Францускиот филозоф и антрополог Бруно Латур почина на 75-годишна возраст

10.10.2022 11:46
Францускиот филозоф и антрополог Бруно Латур почина на 75-годишна возраст

Бруно Латур се сметаше за еден од највлијателните и најрадикалните живи филозофи во Франција, чија работа за тоа како човештвото ја перцепира климатската вонредна состојба доби пофалби и внимание ширум светот. Неговиот голем обем на работа се движи од филозофија и социологија до антропологија.

Тој е добитник на наградата Холберг, позната како Нобел за хуманистички науки, во 2013 година, кога беше окарактеризиран како „креативен, имагинативен, разигран, хумористичен и – непредвидлив“ дух.

Латур ги анализираше различните начини на разбирање на климатската вонредна состојба и начините на кои за неа се комуникацира во општеството. Во Face à Gaïa, серија од осум предавања објавени во 2015 година, тој дава осврт на тоа како одвојувањето помеѓу природата и културата овозможува негирање на состојбата со климата.

Покрај другото, Латур ќе остане запаметен и по тоа што тој го повика општеството да учи од пандемијата на Ковид, „глобална катастрофа што не дојде однадвор како војна или земјотрес, туку од внатре“.

Во 2020 тој изјави за Обсервер: „Она што ни треба не е само да го измениме системот на производство, туку и целосно да излеземе од него. Треба да запомниме дека оваа идеја за врамување на сè во релација со економијата е нова работа во човечката историја. Пандемијата ни покажа дека економијата е многу тесен и ограничен начин на организирање на животот и одлучување околу тоа кој е важен, а кој не. Кога би можел да сменам една работа, тоа би било да излезам од системот на производство и наместо тоа да изградам политичка екологија“.

Неговите револуционерни книги, „Лабораториски живот“ (1979), „Науката во акција“ (1987) и „Никогаш не сме биле модерни“ (1991) понудија револуционерни сознанија за, како што ќе рече, „вклученоста на историјата на човечкото учество во создавањето на научни факти и вклученоста на науките во создавањето на човечката историја“. Во тој контекст, едно од неговите најконтроверзни тврдења е тврдењето дека Луј Пастер не само што открил микроби, туку и соработувал со нив.

Во средината на 1990-тите Латур учествува во жестоки дебати помеѓу „реалистите“, кои веруваа дека фактите се целосно објективни, и „социјалните конструктори“, како него, тврдејќи дека фактите се креации на научниците.

„Мислам дека бевме многу среќни што ја развивме целата оваа критика бидејќи бевме толку сигурни во авторитетот на науката“, ќе рече тој за Њујорк Тајмс.

Покрај неговата истакната работа во академските сфери, вклучително и професорските места во École des Mines de Paris, Sciences Po Paris и Лондонската школа за економија, Латур беше вклучен и во уметничкиот свет. Тој ги курираше изложбите Iconoclash (2002) и Making Things Public (2005) во Zentrum für Kunst und Medientechnologie во Карлсруе, Германија.
Исто така, соработуваше со истражувачот и режисер Фредерик Аит-Туати на неколку театарски проекти како што се „Глобалниот циркус Гаја“ во 2013 година и предавањето за изведба „Внатре“ во 2017 година, користејќи го театарот како начин да разговара за сè, од микробиологија до демократија.

Во февруари 2020 година, Латур го постави „Moving Earths“, уште еден спој на перформанс и предавање кој го прикажа „социјалниот и космички поредок кој тече кон паралелен политички и еколошки колапс“.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Наука / Култура / Теорија
Општество / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Наука / Теорија / Историја
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото