20:00 Кино Фросина
Јавна дискусија за новиот џез бран во Македонија, кој почна целата сцена незадржливо да ја носи во нови насоки и кон нови предизвици. Модератор на дискусијата ќе биде Вангел Ноневски, а гости ќе бидат истакнатите претставници на домашната џез сцена: Џијан Емин (Здружение на џез музичари) и Владан Дробицки (PMGJazz).

21:30 Галерија Фросина
Изложба на цртежи „NI/AI“ на Ертунч Сали, ликовен уметник од Скопје. Како еден од основачите на КЦ „Кула“, Сали има организирано разновидни културни настани и свои изложби. Во 2014 година го организира првиот настан во КЦ „Кула“, којшто воедно беше неговата прва самостојна изложба. Во следните три години бил член во повеќе групни изложби и организирал шест самостојни изложби.

22:30 Дансинг сала
Концерт на српското инструментално фанк-рок трио Popečitelji, кои постојат уште од 1994 година, оформени во Приштина, а денес со седиште во Крагуевац. По неколкугодишна пауза, минатата година Popečitelji го издадоа својот четврти студиски албум Uvek и, со тоа, го зацврстија своето место како една од конзистентно најквалитетните бендови во регионот.

Сите настани се бесплатни, освен концертите, за кои ќе се наплаќа билет од 200 денари. Блок билет за двата концерта ќе се продава по цена од 300 денари.

Организатор на настанот е АКСИОМА - Асоцијација за културна соработка и истражување: Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш (воедно и дизајнер на каверот за настанот).

ОкоБоли главаВицФото