Петто издание на „Омнибустопија“

26.09.2023 11:58
Петто издание на „Омнибустопија“

Омнибустопија слави полујубилеј! Програмата на нејзиното петто претставување ќе биде делумно во знакот на ремикс уметностите. По три години, повторно, дел од настаните ќе се реализираат во автобус. Ќе имате можност да проследите ексклузивни концерти, изложба, разговори и работилници.

ГЛАВНА ПРОГРАМА

28 септември, четврток:

Автобус на ЈСП, фонтана на Градски парк | 20:00

- Концерт на Драган Теодосиев трио (Благојче Томевски – кларинет; Стефан Миладинов – електрична гитара; Драган Теодосиев – тапани)

- Разговор на Јордан Шишовски и Мариглен Демири

29 септември, петок:

Јавна соба | 20:00

- Групна изложба на колективот Matrijaršija од Белград

- Концерт на Crno dete (Damjan Brkić – електрична гитара; Milan Bukejlović – тапани; Tomislav Marjanović – саксофон)

- Концерт на Sethstat (Васко Бојаџиски – саксофон; Владан Дробицки – тромбон; Панче Бујуклиев – синтисајзери; Павел Дробицки – бас гитара; Гоце Наумов – тапани)

Предпрограма

26 и 27 септември, вторник и среда:

Просториите на „Партизанска штампа“ | 15:00 – 19:00

- Работилница на тема ресоздавање/редизајн на постери на филмови и корици на музички албуми. Работилницата ќе ја водат Билјана Димитрова и Милош Стојановиќ од „Партизанска штампа“.

25 и 26 септември, понеделник и вторник:

Кинотека на Македонија | 16:00 – 20:00

- Работилница за реимагинација на македонска и светска филмска музика. Работилницата ќе ја води реномираниот македонски џез музичар Јордан Костов.
(За работилниците може да се пријавувате на aksiomango@gmail.com или со порака на Фејсбук профилот на Аксиома.)

26 септември, вторник:

Буква | 21:00

- Јордан Костов ад-хок бенд (концерт кој ќе произлезе од учесниците во работилницата за реимагинација на филмска музика)

Сите настани се бесплатни, освен концертите на Crno dete и Sethstat, за кои ќе се наплаќа билет од 300 денари (до 28 септември, а на денот на концертот, билетот ќе чини 400 денари): https://bileti.mk/e/omnibustopija
Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република С. Македонија.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Информации за учесниците и настапите

Sethstat се најдолговечниот македонски џез состав. Постојат повеќе од 30 години, а оваа година слават јубилеј: 30 години од издавањето на нивниот прв албум. Во текот на своето постоење изградиле специфичен и препознатлив џез стил – хибрид од модерен џез, њу-џез, пост-рок, фри џез, фанк, електронска и амбиентална музика, авангарда, минимализам исл. Одлично „потковани“ за речиси секој џез стил којшто некогаш се појавил, никогаш не се воздржувале да експериментираат со разновидни музички изрази, кои суптилно ги инкорпорирале во своите албуми и настапи во живо. Нивната техничка експертиза и разновидните музички влијанија создаваат воодушевувачки оригинален материјал и амбициозни, интерпретативни џез стилови. Динамиката, умешноста, хемијата меѓу членовите на бендот, сложените аранжмани, синкопираните џез-фанк ритми и хипнотичките бас линии, како и брилијантните аранжмани на дувачките инструменталисти го претставуваат бендот во неговото најдобро издание. Интересните вкрстувања меѓу различни жанрови и звуци го поткопуваат секое очекување во однос на структурата и мелодијата на нивните комозиции. Во 2004 година, нивната композиција „MVP“ од албумот Rolling Garage беше број 1 на листата Топ 200 преземања на најпознатиот светски веб сајт за џез музика All About Jazz. Во јануари 2022 година, нивниот албум во живо, White Night беше избран меѓу најдобрите џез албуми за тој месец во светски рамки на музичката платформа Bandcamp.

Дискографија:

Seth Makes Sense, Bagi Records, 1993 година;
Within Yourself, SJF Records, 1996 година;
Stat, SJF Records, 2000 година;
Rolling Garage, SJF Records, 2004 година;
Korab, SJF Records, 2011 година;
Petite Cinématique, ODA Music, 2013 година;
Се плашам од Македонци (заедно со Мирко Попов и Никола Коџабашија), 2015 година;
In C (заедно со Fighting Windmills), PMGJazz, 2018 година;
IX, PMGJazz, 2019 година;
Доцен час Live (заедно со Мирко Попов), PMGJazz, 2020 година;
White Night: Live at PMG Recordings Festival 11, PMGJazz, 2021 година;
Соба 107, PMGJazz, 2022 година;
https://pmgjazz.bandcamp.com/

Специјално за Омнибустопија 5, ќе се претстават само со слободни интерпретации/импровизации на туѓи песни: Херби Хенкок, теми од Mission Impossible, Отпишаните идр.

Crno dete се појави 2011 година како проект на еден човек (Дамјан Бркиќ: електрична гитара и ритам машина), набргу потоа стана дуо (на тапани се придружи Милан Букејловиќ), а од неодамна и трио (саксофон: Томислав Марјановиќ). Во својата тричлена инкарнација, тие свират инструментална музика, најчесто создадена за време на самата изведба, без претходен договор или подготовка. Нивниот звук е спој на рок кој е ноиз, џез кој е панк и фолк кој е турбо.

Дискографија:

Riffs (2012 година)
Dževad (2014 година)
Zlatne stvari (2016 година)
Neponovljivo (2017 година)
Sv. Prompt (2023 година)
https://crnodete.com/
https://crnodete.bandcamp.com
https://www.instagram.com/stauradicrnodete/

Драган Теодосиев трио е млад македонски џез состав кој создава уникатен хибрид помеѓу балканската и блиско-источната традиционална музика, од една страна, и авангардната џез традиција, во многуте нејзини варијации, од друга страна. Сите членови на составот се особено талентирани во она што би можело да се определи како шаманистичка импровизација, длабоко вкоренета во ритуалната музика на македонскиот исток. Нивниот втор албум беше снимен во живо на фестивалот „Крај Вардарот џез“, каде тие се претставија со авантуристичка и фри-џез интерпретација на традиционалната македонска музика. Би можело да се каже дека ова трио претставува драгоцен камен кој допрва ќе биде откриван на домашната, регионалната и (зошто да не) светската експериментална етно-џез сцена.

Дискографија:

Rural, PMGJazz, 2020 година;
Soilwork, PMGJazz, 2022 година.
Само за овој концерт, ќе отсвират свои слободни импровизации на теми од широкиот опус на музичарот „без татковина“ Stephan Micus.

Matrijaršija постои од 2014 година, кога се здружија две формални групи (Turbo Comix и Artiljerija) и неколку неформални групи, помогнати од постојаната соработка со здружението Art Brut Serbia, заедно со неколку блиски пријатели и бројни соработници. Збунувачката (анти)структура на Матријаршија ја вклучува екипата од Novo Doba фестивалот и неговата дистрибутивна мрежа Fijuk, како и неформалните уметнички колективи Mubareć, Dedice и Bitlsti. Овој чуден сплет на околности создаде простор за вонинституционална, неврзана, маргинална и аутсајдерска уметност, наменета за автори кои себеси не се перципираат како уметници, кои беа дискурзивно и фактички надвор од границите на постоечките можности кои ги нудеше уметничкиот свет, па дури и надвор од она што се сметаше за возможно. Матријаршија, според тоа, претставува непостоечко место – она што се случуваше пред можноста и замислата на нејзиното постоење, всушност се случувало со години, и иако Матријаршија се појавува како сосем природно продолжување на тие активности, тие можеле да се случат на друго место, на поинаков начин. Иако можеби не беше јасно од самиот почеток, денес е извесно дека целта на Матријаршија е да стане моќен генератор на турбулентна уметност (специфични визуелни и музички уметнички практики, наклонети кон уметници кои работат надвор од постоечкиот ригиден систем на образование, создавање и презентација на уметноста) и на различни начини на комуникација со публиката.
https://www.matrijarsija.com/

https://www.instagram.com/matrijarsija

Јордан Костов е сестран музичар, хармоникаш, композитор, импровизатор, аранжер, продуцент и пијанист. Тој е уметник кој се соочил со предрасудите и го надминал стравот од конвенционалната креативна комуникација со глобалниот свет, создавајќи своја уникатна музика и музички изрази кои упорно се борат со комерцијалната музика. Со слободен пристап кон музичките форми, авангардната музика на овој сестран композитор и хармоникаш се движи низ испреплетените крстосници на џезот и светската музика, истовремено негувајќи го влијанието на класичните композитори и задржувајќи ја врската со македонската музика и нејзините егзотични скали и ритми. Музиката на Костов може да се окарактеризира како надреална, церебрална, необична и мрачна, додека неговата современа композиторска работа честопати вклучува невообичаени инструменти, отворени импровизации, па дури и електронски звуци кои помагаат да се истражат нови и непознати димензии на музицирање и интерпретација. Неговите музички настапи вклучуваат соло изведби, мали џез групи, но и биг бендови, различни неконвенционални ансамбли и музички состави.
https://yordankostov.com/
https://kinggong.bandcamp.com/music
https://www.instagram.com/deunkcroc/

Мариглен Демири е магистер по современа филозофија. Моментално работи како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк – Скопје“. Автор е на книгата Адорно, музика и субверзија и коавтор на Национализмот во(н) контекст: соработката на Албанците и Македонците од Илинденското востание до Народноослободителната војна. Учествувал во многу истражувачки проекти, во политички и научни организации како „Солидарност“, „Институт за европска политика - Скопје“, „Институт за општествени и хуманистички науки - Скопје“ итн. Основач е на бројни иницијативи и политички организации, како „Ленка“, „Солидарност“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“.

Јордан Шишовски моментално работи како професор на Факултетот за архитектура и дизајн, при Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје како предавач на повеќе предмети од областа на теоријата на архитектурата, историјата на архитектурата и уметноста, методологијата на научното истражување, критичкото размислување и академското пишување. Учествувал во бројни домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти, а бил и помошник уредник на стручното списание „Идентитети – списание за политика, род и култура“, меѓународно рецензирано списание, во издание на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје. Работел на неколку значајни истражувачки анализи за работничките права, за предизвиците на македонската демократија, за граѓанските организации, слободата, застапувањето и претставувањето. Автор или коавтор е на десетици научно-истражувачки трудови и на книгата Хајдегер: техника, поетика, домување. 

ОкоБоли главаВицФото